Би сакал да ги поканам сите жители на 4 изборна единица и на цела Македонија, особено жителите на општина Прилеп и соседните општини, општината Кукуречани, општината Могила, Новаци, Битола, да ни се приклучат вечерва тука на плоштадот во 20:30 часот заеднички да ја затвориме досега најуспешната кампања за ВМРО ДПМНЕ, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа за пратеници за ИЕ4, Алексанадар Николоски.
„Не случајно тоа го правиме во Прилеп, затоа што Прилеп е од огромно значење за сите нас и ќе следи голем инвестициски циклус по завршување на изборите, во кој ќе се решат бројни инфраструктурни прашања во самиот град и во населените места кои гравитираат тука. Градот инфраструктурно ќе се врзе со реална изградба на експресниот пат Прилеп – Градско, а не со монтирани видеа со вештачка интелигенција, ќе се изгради автопат од Прилеп до Битола и Меџитлија, пругата ќе стане многу побрза и многу покористена помеѓу Прилеп, Битола и Солун, ќе доаѓаат странски инвестиции, ќе се стимулираат домашните и многу битно, ќе има одговорност за сите што прават криминал, како во Прилеп, така и во Македонија.
Кампањата за нас помина исклучително успешно, очекуваме масовна, референдумска излезност во среда на 8 мај, ги повикувам сите граѓани да излезат и да гласаат, потребна е најголема излезност досега, за најголема победа на ВМРО ДПМНЕ, за Христијан Мицковски премиер, за Гордана Силјановска Давкова претседател на Македонија и за влада која нема никој да ја уценува.
Затоа посакуваме 61 пратеник, а ќе си дозволам еве прв пат пред медиумите да кажам што очекувам во 4 изборна единица, досега во кампањата тоа не го кажав експлицитно, очекувам ВМРО ДПМНЕ да освои најмногу пратеници досега и најмногу гласови досега, а тоа е зависно и од малку среќа и од донтовата формула, да имаме меѓу 13 и 14 пратеници за ВМРО ДПМНЕ“, кажа Николоски.