Три училишта од Прилеп СОУ „Орде Чопела“, ООУ „Блаже Конески“ и СОУ „Кузман Јосифоски – Питу“ беа дел од проектот „Nature expedition“ кој беше спроведен во координација со Здружението за мотивација и развој на комуникации „Дијалог“. Целта на проектот е промоција и поддршка на работата со мермерот како обележје на овој регион, рециклирање на мермерот и зачувување на живтоната средина. Како дел од проектот учениците од СОУ „Орде Чопела“ го создадоа и првиот оригинален македонски зачин кој сега го носи името на училиштето.
„И како круна на овој проект се мермерните градини кои ги засидвме со ароматични билки од кои што учениците со поддршка на исклучителни професори го создадоа можеби првиот македонски зачин кој што се нарекува „Ароматична градина Чопела“, навистина уникатен зачин со посебен вкус и својства“, истакна Јасмина Бошевска, претседателка на здружението за мотивација и развој на комуникации „Дијалог“.
„Овој пат се посветивме посебно на овие простори на прилепскиот регион каде што навистина има толку ендемски форми на растенија и ендемски форми на билки од кои што ние сме инспирирани и токму така ја направивме и оваа градина која што ќе сведочи и секогаш ќе остане во ова училиште, каде изворот на природата го преточивме во помали градини “, додаде Марија Тодороска, професор биолог.
Проектот се спроведувал во 3 етапи, истражување на културното и историско наследство на Прилеп, изработка на мозаици од мермер и создавање на мермерна градина.
„Учениците изработија терариуми, масло од зачински растенија и на крај засадија семки од различни видови на растенија. Како заокружување на ова патување на нашите ученици изработена е оваа мермерна градина од цветни зачински растенија и обележје за нашето училиште ќе остане ароматичната градина „Чопела“ како дел од овој проект“, изјави Тереза Златеска, директорка на СОУ „Орде Чопела“.
Проектот е поддржан од Словачката амбасада во Македонија.