ВИДЕО – Пендаровски: Иако резултатите не беа според нашите очекувања не мислам да бојкотирам туку да победам


Чувте сигурно, резултативе од првиот круг воопшто во цела држава не беа како што се надевавме, но според некои пресметки и проценки со толку многу кандидати логично беше дека ќе се разлеат гласовите на повеќе страни. Сега остануваме само двајца од 7 мина и практично борбава и формално правно и политички почнува од нула, значи сега како да немало прв круг, заборавете го. Од нула до крај, до 8 мај и мислам дека не само овде во Крушево, ќе славиме во цела Македонија,  рече денеска во Крушево, актуелниот претседател и кандидат за претседател на СДСМ, Стево Пендаровски.

„Нашиве политички противници кои се се уште убедени дека ќе победат, нека живеат во тоа убедување, почнуваат да го кажуваат овие муабети, кои ги зборуваат уште пред првиот круг, дека ќе била разликата толку голема и ќе сме немале никакви шанси да победиме и затоа ќе сме бојкотирале. Дали е логично да доаѓам јас во Крушево ако мислам да бојкотирам? Јас мислам заедно со сите вас да победам.

Од Крушевскиот манифест до ден денес во државата не‘ има од различни етникуми, никогаш немало само едни или само други, затоа единствен рецепт за просперитет на државата, и на млади и на средна возраст и на возрасни и на најстари е да се почитуваме едни со други и да нема некој над другиот да биде. За жал, од противкандидатката од ВМРО ДПМНЕ слушавме идеи за ревизија на Рамковниот договор, според кој решенијата од 2001 биле за тоа време, а во меѓувреме треба да го менуваме Уставот и да имаме граѓански устав.

Секогаш кога ќе слушнете измени на Уставот на дневен ред, треба да се посомневате дали нивната идеја е стварно да живееме сите подобро, или повторно да се караме и расправаме каков ќе биде симболот, каков ќе биде грбот, какви ќе бидат односите во заедниците, кој какви права ќе има?

Ние си го имаме тоа саглам уредено уште пред години и години, од првиот Устав заклучно со 2001, немаме потреба од нов Устав или нови релации меѓу етничките заедници. Вие овде живеете и ве има од сите етнички заедници. Не дај Боже да почнеме наново да ги уредуваме односите, бидејќи тоа значи дека некој треба да добие повеќе права, а некој да добие помалку права. Ако некој во ваква мултиетничка држава и општество добива повеќе права, значи тоа го прави на грбот на некој друг. Не ни требаат нас нови уставни решенија“, додаде Пендаровски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи