Беџет Исламоски, од прилепското село Канатларци е еден од поголемите земјоделци не само во Пелагонија туку и во цела Македонија. Обработува окјолу 150 хектари земја засадена со пченица, сончоглед, пиперки, тутун и бостан. Секоја година постојано го зголемува своето производство, но за жал тој е еден од ретките вакви примери во државава. Во последниот период се почесто земјолдеците, а особено младите ја напуштаат оваа гранка. Само во прилепско над 30% од обработливите површини се празни, а во други региони можеби и повеќе. Според Исламоски причина за ова е што нема загарантиран пласман и откуп на ништо освен за тутунот.
„Само со гарантирана цена ќе има успех, многу не уценуваат млинарите зошто нема гарантирано цена и нашата пченица ни ја кудат дека немала квалитет. Најмногу имаме мака тоа што не уценуваат со пченицата дека немаме квалитет, српската била попдобра. Исто така многу увезуваат српско брашно и млинарите ни викаат како да ви платиме пченицата кога има други дилери што увезуваат, а ние купуваме пченица произведуваме од нашето брашно, македонското стои увезуваат странско брашно. Со сончогледите лани имаше убава цена оваа година веднаш ни ја турнаа. Сега Благој Ѓорев и Агрофила се двајца откупувачи, но еве со сончогледот толку мака не тргаме ама бараме да има гарантирана цена, зошто да се увозува масло од странство кога ние можеме да произведуваме сончоглед па да имаме и масло.
Сo другите земјоделски производи каква е ситуацијата?
Моментално најубаво е да речам, бараме ние земјоделците како што е тутунот. Пример еве склучив договор со гарантирани цени. Па, ми одговара, лани имав педесет декари, оваа година планирам да имам шеесет декари, значи гарантирана цена, склучен ми е договор, спрема цените би одлучувал да ризикувам, да произведувам и аргати и се“, изјави Беџет Исламоски, земјоделец.
За тоа дека Македонија се помалку произведува храна и од година во година е се повеќе увозно зависна земја говори и фактот што само лани, според податоците на Државниот завод за статистика сме дале скоро 1 милијарда евра за увоз на храна. За 10 години увозот на храна е зголемен за фрапантни 88%. Според професорот Драги Димитриески од Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје причините за овие негативни трендови се долгогодишни.
„Слаби врски би рекол, не соодветни врски во целиот вредносен синџир од примарен производител до краен потрошувач. Она што се случува и за кое што најчесто земјоделците реагираа во минатите години тоа е нивната слаба пазарна моќ, им беа наметнувани и цените и условите на пазарот и сето тоа доведуваше да на крајот она што крајните потрошувачи пак сега го плаќаат соодветно да не се враќа кај примарните производители. Цените на инпутите она што е трошок за земјоделците растеа со еден поинтензивен тренд, а тоа не го следеа цените на финалните производи на она што производителот треба да го продаде и кога ќе ја направи таа разлика да обезбеди доход, да остане за тој да може да обезбеди егзистенција за семејството. Ваквата состојба доведува до напуштање дополнително на земјоделството“, истакна професорот Драги Димитриески.
Ако Македонија во 90-тите имала 660.000 хектари обработливо земјиште сега тоа е околу 500.000 хектари, па можеби и помалку. Од околу 2 милиони овци сега имаме околу 500.000 грла, од 250.000 грла говеда бројката е падната на не повеќе од 100.000, а исто така големи намалувања има и по тоа што како земја бевме познати, раноградинарските култури. Од друга страна пак во последните 15 години сме потрошиле како држава 1.5 милијарди евра за субвенции. Според Димитриески целата аграрна политика е погрешна.
„За жал многу малку од тие вкупни милијарда и пол и повеќе средства се вложени во програмата за рурален развој, најголем дел од средства кај нас одеа во програмата за дирекни плаќања, она што народот го знае како субвенции. Земјоделците го знаат како субвенции и тоа по единица капацитет по хектар или по грло, по остварен производ што е уште би рекол ценовна поддршка по остварен производ по литар или по килограм каде што пак дополнително ние не ги стимулиравме само земјоделците него тие средства индирекно некако завршуваат и кај откупувачите. Сето ова значи доведува да тие средства да завршуваат како средства со кои што на некој начин се чува социјалниот мир, а не одат во она што требаше вистински да се оствари, да се обезбеди конкурентност. Да се инвестира во модернизација на земјоделските стопанства, набавка на механизација, набавка на опрема, реконструкција на хидросистемите“, додаде Димитриески.
Експертите излезот го гледаат во воспостување на сосема нов начин на македонското земјоделство, со кое прво ќе се стопира пропаѓањето на оваа гранка, а потоа би се започнало и со нејзин развој. Решението го гледаат во здружувањето и окрупнувањето на малите земјоделски стопанства.
„Земјоделските задруги како нешто што треба да го стави во функција целиот овој капацитет што постепено го имаме напуштено пред се земјоделсккото земјиште…
Зборуваме за окрупнување?
Зборуваме за окрупнување на производството и производство кое што ќе има поголеми серии, стандардизирано производство, за да може да ја зголемиме конкурентноста која што постепено ја губевме во минатото.
А малите земјоделски стопанства?
Малите земјоделски стопанства да на некој начин ги организираме на еден друг начин преку земјоделските задруги однсно кооперативите или здруженијата на производители, организации на производители, да го изнајдеме кој е тој најповолен модел. Трансформирање на мерките на земјоделската политика за да на некој начин обезбедиме да вратиме дел од капацитетите. Значи прво да се разбереме, да го сопреме овој негативен тренд, а подоцна да одиме постепено во некојси со некои нови модели на производни структури“, истакна Димитриески.
На малку поинаков став е агрономот и професор во СОУ „Орде Чопела“ од Прилеп, Филип Димкоски, кој смета дека сепак акцентот треба да се стави на малите земјоделски стопанства, а окрупнувањето да дојде постепено затоа што сега било доцна за тоа.
„Сметам дека решението е во поттикот на малите земјоделства на малите стопанства кои во почеток би произведувале храна за своите семејства и за мал број на потрошувачи и со тоа ќе станат одржливи и така постепено би можеле да се подобрат тие ситуации.
Кој е вашиот став околу политиката која што во последниот период се наметнува во Македонија за окрупнување на парцелите?
Мислам дека доцна е да се прави тоа, можеби да бевме малку поразвиени со малку посредена аграрна политика ќе беше добра таа мерка, меѓутоа мислам дека е доцна. Зошто така? Затоа што имаме многу мал број на население, голем број на млади кои се иселени, тоа е премногу административно комплицирано да се направи тоа окрупнување на поседите, така што мислам дека многу време ќе изгубиме додека да дојдеме до тој момент. Наеднаш сега треба малите производители да се поттикнат да се искористи плодната земја, сончевите часови кои ги имаме и секако мора да се спречи тоа користење плодни површини за градба и за правење на фотоволтаици, сончеви панели и така натаму. Тоа мислам дека ќе не доведе до голема пропаст“, изјави Филип Димкоски.
И граѓанскиот сектор е на ставот дека треба да има редизајнирање на системот на субвенции да имаат развоен аспект, но и повеќе промени на земјоделската политика и окрупнување на земјоделските стопанства.
„Сето тоа се должи на самата миграција, дел на климатските промени, на растот на цените на инпутите за земјоделско производство,немањето на доволна работна сила во секторот за земјоделие и шумарство, како и ниската поддршка или недоволната поддршка за осовременување и модернизација на самото земјоделско производство со што би имале и квалитет и квантитет на производи. Нашата држава веќе од двесте и педесет сончеви денови кои што се дел нели поволни за земјоделството, а од друга страна веќе треба да размислуваме дека имаме многу сушни периоди што дополнително влијаат на самото земјоделско производство, а воедно најважно од се е дека факт е кај нас дека земјоделството не е атрактивна професија и дека приходите од земјоделските производи веќе не се доволни за земјоделците да водат пристоен живот што самите земјоделци веќе одлучуваат да намалат во производството или пак речиси да се откажат. Конкурентноста на странските пазари на земјоделските производи кај нас представува дополнителен проблем заради тоа што од страна увезуваме производи со пониска цена од цената што навистина е производна и на чинење на производот што ги произведува нашиот фармер.
Како да се реши целата ситуација, каде е излезот?
Потребни ни се посеопфатни земјоделски политики начинот на субвенционирање веќе треба да се насочи да ја има онаа развојна компонента, договорно производство, да се насочиме кон производи кои што се барани на пазарот кои што може да успеат кај нас, самите мерки треба да бидат насочени и кон поддршка за земјоделците за справување со климатските фактори, модернизација, осовременување на земјоделското производство, а секако и окрупнување на самото земјоделско земјиште. Имаме бројни примери од земји од ЕУ на начин на поврзување на земјоделците во земјоделски задруги поддржка во однос на самото осовременување“, потенцираше Марина Тошеска, ЛАГ АГРО ЛИДЕР.
Исто така освен промена на земјоделските политики треба да се работи и на подобрување на квалитетот на живот во руралните средини.
„Руралната инфраструктура за жал ни остана таква каква што е, односно не многу се вложува во делот на изградбата на патишта во делот на обезбедување на услуги, во најголемиот дел од руралните средини вие пред се немате ниту една обична амбуланта, немате каде да се обратите институции во делот на добивање на различни услуги дали се тоа од социјална заштита, дали се тоа здравствена заштита и слично. И буквално сте доведени во ситуација или принудени да не толку сакате да се иселите од селото од руралните средини доколку ги немате овие основни услови да сакале или не да мора тоа да го направите.
Финансиска подршка има да од страна на институциите од страна на државата, но сметаме дека не е соодветно распределена. Давањето на тие дирекни плаќања кои што секоја година не чинат од сто дваесет до сто триесет милиони евра е не соодветно и односно не се врши на соодветен начин. Тие се даваат по обработлива површина меѓутоа буквално не насекаде може да се види дали на таа површина навистина нешто е насадено или не.
Ги нема толку контролите нели поради капацитетие и тн. И на крај се доведуваме во ситуација да често пати имаме и такви случаеви каде што субвенции се земаат а притоа да не е ништо ниту насеано ниту посадено. Ако се промени начинот на субвенции и финансиската поддршка и повеќе се насочат средствата и кон руралниот развој и ќе се вложуваат во развој на земјоделското стопанство смтам дека ќе имаме многу далеку поголеми резултати“, изјави Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција.
И покрај неколкуте наши обиди и телефонски и преку праќање на прашања по меил не успеавме да добиеме одговор или став од Министерството за земјоделство за оваа состојба и како се планира истата во иднина да се надмини.
Едно е јасно без промена на земјоделската политика и без заедничка консултација на сите засегнати страни и експерти од оваа област за создавање на правилна стратегија, Македонија од година во година ќе станува се повеќе увозна зависна земја од храна, а за 10-тина години доколку ништо не се промени можеби и најголемиот дел од храната ќе треба да ја набавуваме од странство.