Имаме обврска заради генерациите кои доаѓаат да ја чуваме жарта за општествени промени да тлее. Ова е повикот за мобилизација што вечерва од митинг во Неготино го упати д-р Венко Филипче, носител на листата на кандидати за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина.
„После сите жртви што ги направивме како прогресивна и државотворна партија, недозволиво е сега да потклекнеме пред старите режимски политики. Ако сега се откажеме од борба, тоа е уништување на иднината за многу генерации“, рече Филипче.
Тој вели дека е свесен за разочараноста на народот и заморот на долгиот пат кон Европската Унија, постојаните барања и покрај сè што направивме.
„Но, СДСМ секогаш гледа подалеку од дневно политичките интереси. СДСМ е единствена партија која го исправа кормилото на бродот кога тој ќе биде повлечен во погрешен правец. СДСМ е единствена партија која и покрај сите грешки, секогаш за водилка го има интересот и развојот на државата. Затоа, СДСМ им е потребен на граѓаните. Потребен е силен, достоинствен СДСМ кој ќе ја одржи и продолжи да ја промовира идејата за напредна и слободна држава“, рече Филипче.
Тоа нема да биде лесно, додаде Филипче. Секоја битка е тешка, но наша должност е да се исправиме и да се избориме, вели тој.
„Нема никаква дилема дека СДСМ е исправен пред најголемиот предизвик од неговото основање. Резултатот на првиот круг на претседателските избори е под сите очекувања и го става на испит секој од нас, секој партиски член. Ќе имаме време за тоа да анализираме каде сме грешеле, и кој бил виновен за лошиот резултат. Ќе имаме време да ги менуваме работите и да ја градиме одново довербата кај граѓаните. Тоа мора да го започнеме првиот ден после изборите“, рече Филипче.