ВИДЕО – Младите од Прилеп ги презентираа творбите поврзани со сесловенските просветители на настанот „Денови на Свети Кирил и Методиј“


По повод празникот посветен на Светите браќа Кирил и Методиј, сесловенските и македонски просветители, Здружението „Платформа за КРЕАТИВНИ КОНЦЕПТИ – Прилеп“ во соработка со Општина Прилеп и храмот „Св. Кирил и Методиј“, а со посредство на Институтот за старо словенска култура – го одржа завршниот настан од проектот „Денови на Свети Кирил и Методиј“. Проектот скоро еден месец вклучуваше 3 работилници од областа на македонскиот јазик, историјата и ликовната уметност со ученици од 7 и 8 одделение, преку кои работилници се потенцираше значењето на Светите Кирил и Методиј кои го имаат како во Македонија така и во регионот.

„Учествуваа ученици од сите основни училишта од Прилеп заедно со тројца ментори, професорката Емона Јованоска, професорот Александар Џинго и професорот Горјан Василески. Беа поделени во 3 групи, по групи на пишување и читање, група за ликовна уметност и група за историја. Учениците имаа за цел да направат свои проекти, свои творби преку кои нас возрасните ќе ни кажат нешто повеќе за Светите браќа Кирил и Методиј, сесловенските и македонски просветители. Целта на овој проект е младината повторно да ја вратиме во црквите да ги научиме дека црквите не се само место за молитва, туку се и дом какоп Божји така и нивни. И место каде што тие може да ги споделуваат нивните знења, место каде што можат да проучуваат нешто повеќе и место од каде што тие ќе растат и ќе се воспитуваат како здрави православни христијани“, изјави Андреј Иваноски, организатор на настанот, претседател на Здружението „Платформа за КРЕАТИВНИ КОНЦЕПТИ – Прилеп“.

Секоја работилница имаше своја домен на работа каде се обработуваше делото на Светите Рамноапостоли од аспектот на историјата, од аспектот на писменоста и што тие ни оставиле во наследство, а една група ученици пак се занимаваше со цртање на ликовите на Светите Кирил и Методиј.

„Всушност ликовната работилница претставува запознање на децата со еден начин на сликање на икони кој се практикува во подамнешно време или во Византискиот период. Како еден ненаметлив тренд кој треба да се запази и кој е карактеристичен за начинот на сликање на иконите по пат на осветлување. Односно се нанесува прво темната површина и постепено се осветлува, кој има теолошко значење. Целта е децата да се запознаат со тој принцип на работа бидејќи не тоа не е сосема внесено во програмата во училиштата по предметот ликовна уметност и на ваков начин да допрат до тој израз, до тој начин на прикажување на икони“, истакна Александар Џинго, ментор на една од работлниците и професор ликовна уметност во средните училишта во Прилеп.

Учениците кои беа дел од овој проект истакнаа дека ги надоградиле нивните знаења за Свети Кирил и Методиј и се надеваат дека овој проект ќе продолжи и во иднина.

„Ние спремивме рецитал за да се претставиме скромно за нашите Просветители Свети Кирил и Методиј. И се надеваме дека се ќе биде во најдобар ред и сакаме да се претставиме со нашите творби. Ова го подгтотвуваме скоро еден месец“, вели Ева Милошеска, учесник во проектот.

 

„Претходно знаевме одредени работи но откако доаѓавме на работилниците уште повеќе се запознаваме со животот и делото на светите браќа и сега ќе го претставиме сето она што го научивме на работилниците“, вели Марија Матеска, учесник во проектот.

 

„Свети Кирил и Методиј биле нашите светци, нашите учители кои ја создале азбуката, нашите предци“, додаде Ева Блажеска, учесник во проектот.

 

„Ние ги цртавме Св. Кирил и Методиј, нивните дела кои ги правеле низ животот. Беше захтевно многу, но со дружба се постигнавме, интересен проект, интересна работилница со ученици од другите училишта, многу сме задоволни и сме горди на себе“, потенцираше Матеја Миленкоска, учесник во проектот.

Претходно за празникот кој е и храмова слава на црквата Свети Кирил и Методиј, каде што се одржа овој настан, се отслужи и Света Божествена Литургија со која што чиноначалствуваше Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г-дин Петар.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи