Учениците од ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп ја реализира премиерата на претставата „Утре можеш да бидеш и ти“, во режија на ученикот од 8-мо одделение, Глигор Иваноски, кој воедно е и автор на дел од текстот за драмата. Целта на претставата е да го прикаже врсничкото насилство, од каде потекнуваа тоа и како понатаму да се спречи оваа негативна појава помеѓу учениците.
„Јас го пишував текстот, но тој не е само мноја идеја, тука учествуваа повеќе ученици и ученици кои имаат искуство и се членови во драмската секција“, кажа Глигор Иваноски, режисер и текстописец на драмата.
„Оваа претстава ја подготвуваме веќе 4 месеци и макотрпно работиме секој ден на неа и за тоа да го добиеме овој продукт ваков каков што е. Имаме ние и драмска секција, ова не е прва претстава. Досега имаме одржувано повеќе претстави, драматизација за случувањата во Прилеп за време на 11 Октомври и слични настани“, додаде Дамјан Николоски, учесник во претставата.
Учениците велат дека врсничкото насилство најмногу може да се спречи со едукација на децата дома во нивното семејство, затоа што пред се младите биле огледало на родителите и нивните постапки.
„Мислам дека најмногу можат да придонесат децата така што би ги занемариле разликите помеѓу своите другари и би ги прифатиле онакви какви што се“, изјави Глигор Иваноски, режисер и текстописец на драмата.
„Врсничкото насилство според мене се јавува како еден вид на авторитет врз другите деца каде некои деца се истакнуваат како на повисоко ниво и со тоа пострамежливите деца се и жртви на насилство“, изјави Дамјан Николоски, учесник во претставата.
И од самото училиште се задоволни на идејата за оваа претстава и велат дека Драмската секција во „Кочо Рацин“ била доста активна.
„Децата дадоа се од себе за да го претстават врсничкото насилство како тоа влијае врз психата на децата врз кои што се врши булинг, а и децата кои што вршеле булинг покасно во какви личности израснуваат. Ова е комична но од друга страна и доста едукативна претстава затоа што треба на тој начин не само децата, но и родителиоте да внимаваат како ги воспитуваат децата, но и ние наставниците и училиштето треба да вложиме многу за да понатаму не дозволиме во училиштата да има булинг или физичко насилство или пак сајбер насилство“, потенцираше, Јулијана Тренкоска директорка на ООУ „Кочо Рацин“ Прилеп.
Учениците планираат оваа драма да ја репризираат уште неколку пати за да нивната порака допре до што можно повеќе млади.