Јанко Хасаноски од Крушево е само еден од 80.000 корисници на ниво на Македонија на Општинско – корисната работа која се импелементира уште во 2012 година и во неа до денес се ангажирани околу 5.000 невработени лица. Тој добива секојдневна помош околу работи кои му се тешко сам да ги направи.
„Ми помагаат во носење на храна од народната кујна, за набавки на лекови на други стоки за прехрана, за некои работи што се поврзани со уредување на куќата“, вели Јанко Хасаноски, корисник на Програмата за Општинско – корисна работа во Крушево.
Преку Програмата за Општинско – корисна работа досега се даваат над 13 различни социјални услуги, за различни целни групи, и тоа стари и изнемоштени лица, лица и деца со попреченост, жени, Роми, млади невработени лица и други. Но досегашното искуство покажало дека е потребно имплементирање на нов тип на социјални услуги, со нов тип на сервиси, но и мапирање на нови целни категории на ранливи групи.
„Имаме интересни примери каде што се повеќе се говори за одвикнување на некои пороци на младите лица, на искористување на потенцијалот кои го имаат нашите сограѓани од третото доба и да се стават во подучување на младите, организирање на групи на самоподдршка помеѓу најразлични ранливи категории“, истакна Наумче Ташовски координатор на Програмата за Општинско – корисна работа.
Од Општинско – корисната работа се има двоен бенефит и корисниците, но и давателите на услугата кои потоа побрзо се снаоѓаат на пазарот на труд и побрзо се вработуваат.
„Овие инфо средби се еден убав начин за да можеме да се доусовршиме, односно да најдеме нови начини за да се таргетираат нови специфични крајни групи на ранливи категории и нови начини како да се дава услуга на крајните корисници“, додаде Елена Илиеска, општински проектен координатор на Општинско корисна работа – Крушево.
„Во домашни услуги се дава нашата услуга која се вика помош и нега на лица со Алцхајмерова болест. Друга мерка која ја користиме преку УНДП е едно лице вработено како линк помеѓу граѓаните повратници од ЕУ државите, претежно Роми, кои имаат потреба од остварување на правото за социјална заштита, искористување на правата во делот на здравството социјална услуга и образование“, кажа Сами Ајдини, здружение „Рома Перспектив“ – Прилеп.
Во Крушево се одржа работилница токму на тема детектирање на потребите на новите иновативни социјални услуги на граѓаните кои би се имплементирале во иднина.