Промовиран најновиот роман на Билјана Тинтоска – „Симфонија“


Синоќа, 14 мај 2024г., во просториите на СОУ„Ѓорче Петров“ Прилеп, беше промовиран новиот роман на Билјана Тинтоска, насловен како „Симфонија“. Пред преполна сала и атмосфера полна со љубов, промоторките Жанета Видевска и Габриела Стојаноска – Станоеска говореа за пораките и идеите на романот. Модераторот Лидија Ристеска реализира разговор со авторката на интересни прашања поврзани со романот, а музички точки во контекст на содржината на романот, изведе ученикот Вања Младеновски. Во промоцијата учествуваше и Драмската секција „Слободно театарче“. На крајот се обрати авторката:

„Вечерва Ви подарувам нов роман, поинаков од другите. Може да се рече дека сите мои дела се посебни пристапи на една иста тема. Љубовта. Најголемиот предизвик во книжевноста. Анализирана од различни агли, вртена, превртувана и ставана на испит и на жртва, таа пак е врвна вредност, суштина на животот, кого јас лично преферирам и се трудам, во моите книги, секогаш да го гледам и истакнувам од неговата ведра и добродетелна страна. На ова ме поттикнува и советот на големиот Бора Станковиќ: „Една уметност, ако не ги поттикне племенитите чувства во нас, не е уметност“. 

Во разговорот што го проследивте открив некои суптилни податоци за мојот роман. Морам да признаам дека нешто чував и за ова обраќање. Интересни пристапи слушнавте и од моите драги промоторки, на што им сум неизмерно благодарна.

Драги мои, сакам да бидам искрена пред вас и да кажам дека од почетокот, кога започнав да го пишувам ова дело, мојата замисла беше сосема поинаква. Но… Бог ми даде други насоки. И во еден миг, со веќе една третина напишана книга, го сменив правецот и оваа книга стана роман за болката над болките. Најголемата од сите болки на светот. Болка, посведочена од многу скршени срца. Тоа ме поттикна, сега, пред вас, оваа книга да ја посветам на сите љубени деца и наши блиски, кои напуштајќи го овој свет, преминаа во живот вечен. Љубовта кон нив не умира и таа ни е цврст доказ дека животот не завршува. Љубовта ја победува смртта.

И како што во една прилика истакнал големиот поет Јован Дучиќ: „Сите книги на светот треба да бидат утеха“, така и јас сакам оваа моја книга да биде утеха, токму за болката над болките – загубата на чедото. „Човек смее да се нарече несреќен само кога ќе го загуби своето дете“, цитира мисла од прочитана книга мојата главна хероина Јасна, кога самата ја доживува истата болка. Нејзината свест дека борбата со себе е најнерамноправната борба, ќе настапи кога таа ќе се потпре на Христа во себе. Со Него го победува непреболот. Со Него живее во надеж за повторна средба со синот во вечноста.

Овој роман е поразличен од другите мои романи. Специфичен е по тематиката што ја обработува – како човекот се справува со болката заради загубата на најмилите и како ја споделува радоста со другите. Романот е химна за крикот во болката, ама и достоинственото носење на сопствениот крст, но и химна на смислата на животот и љубовта.

Романот го допира и прашањето на поврзаноста на човекот со своите предци. Освен материјалното кое е минливо, сите носиме и духовно наследство од нашите предци. Лошото треба да го надминуваме и поправаме, а доброто треба да го надоградуваме. Човекот не почнува од нула. Имајќи го ова предвид, човекот или е дел од проблемот или е дел од решението. И како овој вториов, ќе пренесе врвни духовни вредности на своите поколенија.

 

 

Овој роман, уште го истакнува особеното место на жената – мајка, сопруга, внука, баба… во светот. Ја истакнува вредноста на жената во сите нејзини улоги, ја поттикнува да биде силна и истрајна, да биде столб на семејството, воспитувач на децата… Посебната врска меѓу прабабата и правнуката, истакната преку односот на баба Роса и Јасна уште повеќе ни го потврдува она што го имам загатнато во романот „Ангел во тело“ – дека: „Ако не сме ја поминале школата на нашите баби, тогаш во некој момент од животот ќе бараме лајфкоучери, лажни учители и мотиватори“.

Во романов не е изоставен ниту мажот. Ликот на Огнен претставува особен пример каков треба да биде мажот крај жената, за да стојат стамено еден крај друг во животот, за да ги носат достоинствено сите предизвици, да ги надминуваат со надеж.

Особено место во моето пишување имаат младите генерации, моите и нашите ученици, нашите деца. Тие ми даваат инспирација и поттик, ним им ги упатувам своите пораки. И пак ќе се повикам на мојата главна хероина Јасна: „Сум гледала и филмови, ама книгите… Од нив се добива двојно. И сопствена слика и ука. И уште… читањето, иако е споро, обезбедува длабоко внатрешно пребарување и пронаоѓање на сопствениот идентитет“. – вели таа. Преку неа велам и јас и инсистирам, како општествено одговорна личност и совесен просветен работник – книгата да биде неизоставен дел од животот на нашите млади. Од неа да црпат искуства, оти книжевноста е пожива од животот, нејзините светови се побогати, поцелосни, пореални. Нејзините пораки се исцелителни оти излегуваат од длабочините на човековите срца, каде ретко човек ѕирнува ако не прочита некоја книга.

Уште, го делам ставот на еден млад колега и писател од Србија дека книгата е „лопата“, алат со кој ние читајќи, копаме во длабочините на нашите пориви, страсти, навики за да ги искорениме, за да се ослободиме од нив и да го трасираме нашиот живот по патеките на добродетелите.

Книжевноста ни дава можност да се почувствуваме во нечија кожа, да бидеме тоа што сакаме, да вкусиме тоа што досега не сме вкусиле. Па зошто тогаш да не ја прифатиме нејзината моќ?

Но, поканата важи и за сите луѓе подеднакво! Секој, било да е млад или стар, треба да го негува во себе духовното богатство, бидејќи духот никогаш не старее“, вели Тинтоска.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи