Ископот во близина на селото Ореовец се врши врз основа на концесија за експлоатација на минерални суровини технички градежен камен на локалитетот „Ореовец“, општина Прилеп, за потребите за изградба на Коридор 8: Автопатска делница Тетово- Гостивар- Букојчани и Требеништа- Струга- Ќафасан и Коридор 10д: Автопатска делница Прилеп- Битола како Паневропски патни коридори од стратешки интерес согласно член 40-а од Законот за минерални суровини, велат во своето соопштение од ЈПДП, како одговор на нашите прашања кои вчера ги испративме по меил за тоа кој е нивниот став за протестот на жителите од село Ореовец кои се сомневаат дека минирањето во новиот ископ може да ги уништи 4 извори на вода од кои се снабдува дел од Прилеп, а кои се наоѓаат во подножјето на планината.
Од ЈПДП потенцираат дека сите работи во врска со ископот се вршат во рамките на, и согласно со, добиените лиценци, одобренија и концесии за истражување и експлоатација на минералните суровини неопходни за изгрдба на државните патишта. Експлоатацијата на минералните суровини ќе се врши до завршувањето на изградбата на Коридорите 8 и 10.