ВИДЕО – „Кајмакот“ кај газдите, „трошките“ за прилепчани! Што добива Прилеп од 32 концесии за рудници, од кои дел се темпирана еко бомба


Рудниците на неметали во прилепско бенефит за државата и општината или само енормно богатење на сопствениците и уништување на животната средина? Прилеп е Општина во Македонија со најголем број на концесии за рудници дури 32. Според изјавите на експертите годишно од прилепско се извезуваа и над 70 милиони евра суровини, па можеби и повеќе, а приходот за општината од сето тоа е само околу 200 до максимум 300.000 евра. Една капка во целото море. Геолозите бараат итна промена на законот за минерални суровини.

„Општината генерално и кратко кажано нема никаков бенефит, Законот е стар, лошо поставен и треба ревизија на целиот Закон за минерални суровини. Груби бројки, од Прилеп се извезуваат минерални суровини некаде околу 50-60 милиони евра годишно, во локална самоуправа под 1% од тоа добиваат, тие се минимални бројки. Ние не треба да дозволиме да бидеме аргати на сопствените ниви, треба да се направи некоја стратегија за работа со која од оваа експлоатација што се случува во Прилеп добар дел од средствата да влезат во Општина Прилеп. Го имаме и тој план, бидејќи досега функционираше на километар квадратен се плаќаше некоја концесиски надомест по тарифник, ние имаме еден план, даден е тој план дека најдобро е да се плаќа по откуп. Значи постојат фирми кои имаат огромни откупи, а плаќаат исто како и оние кои немаат откуп, со тоа би се зголемил приливот на средства, особено во Општина Прилеп. Имаме разговарано со релевантни институции, чекаме да се формираат бидејќи имаме надеж дека ќе се формира и Министерство за минерални суровини и ќе ги поднесиме во сите релевантни институции“, истакна м-р Васја Дамески, дипл. инж. геолог.

На ова се согласни и поранешните градоначалници кои велат дека барале од централната власт да го реши овој проблем, но државата со години од неразбирливи причини е глува за ова и скоро никој не го контролирал процесот.

„За жал Прилеп како град и ние како општество добиваме многу малку, затоа што таков е Законот. За жал само еден мал дел останува за Општината, ја ќе ви кажам додека јас бев градоначалник и од прилика толку е и сега, околу 20 милиони денари е добивката на Прилеп од сите концесионери. Јас само ќе напоменам, луѓето кои се занимаваат со оваа проблематика и оваа струка знаат што значи блокови и томболони, преставувањето, царинењето и извозот е неспоредливо различно од она што се прикажува, на хартија е сето во ред, но во пракса не е така. Продавањето на тој материјал, да речиме белиот мермер од Прилеп што се вади, не соодветствува со прикажаната сума на продажба и она што е прикажано за царинење или за пресметување на данок.

Ова значи дека се прават злоупотреби?

Сметам дека неправедно се прави тоа, не можам така да го наречам, но ако добро тоа се контролира, јас барав додека бев градоначалник сето тоа да можеме да го контролираме како Општина, не само Прилеп, за сите концесионери секаде, ми рекоа дека тоа не може законски да се реши, а мислам дека можно е да се реши. Не може само Министерството за економија да ги има сите тие бенефиции и привилегии, а знаеме дека тоа е надвор од Прилеп, надвор од Штип, надвор од Каменица, така да мора локалната самоуправа да има некаква контрола над сето ова“, изјави Илија Јованоски, поранешен градоначалник на Прилеп.

Во дел од рудниците се вршела некоректна експлоатација, односно за да побрзо се дојде до најдобриот материјал се вршеле темелни минирања при што се уништувал голем дел од минералната суровина која не е со најдобар квалитет, но сепак може да се продаде по пониска цена и за која може да се наплатат даноци.

Неконтролирано се врши експлоатацијата на минералните суровини во Македонија, поготово кај нас, бидејќи станува збор за извонредно барана минерална суровина, што ретко ја има во светот. Би рекол неплански вршат експлоатација, или како му дозволуваат временските прилики, толкава количина експлоатираат од минералната суровина, употребувајќи габаритна механизација, непокриена со проектот, ако воопшто има таков проект и ако некој врши контрола над тој проект“, кажа професорот во средното општинско училиште „Ѓорче Петров, Гоце Ристески, димполомиран инжинер по експлоатација на минерални суровини.

 Од друга страна тука е загадувањето на животната средина кое исто така не се контролира. Според законот секој рудник треба да прави рекултивација на јаловината, но за жал тоа не се прави. Денес цели планини од јаловина се наоѓаат покрај рудниците претставувајќи опасност за околината.

Дали водат сметка за животната средина, дали прават планови како ќе изгледа тој рудник генерално после завршување на работите, дали водат сметка за водите? Ако се води сметка како што е пропишано во Законот за минерални суровини, Општина Прилеп треба да има само бенефит од отворањето на рудници.

Дали во овој момент се прави рекултивација на оние рудници кои се ископуваат?

Нажалост, можете да видите и сами не се прави никаде рекултивација, иако со закон е регулирано како треба да изгледа, се прават различни планови, но во реалноста ситуацијата е дека рекултивација нема. Постои опасност сопствениците кога ќе си заминат, тие јаловишта таму да бидат подложни на свлечишта, да бидат генератори на прашина, а исто така постои опасност и да вршат негативно влијание врз водите. Значи ако не преземи нешто ќе имаме една темпирана еколошка бомба тука со која со генерации нема да можеме да се опоравиме“, додаде геологот Дамески.

 

Количината на јаловина што се добива при таа експлоатација е многу голема и се јавуваат потешкотии во складирање, односно депонирање на јаловината. Знаеме дека од таквите рудници тие многу малку се занимаваат, се бават со добивање или продажба на тампон материјал за изградба на патишта или за она каде што има потреба тој дробен камен. Само се депонира и се преместува од едно место на друго, иако според проектите рударски јаловината треба да биде сместена на едно место, да ја собери целокупната јаловина на едно место додека трае експлоатацијата на каменот, за после да се врши полесно рекултувирање ако тоа некогаш се случи“, потенцираше професорот Ристески.

Тука е и тоа што стотици камиони дневно натоварени со мермерни блокови поминуваат низ Прилеп, загадувајќи и уништувајќи патната инфраструктура, а со години нема обиколница околу Прилеп наменета за нив.

„Тие камиони да доаѓаат тука во близина на Оревоец селото, да се направи терминал, да се направи бензинска пумпа, хотел и тој дел од сообраќајот да се оддалечи од градот Прилеп.

Зошто не се направи тоа тогаш?

 Јас ви кажав дека требаше да се направи клучка на тој дел, интенцијата и заложбата моја, а и толку беа моите ингеренции, направив 2-3 барања писмени до централната власт, таа е одговорна за тоа, пред сѐ Владата, Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта. Однесов барање и писмено и усно во неколку наврати барав да се направи проект за тој дел, 3 години со ред не ми излегоа во пресрет, од кои причини стварно не знам“, изјави поранешниот градоначалник на Прилеп, Илија Јованоски.

Најнов проблем е новиот ископ за тампон кој што конзорциумот Бехтел и Енка го отвори на само неколку стотини метри од селото Оревоец. Од минирањето веќе се оштетија куќите, а постои опасност и за уништување на 4 единствени сопствени извори за вода на Прилеп. Граѓаните протестираат 2 недели, но државата повторно не презема ништо.

„Јас можам со жалење да кажам дека отворањето на овој рудник овде фрла една негативна перцепција на сето рударство генерално во Македонија. Значи ова е локација каде не може да се отвори рудник, овде е прескокната цела процедура и не знам како е дојдено да се отвори тој рудник, кој дозволи до елитна прилепска населба и до извори на вода многу значајни не само за село Ореовец, туку и за цел Прилеп. Јас одговорно тврдам како геолог дека овде не смее да има рудник“, вели геологот Дамески.

 

Сите знаеме дека поголемото количество вода за потребите на Прилеп ги носиме од Горно Добреноец, кичевско. По моја информација тоа е цевковод долг преку 70 километри. Единствена вода што ја имаме за која не зависиме од никого, своја во Прилеп е во оваа пазува на Бабуна планина, односно селата Плетвар, Ореовец и Крстец, врвот Чале и врвот Баба, тука е сета вода и тоа е горливо прашање како да минираш. Ние веќе доживеавме 2 минирања досега од Бехтел и Енка, но последното беше сериозно, по што сите куќи во село Ореовец се испукани. Карактеристично за село Ореовец, морам да напоменам е што тука ако би имало испитувања никој нормален не би минирал, затоа што село Ореовец се наоѓа врз пештерни шуплини и затоа е многу трусно тоа подрачје. Тоа мора да го имаме во предвид, но во предвид би го имале доколку сѐ би одело легално со истражување“, изјави Ѓорѓи Георгиоски, член на Комитет за заштита на природното и културното наследство на Македонија.

Друг аспект на проблемот е и тоа прилепскиот регион го има корундот, еден од најпознатите рубини во светот, а исто така во рудниците за минерали може да се најдат и сафири и смарагди за жал продажбата на овие скапоцени камења кај нас воопшто не е регулирана со закон. Според геолозите Македонија од ова не гледа никаков бенефит затоа што целото наше богатство се изнесува по тајни канали на црниот пазар.

Ние предлагаме 2 начини на решавање, едниот начин е многу едноставен, многу брз со додавање на само еден член во Законот за минерални суровини и тие концесии за драги камења да се даваат на концесионери кои што едно ќе го штитат, а друго ќе го промовираат нашиот камен и во голема мера така ќе се заштитат. Сепак има и едно друго решение, ние нудиме малку покомплицирано и затоа ни е потребна поддршка од локална самоуправа, ние предлагаме да се отвори еден Музеј за минерали во Прилеп. Музејот да биде атрактивен, по терк на сите европски музеи, каде ќе можеме да ги изложиме нашите минерали и Прилеп да го направиме еден европски центар за минерали, бидејќи Прилеп тоа го заслужува.

Колку годишно во килограми или тони на вакви драги камења се изнесуваат од Македонија и на каков начин?

Количините се големи, порано беа доста поголеми, сега веќе рубинот нажалост почна и да се исцрпува. Сѐ што се вади квалитетно од Прилеп излегува, по кој пазар, како излегува, надвор ние можеме да го видиме по музеите низ Европа и светот, а и по атрактивни цени“, рече геологот Васја Дамески.

Од Општина Прилеп велат дека со фирмирањето на новата Влада и новите институции ќе бара на дневен ред да се постават сите овие отворени прашања кои се однесуваат на заштита на животната средина во општината и рударскиот сектор во Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи