ССМ на протест со жолт картон за судиите во врховниот суд


Сојузот на синдикати на Македонија денеска пред Врховниот суд во Скопје одржа протест изразувајќи незадоволство од одлуката што судот ја донесе за одземање на Работничкиот дом.

„Денеска од зградата на Работничкиот дом, симболот на работничкото движење, местото каде што се донесени сите важни одлуки за работниците, местото каде што започнале сите штрајкови и протести, дојдовме пред Врховниот суд, да им го завртиме грбот и да им покажеме жолт картон на оние судии кои ја донесоа срамната пресуда за конфискација на Работничкиот дом“, изјави претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов.

Претставниците на различни синдикати со знамиња во рацете и со свирки го изразија незадоволството од судската одлука за конфискација на Работничкиот дом. Протестот почна од пред Работничкиот дом, а продолжи да се движи кон раскрсницата каде се наоѓаат судовите. Демонстрантите се задржаа на средина на раскрсницата половина час, а потоа се упатија пред Врховниот суд. Покрај нивните извици, се слушаше и песната „Бела чао“.

„Тројца судии сакаат да направат штета на целокупното работничко движење во Македонија, да го укинат Сојузот на синдикатите на Македонија, да го направат да молчи и да биде понизен. Не може на слободно судско убедување да одземаат имот кој работниците почнале да го градат во 1958 година врз основа на закон од 1998 година. Вакво чудо нема никаде во светот, суд со пресуда на работници кои двоеле од лебот, од синдикалната членарина и изградиле дом, да го одземаат и да го даваат на државата за да потоа државата да може да го раскрчми“, рече првиот синдикалец.

Врховниот суд на 9 ноември лани донесе пресуда со која Работничкиот дом му се одзема на ССМ по што раководството на ССМ побара оставка од судиите што ја донесоа одлуката и поднесе предлог за нивно разрешување до Судскиот совет. Синдикатот бара најдоцна до 1 мај Врховниот суд да ја преиначи пресудата. На 18 април е закажано рочиштето во Основниот суд, кој треба да го препрати барањето до Врховниот суд, кој треба да одлучува по него.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи