Во организација на Општина Македонски Брод и Здружението Форум за авангардна креативност на 01 и 02 јуни во Самоков ќе се одржи третиот адреналински фестивал на отворено SAMOKOV XTREME. Главната цел на овој фестивал е развојот на туризмот во Поречкиот регион и ставање на с. Самоков на мапата на атрактивни дестинации за авантуристички туризам. На овој фестивал се очекива да присуствуваат над 500 вљубеници во природата и авантуристи кои ќе учествуваат во возење со теренски возила, мотокрос, возење со АТВ возила и планинарeње.
„Овие настани се одлична можност да се виде недопрената природа на општина Македонски Брод, која изобилува со многубројни шуми, извори, пештери, билки и многу други ретки можности кои можат да се видат само во нашата општина“, истакна Вања Димоска, Општина Македонски Брод.
„И сите оние кои сакаат да се запознаат за деталите на фестивалот и на турите кои се дел од овој фестивал можат да го посетат фан пејџот Аутдор фестивал Самоков Екстрим“, кажа Гоце Бојкоски, Здружение Форум за авангардна креативност.
Покрај сместувањето во приватните сместувачки капацитети на стадионот во селото Самоков ќе има можност и за кампување, а покрај спортскиот дел ќе има и базар каде што ќе можат да се видат и вкусат традиционалните локални производи.
„За сите љубители на планинарењето создадовме една патека, кружна, од 15 километри, патеката почнува и завршува во Самоков, би ја категоризирала како средно тешка тура која е прилагодена за сите возрасни групи“, вели Маријана Ѓеорѓиевска, здружение „Пелагона Прва“.
„Очекуваме голем број на посетители, така да многу е важно да се задржи редот и дисциплината на возењето“, рече Дејан Пеливаноски, „Hard endure Prilep“.
„Апелирам до сите учесници да се придржуваат на правилата на организаторот со цел да се избегнат било какви несакани последици и да се наруши интегриутетот на настанот“, додаде Благоја Конески, претставник на „OFF ROAD PRILEP“.
По трет пат како дел од Фестивалот ќе се одржи и велосипедската трка „Вело Че низ Порече“.
„Така се вика и годинашната тура, Од другата страна на Поречието. Одиме од Извор Манастирец ќе биде стартот, црквата Пресвета Богородица, Томино село, Сушица, Инче, Могилец и пак назад“, потенцираше Даниел Гарбески, вели тура „Вело ЧЕ низ Порече“.
Поречието во моментов е најнедопрената средина во Македонија, каде условите за развој на овој вид на туризам се буквално неограничени.