Филипче: Потребен е силен, достоинствен СДСМ да ја одржи идејата за напредна и слободна држава

Facebook
Twitter
Email
Print

Нема никаква дилема дека СДСМ е исправен пред најголемиот предизвик од неговото основање. Резултатот на првиот круг на претседателските избори е под сите очекувања и го става на испит секој од нас, секој партиски член. Ќе имаме време за тоа да анализираме каде сме грешеле, и кој бил виновен за лошиот резултат. Ќе имаме време да ги менуваме работите и да ја градиме одново довербата кај граѓаните. Тоа мора да го започнеме првиот ден после изборите. Но, сега пред вториот круг, и на денот кога ќе се бираат пратеници, мора да се мобилизираме, изјави Филипче на денешниот митинг во Неготино.

„Имаме обврска заради генерациите кои доаѓаат да ја чуваме жарта за општествени промени да тлее. После сите жртви што ги направивме како прогресивна и државотворна партија, недозволиво е сега да потклекнеме пред старите режимски политики. Ако сега се откажеме од борба, тоа е уништување на иднината за многу генерации.

Како во животот, во спортот, така и во политиката, нема вечни победници, ниту вечно поразени. Тешко е, но наша должност е повторно да се исправиме и да се избориме. Затоа, повикувам секој од вас да собере сила, заедно да одработиме за подобар изборен резултат.

Свесни сме дека кај народот има разочараност, граѓаните се уморни чекајќи го клучот за Европа, дадовме многу, а ни се бара уште.  Но, СДСМ секогаш гледа подалеку од дневно политичките интереси. СДСМ е единствена партија која го исправа кормилото на бродот кога тој ќе биде повлечен во погрешен правец. СДСМ е единствена партија која и покрај сите грешки, секогаш за водилка го има интересот и развојот на државата. Затоа, СДСМ им е потребен на граѓаните. Потребен е силен, достоинствен СДСМ кој ќе ја одржи и продолжи да ја промовира идејата за напредна и слободна држава.

Многу од гласовите што беа дадени за други претседателски кандидати, можат да бидат вратени за листите на СДСМ и Коалицијата. Ве повикувам да им се спротивставиме на оние кои очигледно сакаат СДСМ да биде поделена. Нека не ве лажат кога ви кажуваат дека глас за ЗНАМ е глас за социјалдемократска партија. Или дека пак тоа не е против СДСМ. Така лажеа пред првиот круг, така веќе не можат да лажат. Последниве два дена паднаа маските и станува јасно дека глас за ЗНАМ е глас за ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е глас за поделба на македонските социјалдемократи, на прогресивните, глас за слабеење на СДСМ на сметка на ВМРО-ДПМНЕ. На тој начин не се казнува СДСМ, само се наградува ВМРО-ДПМНЕ. Да владее без контрола и без разум.

Јас знам дека сите оние кои се незадоволни сакаат да испратат порака. Но, силно верувам дека никој не сака да ја види СДСМ на колена, а ВМРО-ДПМНЕ разулавена и без контрола.

Сите ние знаеме добро што се случува кога ВМРО-ДПМНЕ е без контрола: стануваат насилни, владеат со страв и уцени, ги користат новите партии како ЗНАМ и ги елиминираат кога веќе не им се потребни. Одговорни сме тоа да го спречиме!

Затоа на 8 мај мора да докажеме дека не е сѐ готово, и дека рано им е да слават. Голема изборна битка е пред нас и ќе се обидеме да направиме сѐ за да го подобриме резултатот на 8 мај. На граѓаните им е потребен силен СДСМ на кој тие секогаш се потпирале во најтешките времиња. Во времиња на кризи, во времиња на важни одлуки, тука бил СДСМ.

Ајде да покажеме дека нашата солидарност е жива.

Ајде да покажеме дека можеме да правиме пресврти.

Ајде да покажеме дека нашите кандидати заслужуваат избор и поддршка.

Не наседнувајте на приказните дека оние кои седат во Белата палата, која е симбол на криминалот и корупцијата, знаеле подобро од нас да се справуваат со корупцијата и криминалот.

Не наседнувајте на приказните за правда од оние кои пробаа да извршат убиства во Собранието, за да не дојде до промена на власта.

Не наседнувајте на лажните патриотски приказни на оние кои имаат резервна татковина, за кои патриотизмот е единствено чукање во гради додека државата пропаѓа во изолација. Тоа не е патриотизам, тоа е алатка за замајување на граѓаните. Каде се сега истите тие кои ве плашеа со некакви странски, тирански Платформи? Каде се сега кога ДПМНЕ најавува коалиција со партиите кои се построија во Приштина и од таму праќаат политички пораки? Или сега Приштинска платформа не им пречи, туку ја повикуваат во коалиција?

И ова е веќе виденото ВМРО-ДПМНЕ: со години ќе плаши и манипулира со национализам, а потоа ќе си прави дилови и дели територии.

Ве повикувам почитувани граѓани, драги пријатели, другарки и другари, уште еднаш да размислите пред гласањето. И да разговарате со своите соседи и пријатели. СДСМ од своето постоење до денес најискрено ги темели своите политики на зачувување на придобивките од нашето минато. Вие паметите дека понекогаш бевме сами на браникот на одбрана на НОБ и АСНОМ. Знаевме дека тие се темелите на нашата државност: ги почитувавме, ги одбележувавме и ги браневме кога овие другите ги рушеа и понижуваа. Ние, од СДСМ, никој друг. Никогаш со нашите политики не сме го довеле во прашање опстојувањето и напредокот на државата. Да не дозволиме со погрешен избор да се врати национализмот, насилството и примитивизмот во политиката, апсењето новинари, прислушувањата и грабежот.

Јас и другите кандидати за пратеници од СДСМ и коалицијата имаме програма и идеи за стабилност и иднина на Македонија. Јас верувам во вашата поддршка. Верувам дека луѓето размислуваат со своја глава и можат да носат правилни одлуки.

И ве повикувам сите да бидеме оптимисти. И да ја покажеме нашата сила и моќ на изборите на 8-ми мај. СДСМ има шанса. И од сите нас зависи дали ќе ја искористиме за да им испратиме вистинска порака.

Да живее Македонија. Да живеат СДСМ и Коалицијата!“, рече Филипче.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи