Во организација на Авто Контрол Станица за технички преглед Прилеп во соработка со МВР и сообраќајната струка СОУ „Ристе Ристески Ричко“ Прилеп, денеска во центарот на градот се одржа настан посветен на Денот на културата во сообраќајот. На платото пред Градската саат кула ученици од сообраќајната струка при СОУ „Ристе Ристески Ричко“ Прилеп делеа флаери со едукативна соджина, со цел да се унапреди сообраќајната култура и се подигне свеста за важноста од почитување на сообраќајните правила и прописи.
Секое незнаење, некултура и непочитување има цена, но незнаењето, некултурата и непочитувањето на правилата и прописите во сообраќајот чинат изгубени човечки животи. Да се почитуваме меѓу себе, како луѓе и како учесници во сообраќајот, и заеднички да изградиме систем на општествени вредности во кој културата во сообраќајот ќе имаат водечко место.
Сообраќајната култура е важна за безбедноста во сообраќајот и не претставува само познавање на сообраќајните правила и прописи , туку истовремено претставува и навика ,почитување и применување. Важноста за почитување и применување на правилата да ја пренесеме сите ние заедно на поинаков начин на еден ваков ден. Денешното одбележување е со фокус на важноста на безбедноста за возачите на моторцикли, посочи Даниела Перканоска од Авто Контрол Станица за технички преглед Прилеп:
„Денес, 11 мај, го обележуваме Денот на сообраќајната култура, посветен на зголемување на свеста и одговорноста за почитување на правилата и прописите во сообраќајот. Оваа година, особено сакаме да ја истакнеме важноста на безбедноста за возачите на моторцикли. Возачите на моторцикли играат важна улога во нашите патишта и затоа треба да бидат особено внимателни. Носењето кацига е клучно за заштита од повреди и несакани настани. Ве повикуваме да ја зголемите вашата свесност за правилата на сообраќајот, особено за брзината, претекнувањето и употребата на заштитна опрема. Придржувајте се до сообраќајните правила и прописи за да создадеме побезбеден сообраќај за сите учесници. Бидете пример за другите и заедно да работиме кон намалување на несреќите и зачувување на нашите животи и имот. Чувајте се на патот и носете кацига секогаш кога возите моторцикл! Заедно можеме да создадеме побезбеден сообраќај за сите“, рече Перканоска.
Учениците беа тука да ги потсетат случајните минувачи, прилепчани на важноста почитувањето на правилата и прописите во сообраќајот, особено кога станува збор за учесниците – возачи на моторцикли. СОУ „Ристе Ристески Ричко“ Прилеп со сообраќајната струка редовно се вклучува на настаните поврзани со безбедноста во сообраќајот, посочи професорка Весна Петреска.
„Превентивната активност е да придонесе за побезбеден и посмирен сообраќај, односно ќе придонесе за помалку сообраќајни незгоди, помал сообраќаен метеж и помалку настрадани лица на улиците и патиштата“, посочи Петреска.
Денот на културата во сообраќајот се одбележува ширум светот од 11 мај 2015 година кога во Унгарија, со поддршка на Светската здравствена организација (СЗО), првпат се организираше настан во чест на подигнувањето на свесноста за значењето и влијанието на сообраќајната култура врз безбедноста во сообраќајот.