Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски во интервју за РТЛ кажа дека паѓа поддршката за ЕУ поради чекањето за влез веќе 20 години.
„Паѓа драстично поддршката. Во последните две години таа поддршка е преполовена. Ние секогаш сме биле со високи проценти, до дури 90% за влез во ЕУ. Сега кога ќе ги прашате Македонците, особено дали Македонија треба да стане членка на ЕУ под овие услови, 80% ќе кажат НЕ“, вели Пендаровски.
Според Пендаровски причина за тоа е што Бугарија од нас го бара невозможното.
„Сосема неочекувано за нас, пред 3 или 3 и пол години, Бугарија побара меморандум, документ во кој го бараше невозможното. Затоа што тоа не се случува во нормални општества, барем не во Европа. Бугарија побара да си го смениме идентитетот. И како Бугари да влеземе во ЕУ. Ова наиде на чудење од другите земји од ЕУ, претставниците, амбасадорите во Брисел, но останаа на тоа. Влегоа со неевропска, анти-европска политика и се обидоа да решат некои билатерални спорови според нивниот историски наратив. Опозицијата, која се обиде на таа карта да освои поени кај граѓаните, за жал успеа ова прашање да го направи главна предизборно и изборно прашање. Тие велат не не не, нема компромис со Бугарија, а тие гласови ни требаа во парламентот затоа што е потребно двотретинско мнозинство за промена на Уставот и на сите тие амандмани. Не успеавме да го направиме тоа и сега ние сме во самоблокада, така да се каже“, рече Пендаровски.
За европските партнери македонскиот претседател Пендаровски вели дека е разочаран во некои високи функционери, не само на ЕУ, туку и на одделни земји.
„Не би сакал да ги именувам земјите, не ми личи како претседател на државата. Но очекувавме многу повеќе од најсилните земји од ЕУ во оваа насока, дека не можат да ја убедат Бугарија да не пушти да влеземе без овие несоодветни услови. Во тоа никој во Македонија не може да верува. САД, кои не се членка на ЕУ, беа многу поактивни во овој период и против Бугарија и против Брисел како што направија некои членки на ЕУ“, вели Пендаровски во интервјуто за РТЛ.