Општините треба да имаат контрола со свои инспектори на терен за тоа што и колку се копа од рудниците, само така ќе имаме веродостојна контрола и ќе се отфрли сомнежот дали имаме злоупотреба при концесиите. На овој став е поранешниот градоначалник на Прилеп, Марјан Ристески, кој вели дека е убеден доколку се спроведи ваквата контрола неколку кратно ќе се зголеми приходот на општините, пари коиќе може да се реализираат во капитални проекти.
„Треба сепак општините понатаму да издејствуваат во рамките на контролата и инспекцискиот надзор на концесиите да го нема тоа ексклузивно право само Министерството за економија туку тоа да се спушти и на локално ниво. Со локални инспектори, дали тоа ќе бидат рударски инспектори, кои ќе прават еден вид на техничка контрола на самата експлоатација, на квалитетот на искористувањето и извозот на тие минерални суровини, за да се слеваат повеќе средства во буџетот на општината, кои понатаму ќе може да се користат за одредени намени и подобрување на квалитетот за живот на граѓаните.
Во моментов значи општината нема никаква контрола каков вид на камен, каков вид на мермер се копа од рудниците, каков вид се извезува и како тој се заведува?
Апсолутно нема, тоа засега е ингеренција на Министерсттвото за економија за да во тој поглед новата Влада преземе одредени чекори за да се спушти на локално ниво, за да има поголема контрола на концесионерите, а тоа ќе значи повеќе средства и за државата и за општините. Мислам дека досега во Министерството за економија има, ако не се лажам, само 2 или 3 инспектори, кои што ги контролираат концесиите на ниво на цела Македонија, тоа не е доволно и мислам дека вака ќе биде многу пообјективна контролата, а со пообјективна контрола нормално ќе има и повеќе средства и за државата и за општините.
За колку би се зголемил оној прилив на средства за општините?
Ако сега средставата изнесуваат неколу стотици илјади евра јас мислам дека би дошло до милион, па дури и повеќе барем за Општина Прилеп, меѓутоа и за другите општини, а тоа не се мали средства кои понатаму општините може да ги користат за капитални проекти.
Дали во моментов според вас има некоја злоупотреба од страна на концесионерите во однос на ископувањето на рудното богатство?
Не можам да кажам, можеби има, тоа најдобро го знае Министерството за економија. Доколку и локалните самоуправи ја добијат таа ингеренција или може да бидат зошто не и заеднички контроли, ако има заеднички контроли ќе има и поквалитетна евиденција на сето тоа и поголемо слевање на средства“, истакна Марјан Ристески, поранешен градоначалник на Прилеп.
Ристески потсети дека тој како поранешен претседател на Комисија за финансирање при ЗЕЛС успеал да се избори во 2007 година да се промени Законот за минерални суровини со кој од нула денари тогаш општините почнале да добиваат приход од 40% од концесиите, а 60% оделе за државниот буџет, додека неколку години потоа имала втора промена на законот со кој сега општините дониваат 78% од концесиите на рудниците, а 22% државата. Но Ристески смета дека и тоа не е доволно затоа освен одредениот бенефит општините имаат и голема штета од концесионерите, а тоа било големото загадување на животната средина, како и уништувањето на инфраструктурата во општината која според него со законска одредба требало да ја изградат концесионерите.
„И мислам дека најмногу што се оштетува од сето ова е инфраструктурата, барем за Прилеп. Знаеме дека Прилеп има голема инфраструктура, канализациона и водводна мрежа, некаде преку 200 км. е на ниво на град само зборувам. Со самото поминување на повеќе тонски камиони тоа е еквивалент на земјотерс според Риктер од 3 или 4 степени, тоа прави голем потрес на улиците, на самиот систем на канализација и водовод и од тука има многу големи дефекти, ископани дупки на градските улици. Тие не се создадени од пешаците, велосипедите или автомобилите туку од повеќе тонските камиони кои ги носат и транспортираат минералните суровини. И во иднина би предложил на новата Влада секој концесионер кој би добил концесија во околината на било која општина да има и достапен пат и директен излез на регионалните и магистрални патишта со цел да не се оштетува инфраструктурата на општините“, додаде Ристески.
Инаку Прилеп е општина во Македонија со најголем број на концесии за рудници дури 32. Според изјавите на експертите годишно од прилепско се извезуваа и над 70 милиони евра суровини, па можеби и повеќе, а приходот за општината од сето тоа е само околу 200 до максимум 300.000 евра. Една капка во целото море. Токму затоа експертите и познавачите бараат итна промена на законот за минерални суровини.