Наставникот Милан Јаковоски со учениците од географската секција „Млади ентузијасти“ при ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“ од Прилеп прави интересен подвиг, односно искачување на седум дестинации во Македонија, преку кои што учениците се поттикнуваат подобро да ја запознаат природата и планината во својата околина, но и повеќе да ја засакаат Македонија.
Географската секција „Млади ентузијасти“ е од научен, спортски и рекреативен карактер, поврзана со теми и содржини кои учениците ги изучуваат во текот на основното образование по предметот Географија. Во неа членуваат ученици од осмо и деветто одделение и таа е составена од теоретски и практичен дел. Теоретскиот дел се реализира преку настава во училница, каде учениците се запознаваат со планините и природата во Македонија, но и се поттикнуваат за нивно посетување и искачување, односно покрај туристичкиот аспект, се промовира и здравиот начин на живот и стекнување на спортски навики. Во теоретскиот дел со свои предавања учествуваат и професионални и искусни планинари, кои со своето искуство ги припремаат учениците за предизвиците со кои би се соочиле при планинарење, како и правилниот начин за подготовка при искачувањето на планинските врвови.
Реализацијата на практичниот дел се одвива со група од 8 до 12 ученици, доброволци кои се добро психо-физички подготвени, кои имаат за цел искачување на 7 планински врвови, меѓу кои и највисоките во Македонија, односно Пелистер, Титов Врв и Кораб. Започнаа со подготовка и искачување на локалните планини, а секоја следна дестинација е со поголема надморска висина и со подолга патека. На теренските активности освен наставникот Јаковоски присуствуваат уште неколку други искусни планинари, кои добро го познаваат теренот и условите на планината што се искачува, а со цел безбедно реализирање на подвигот екипата ја придружува и медицинско лице.
„Главната цел на оваа географска секција е да се поттикнат учениците да ја запознаат подобро природата и планината во нивната околина и во иднина почесто да ја посетуваат, да ја негуваат и да ја одржуваат, но и да стекнат навики за спорт и рекреација, што го подобрува нивото на здрав живот. За да биде предизвикот кај учениците уште поголем во оваа секција освен планините и врвовите во околината на Прилеп како предизвик ги ставив и трите највисоки врвови во Македонија (Пелистер, Титов Врв и Кораб). Ваква настава се практикува во голем дел од развиените земји од Европа и светот, се надеваме дека ќе поттикнеме да почне да се практикува и кај нас, бидеќи е од голема корист кај децата“, вели Јаковоски.
Инаку, на секое планинарење учениците традиционално играат оро на врвот кој го искачиле!