Вчеравечер како носител на Изборната единица 4, Венко Филипче го посети Општинскиот изборен штаб во Валандово. Оттаму порача дека по објава на носителите за претстојните парламентарни избори, СДСМ добива зголемена и силна поддршка на терен.
„По една недела на терен и средби со граѓани, морам да истакнам дека се чувствува обединетоста и мобилизација на гласачите на СДСМ кои се спремни повторно да ни дадат поддршка. По објавата на носителите и листите, очигледна е промената во расположението и тоа треба да не мотивира. СДСМ понуди одлични кандидати наспорти ВМРО-ДПМНЕ која понуди слаба листа, инкриминирани носители кои немаат поддршка во овој регион, но и пошироко“, рече Филипче.
Тој оцени дека СДСМ може да има подобар резултат од локалните избори пред две и пол години и ги мотивираше членовите да излезат на терен и чесно да ја претстават понудата на СДСМ пред граѓаните. Филипче рече дека е доблесно да признаат онаму каде што партијата погрешила и тоа е одлика на големите партии. Тој исто така потсети дека граѓаните се сведоци на сите реформи, антикризни мерки и сите достигнувања во меѓународните рамки, наспроти она на кое работеше опозицијата.
„Со огромна сума на пари во форма на мерки, со многу одговорен однос кон граѓаните кои беа силно финансиски погодени, Владата успеа да изменаџира три кризи, притоа решавајќи многу сериозни проблеми за државата. Овој одоговорен пристап ни дава за право со крената глава да бараме повторно поддршка. Дел од работата на СДСМ, заради кризите и тешките стратешки одлуки на меѓународен план, за жал остана недоволно искомуницирана. Сега е време да излеземе на терен и од човек на човек да ја промовираме нашата програма и резултатите.“, потенцираше Филипче.
Тој посочи дека СДСМ по седум години владеење направи и грешки кои чесно треба да се признаат. Тој верува дека граѓаните веруваат и знаат дека СДСМ имаше искрени намери и не се криеше во најтешките моменти кои ги помина државата, додека ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотреби секоја криза и блокираше сè што е во интерес на граѓаните за свој политички интерес.
„Лоша Влада се формира кога добри луѓе ќе останат дома и нема да гласаат или ќе гласаат само за да казнат некоја партија. Ние тоа мораме да го пресретнеме, да го искомуницираме и да им кажеме на незадоволните дека сме тука и да се корегираме таму кадешто треба, но дека нема друга опција освен СДСМ за државата да продолжи напред.“, рече Филипче
Лажните патриоти од ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да ги манипулираат граѓаните, истакна тој. Цели седум години како опозиција не собраа храброст искрено да ги кажат своите намери за иднината, да поддржат барем една мерка во интерес на граѓаните, да направат барем еден државнички потег. ВМРО-ДПМНЕ е партија на опортунисти кои ги интересира само власта и ништо друго.
„Ги слушам по телевизии кажуваат едно, на состаноци во партија кажуваат друго, а во амабасади трето. Едвај чекаат да го преживеат овој период до изборите лажејќи на сите страни само за да не ги откријат во виситинските намери. Наша обврска е да ги разоткриеме лажните патриоти. ВМРО-ДПМНЕ не носи никаква промена. Никој не верува дека подобро ќе владеат и затоа СДСМ има шанса да оствари добар резултат.“ – истакна Филипче.
Филипче рече и дека со добрите локални политики во Валандово и Дојран, СДСМ покажа што значи вистинска грижа за луѓето, споменувајќи ги успесите во нивните локални мандати како изградба на браната на Хидросистемот Конско, рехабилитацијата на системот за отпадни води во Дојран, изградбата на канализацискиот систем за фекални води во Валандово и многу други.
На крајот Филипче порача дека СДСМ секогаш има искрени и чесни намери и јасна визија да ја направи оваа држава подобро место за живеење, повикувајќи го членството да биде тимот кој е спремен да се бори до крај.
„Ајде да бидеме таков тим. Да се зафатиме со работа, рамо до рамо, за нашата партија, за нашата заедница и за подобра иднина во која сите веруваме. Промената што ја ветивме пред седум години мора да ја завршиме“, заклучи Филипче.