ВИДЕО – Пендаровски: Ако Македонија не стане членка на ЕУ сами нема да може да ја спречеме миграцијата, ова е единствениот исправен пат за нас


Болката на сите ни е таа, децата и внуците ни одат надвор затоа што овде ја немаат вистинската шанса. Нема место каде не сум поминал, нема граѓанин со кој што сум се сретнал, а да не ме прашал како тоа барем да го намалиме. Иселувањето е еден глобален феномен, го има и во најбогатите држави. Им велам, најдобро е ако тоа го правиме здружени со другите, побогати, поуспешни со нас во Европа, затоа што ако Македонија во догледно време не стане членка на ЕУ, сами со овие сили, капацитети и потенцијал сами не ќе можеме тоа да го спречиме во поголем процент, истакна на вечерашниот митиг во Прилеп, кандидатот за претседател на СДСМ, Стево Пендаровски.

„Затоа е императивно, на достоинствен начин, како што тоа го направивме за НАТО, да влеземе во ЕУ, а сите предуслови за тоа се пред нас. Не треба ништо да си одземеме од тоа кои сме и што сме, јазикот ни е гарантиран, идентитетот ни е гарантиран, оваа политичка структура после 17 години преговори и во еден дел таканаречени преговори, бидејќи властодржците не сакаа да преговараат додека си ги чуваа фотелјите и парите, ги започна преговори и ја отвори првата конференција со ЕУ. За жал, затоа што нашиве квазипатриоти на другата страна имаа поинакви планови, де факто од различни мотиви се разбира, се усојузија со Бугарите. Бугарската политика направи катастрофална грешка према нас Македонците и кон Македонија, за жал нашиве домашни таканаречени патриоти, од свои причини, за да се дограбат до власта побрзо, а после ќе му ја мислиме, практично се солидализираа и ги поддржаа напорите на таа наша комшивка која не‘ блокираше.

Ние мораме да направиме се‘ после овие избори, после парламентарните, со новиот парламент, новата влада и новиот претседател тоа да го деблокираме, затоа што не ни се пишува добро ако самите се обидуваме оваа бела чума да ја спречиме. Децава овде ќе имаат шанса да останат, да просперираат, да се вработат, да формираат семејства само и само ако имаат услови за пристоен и достоинствен живот.

Во овој момент, ние имаме направено реално голем исчекор во однос на она што беше пред 5 или 10 години, и во економската сфера, но со 640-650 евра просечна плата тука објективно можностите се лимитирани. Со пристап до европските фондови, можеме и убеден сум за 4 до 5 години да го дуплираме стандардот на секој македонски граѓанин, затоа што тоа го покажуваат примерите на сите држави кои претходно влегле во ЕУ. Гледајте ги нашите источни соседи, пред 10, 15, 20 години бевме за нив Калифорнија, бевме Америка, денеска просечната плата во Бугарија е 950 евра, само и само затоа што се таму.

Гледајте ги бившите југословенски републики кои влегоа, Хрватска и Словенија, кои беа напредни и во она време, меѓутоа со помош на ЕУ напредуваа далеку побрзо и далеку повеќе.

Јас ве уверувам дека овој концепт што го зборувам 10-тина години наназад, поддржан од многумина од вас е единствениот исправен пат за Македонија ако сакаме наскоро да бидеме една пристојна и јас би рекол здодевна европска држава и демократија.

Сакам да ве предупредам и на една опасност која ја нуди, која доаѓа од опозиционата страна, зборувам за главната опозициона партија, која нуди враќање назад. Ниту еден договор од овие што ги спомнавме, кои не‘ направија дел од нормалниот и просперитетен и безбеден свет, ниту еден не им чини. Дали верувате дека 23 после Рамковниот договор тие би сакале да го менуваат и тој договор, кој ја спречи војната, овде на плоштад имате жртви од таа војна, знаете подобро од мене. Дали ви се верува дека сакаат после Преспанскиот договор да го враќаат и тоа назад, затоа што им пречи името Северна Македонија, а не им пречат функционерските плати што ги земаат како пратеници и како градоначалници со Северна. Па што не ги вратат мандатите на луѓето ако им пречи Северна? Не им пречи Северна, сакаат да дојдат на власт!

Почитувани, дилемата е јасна, понудите кои ги имате пред вас на маса се јасни, тоа се црно и бело, тоа се такви контрасти да не треба воопшто да се фалиме нешто посебно. Имајте во предвид, од сите вас, не само заради мојот избор, заради вашата заедничка подобра иднина, заради нашиве дечиња што ги гледаме да живеат во поубава држава, очекувам масовна мобилизација за гласање уште во првиот круг, на 24ти, затоа што резултатот на 24ти ќе ни каже кој ќе биде победник и на 8ми“, истакна Пендаровски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи