ССМ ги повикува работниците на протест на Први мај

Facebook
Twitter
Email
Print

Масовен протест организира Сојузот на синдикатите на Македонија  по повод Меѓународниот ден на трудот 1 мај.

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов во отворено писмо до јавноста посочува дека работничкото движење во Македонија е исправено пред сериозен предизвик поради, како што наведува, односот на креаторите на политиките кои покажаа дека водат грижа исклучиво за себе и за своите интереси, но не и за работничките права.

„Денеска, работниците во Македонија се соочуваат со се поголем притисок за нивната егзистенција поради високите трошоци за живот и ниските плати. Синдикатите покажаа дека можат напорно да работат во интерес на нивните членови и во интерес на работниците. Синдикатите покажаа дека секој сам може да постигне резултат, но имаме можност сплотени да покажеме одлучност во работничката борба, онака како што вашите и нашите членови очекуваат и онака како што работниците очекуваат од нас“, вели Трендафилов.

Според Трендафилоф работниците на 1 мај имаат можност и шанса да покажат дека се незадоволни и дека сите тие кои сакаат да ја водат државата треба да го слушнат гласот на работниците.

„Имаме можност да го покажеме нашето, работничкото незадоволство и заедно да излеземе на голем работнички протест на 1 Мај, особено поради можноста, пораките, нашите и работничките барања да ги упатиме на неколку денови пред парламентарните избори до сите тие кои претендираат да ја водат Државата. Како Претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија ве замолувам да покажеме одлучност во борбата за подобро утре и за подобри работнички права“, вели Трендафилов.

ССМ на протестот ќе побара враќање на трошоците за храна и превоз во висина од 20 проценти од просечната плата и зголемување на минималната плата на најмалку 450 евра, уште во првите 100 дена на новата влада. На Сојузот на синдикатите на Македонија се очекува на протест да му се придружат и членови на други синдикати и граѓани.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи