Партнерства за климатски промени – нови можности за соработка помеѓу организации и институции од Македонија и Австрија

Денес, на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје се одржа настан Партнерства за климатски промени каде претставници на институции и организации од нашата држава и Република Австрија ги споделија предизвиците и можностите за справување со климатските промени со фокус на секторот земјоделство.

Посетата на 20 претставници од Република Австрија е во организација на Локалната Акциона Група од Регионот Elsbeere Wienerwald (Австрија)  и Локалната Акциона Група АГРО ЛИДЕР и Факултетот за земјоделски науки и храна Скопје.

Настанот го отвори Деканот на ФЗНХ – Проф. д-р Вјекослав Танасковиќ истакнувајќи ја отвореноста на факултетот за меѓународна соработка во областа на земјоделството.

Проф. д-р Драги Димитриевски од ФЗНХ ја прикажа моменталната ситуација во земјоделскиот сектор во нашата држава, предизвиците со кои се соочуваме но и потенцијалот кој го имаме за раст и развој на земјоделството со примена на добри практики од ЕУ и стратешки мерки кои ќе одговорат на реалните потреби на овој сектор во нашата држава.

Од Република Австрија, Кристина Гаснер- ЛЕАДЕР менаџер го презентираше леадер регионот каде делуваат, а г-н Матијас Завичовски – Управен директор од регионот за климатски и енергетски модел презентираше успешни проекти кои донеле значајни придобивки за достигнување на енергетска ефикасност преку искористување на обновливи извори на енергија и кои би можеле да бидат мултиплицирани во други региони и земји.

Во нашата држава, во последниве години се спроведуваат бројни проекти и се повеќе се истакнуваат институции, бизнис ентитети и граѓански организации кои преку пилотирање на добри практики и иновативни решенија, или обезбедување на поддршка се од големо значење за справување со климатските промени во земјоделството.

Едни од нив се Македонската Соларна Асоцијација – Солар кои го спроведуваа проектот Енергетско ефикасни практики како решение за климатски промени кој беше претставен од страна на Стефан Трајков- проектен координатор.

Во моментов започната е Активност на УСАИД – Партнерства за економски раст која беше презентирана од страна на г-ѓа Тамара Тодоровска и преку која се и ќе се обезбедува поддршка на микро, мали и средни претпријатија во земјоделскиот сектор за промовирање на зелена транзиција и дигитализација во земјоделството.

На настанот присуствуваа градоначалници, претставници на институции, академци и експерти, и граѓански организации од нашата држава, кои разменија идеи и можности за идна соработка помеѓу двете држави во насока на одржлив и еколошки земјоделски сектор.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи