На денешното претставување на т.е. „Програма за европска иднина“ и кандидатите за пратеници на СДСМ и Коалицијата, носителот на листа во ИЕ4 Венко Филипче говореше за подобрување на финансиската состојба на здравствените работници. Тој најави дека веќе е започнат успешен процес на обезбедување европски услови за нашите здравствени работници преку покачување на платите, платените специјализации и едукацијата.
„Одливот на кадар е предизвик за целиот регион, многу од нашите таленти ја бараат својата можност во странство. Сега нашата цел е да го надградиме овој модел и обезбедиме враќање на дел од македонските лекари од странство. Ќе понудиме европски плати за лекарите кои што сакаат да се вратат да работат и да ги едуцираат идните млади лекари дома“, рече Филипче.
Иако, како што рече, планот за следните четири години е амбициозен, тој е и реален и насочен кон клучните проблеми и реформи потребни во здравството. Во таа насока, поранешниот министер за здравство се обврза дека во следниот мандат платите на сите здравствени работници значително ќе се покачат, откако вкупните примања на лекарите специјалисти се повеќе од двојно зголемени.
„Платите за специјалистите ќе се зголемат во терциерното здравство до 180.000 денари, во секундарното здравство до 140.000 денари, на општите лекари до 120.000, на медицинските сестри со висока школа до 90.000 денари, а на оние со средна 60.000 денари“, кажа Филипче на денешниот настан.
Тој потенцираше дека ова е правична компензација за оние кои ги посветуваат своите животи за спасување на другите.