ВИДЕО – Ванковска од Прилеп: Излегување од НАТО, раскинување на договорот со Бугарија, оспорување на Преспанскиот договор


Значи настапуваме со прашање не дали Бугарите во Устав или не, туку со сосема нов Устав, бидејќи овој практично продуцира еден нефункционален политички и уставно-правен систем. Потоа имаме во план раскинување на договорот со Бугарија, тука нема дилема, тоа е најлесната формално правна задача што може еден претседател да ја направи. Преспанскиот договор исто така ќе биде предмет на преобмислување, односно оспорување во периодот што следува, истакна денеска во Прилеп, кандидатот за претседател на Левица, Билјана Ванковска.


„Се разбира станува збор за 5 годишен мандат во кој едно по едно многу болни и многу сериозни прашања ќе се случуваат и можеби она што можеби дефинитивно ме дефинира мене како кандидат е постапката за излегување од НАТО, затоа што според мојата проценка и како професор и како сега во политичка функција, светот влегува во една нова фаза на редефинирање на меѓународните односи, меѓународната безбедност и мислам дека на Македонија не и треба инвестирање во туѓи војни, во империјално име и никако ниту нашиот буџет, ниту нашите деца се за туѓи боишта. Така да тоа исто така ќе биде една од работите која ниту еден кандидат нема да ја предложи.

Целото шпекулирање со таканаречен меѓународен фактор е всушност зборување за западниот фактор. Светот се менува, јас можам да зборувам во свое сопствено име, за време на парламентарните избори ќе зборувате со претставниците на парламентарната партија Левица, но се сложуваме дека станува збор за нужност од мултивекторска надворешна политика, која нема да создава, ниту да потпаѓа под влијанието на Студената војна која ни се наметнува дека ако не сте со нас, вие сте против нас. Нема да правиме наши и ваши, туку ќе отвораме порти и ќе создаваме пријателства ширум светот, особено на економска основа. Политиката ја тргаме настрана, во смисла каков устав да донесеме, како договори да склучиме, какви билатерални односи да имаме со соседите, тоа е наша работа, меѓутоа мултивекторската политика ќе биде во економијата и во она што нам најмногу ни треба, а тоа е развој, тоа е инвестиции. Најголемата сила во светот на економски план е Кина и многу други економии од БРИГС.

Преспанскиот договор беше потпишан од ненадлежни носители на функции, согласно Уставот само претседателот може да потпише таков договор. Тој е невалиден, ништовен и постои Виенска конвенција според која ние ќе се повикаме, членот 53, во кој практично и на нашите соседи и на нашите партнери ќе им објасниме дека се крши задолжителното меѓународно право Ius Cogens и ние по таа основа имаме право да бараме тој договор едноставно да не биде дефиниран на начин кој нас не‘ понижува и веќе не‘ доведе во една незавидна положба, а за возврат не добивме ништо.

Нашата кампања е таква какви што сме и ние, ние сме партија од народот за нарадот, од сиромашните, од обесправените, дури ако сакате од оние кои се уште градат храброст да кажат каде припаѓаат, каде идеолошки се позиционираат. Затоа се важни овие директни средби, секој од овие наши поддржувачи околу себе го шири позитивниот тренд и добрата вест за тоа што може Левица, што може Ванковска. Средбите се топли, се срдечни, се непосредни, некогаш трогателни и со емоции затоа што луѓето имаат потреба. Кога сте на митинг и на голема бина вие тие доле не можете да ги чуете, но кога сте на исто рамниште со нив разговарате со живи луѓе, па и кај мене ќе протече солза и кај нив, ќе се разбереме и ќе светиме дека сме заедно на еден брод кој дефинитивно тоне“, потенцираше Ванковска.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи