Теренски акции за имунизација во Прилеп и прилепско

Во пресрет на неделата на имунизација, во Прилеп во тек се акциите за теренска имунизација низ градот и населените места во регионот и за подигнувањето на свеста од потребата за вакцинација на децата како најсигурна заштита од заразни заболувања и болести. Акцијата ја спроведуваат екипите од Диспанзерот за вакцинации при прилепскиот Здравствен дом. Се работеше во населбата Тризла, каде живее ромското население, а акции ќе има во Долненско и други населени места.

Генерално во Прилеп процентот за вакцинирани е преку 90 отсто, меѓу ромското население е околу 70 проценти.

„Потребни се овие акции, а и почесто присуство во населбата Тризла. Но има проблеми поради несоодветни адреси или непристапност“, вели медицинската сестра Јасмина Талеска при теренската акција во населбата Тризла.

Се јавуваат проблеми и поради тоа што дел од децата не одат на училиште или не се во системот.

„Со оддалечените населени места немаме некои посебни проблеми. Комуницираме телефонски со жителите. Проблемот претежно е во ромски населби, бидејќи немаме пристап до тие деца, адресите не се соодветни, а ние немаме курирска служба за да ги пронајдеме. Ни помагаат и невладините организации, да ги пронајдеме преку здравствен медијатор, а има деца кои немаат никаква документација, не се вклучени во образовниот систем и тие се оние кои треба да ги пронајдеме“, вели д-р Верица Какараскоска Петреска, педијатар во диспанзерот за вакцинации при Здравствениот дом во Прилеп.

Ќе се спроведат 12 теренски акции во прилепско. Почнаа од 15 април и продолжуваат и во наредните две недели.

Во прилепскиот регион досега се регистрирани два случаи на голема кашлица кај петмесечни бебиња и тоа со добиена прва доза вакцина. Првиот од селото Дебреште, вториот од населеното место Житоше, долненско. Тие се во добра состојба. Епидемиолозите очекуваат изолирани случаи, но не и разнишана епидемиолошката состојба. Генерално, во Прилеп процентот на имунизација е преку 90 отсто.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи