На Отворениот ден СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп пред 9 одделенците ги претстави своите 5 струки со 10 образовни профили. Здравствената струка, струката лични услуги, текстилно-кожарската, шумарско-дрвопреработувачка и геолошко-рударската и металуршка струка. Струки кои во моментов се едни од најбараните професии на пазарот на труд во Македонија.
„За учебната 2024/25 година во СОУ „Ѓорче Петров“ има место за 322 ученици, во 10 паралелки, кои ќе бидат распределени во 5 струки, со 9 образовни профили. Во здравствената струка ќе запишеме 136 ученици во 4 паралелки, од кои 2 паралелки медицинска сестра, 1 паралелка фармацевтски техничар и 1 паралелка физиотерапевтски техничар. Во текстилно-кожарската струка имаме место за 25 ученици, тоа е дуална паралелка со 4 годишно образование. Во струката лични услуги имаме 2 профили, од кои едниот техничар за козметичка нега и убавина, застапен со 1 паралелка со 4 годишно образование, и другиот фризер, исто така 1 паралелка со 3 годишно образование. Во шумарско-дрвопреработувачката струка ќе запишеме 34 ученици во 1 паралелка во профилот техничар за обработка на дрво, додека во геолошко-рударска и металиуршка струка се распишани 2 паралелки од кои едната е со 4 годишно образование, тоа е геолошко-рударски техничар и е дуална паралелка, и со 3 годишно образование ракувач со рударски машини.
Очекуваме голем интерес на учениците за запишување, поготово во здравствената струка и во струката за лични услуги, меѓутоа исто така се надеваме дека ќе успееме да запишеме ученици повеќе од претходната година и во останатите профили. Причината поради која учениците би дошле во нашето училиште се значително подобрените услови за работа и теоретската и во практичната настава. Во текот на минатата учебна година набавивме голем број на наставнообразовни помагала, надгледни средства, училишни материјали скоро за сите образовни профили, така што сметам дека на учениците ќе им биде пријатен престојот во нашето училиште“, рече Жанета Видеска, директорка на СОУ „Ѓорче Петров“ .
„Ова е профилот на здравствена струка, профил медицинска сестра, со 4 годишно траење. Учениците овде се запишуваат со 70 бода, а по завршувањето на медицинското училиште тие се медицински сестри. Станува збор за една многу барана професија, многу барана струка која нуди пред се вработување. Имаме исклучително добра практична настава која започнува со учениците во втора година, каде учениците во кабинетот по практична настава се обучуваат за тоа што во иднина треба да го работат во реални услови, во реална установа. Практичната настава учениците од 3 година започнуваат да ја обавуваат во ЈЗУ Општа болница Прилеп, во сите болнички одделенија, каде секојдневно се вклучени во работните задачи и работат тимски заедно со нас, со професорите по практична настава, со стручните наставници и се дел од тимот на здравствените работници, на медицинските сестри, бидејќи тие ги извршуваат сите работни задачи кои треба да ги обавува една медицинска сестра во секое болничко одделение“, рече Наташа Ванчева, професор по практична настава, медицинска сестра.
„Ние сме здравствена струка медицинска сестра и најчесто учениците овде се запишани поради самата практична настава која се одвива во нашето училиште. Прво имаме кабинетска настава, а потоа имаме пракса на болница и баш поради тоа оваа професија е атрактивна и пред се хумана професија, животит на луѓето се во нашите раце и поради тоа праксата е многу добредојдена во ова училиште. Праксата ни овозможува да се сретниме со медицинските активности на медицинската сестра во самата болница. Во иднина се гледаме како здравствени работници“, истакна една ученичка од здравствената струка при СОУ „Ѓорче Петров“.
„Профилот фармацевтски техничар припаѓа во здравствена струка, во оваа струка учениците се стекнуваат со 4 годишно образование од секторот на фармација. За упис во оваа струка потребни се минимум 70 поени. Учениците после завршувањето на 1 година започнуваат да извршуваат феријална пракса во некоја од нашите аптеки, а истото го прават и учениците од втора и трета година. Во втора година учениците изведуваат исто така и практична настава, која се изведува во нашето училиште, а веќе од трета година учениците имаат и предмет Учење преку работа, каде одат во некоја од аптеките таму да ја извршуваат практичната настава“, потенцираше Венера Николоска Мишачкоска, професор по струлни предмети.
„Во нашата струка има доста пракса, со практична настава се започнува во втора година, имаме 1 ден практична настава во лабораторијата која се наоѓа во склоп на нашето училиште, која е доста добро опремена и ни овозможува да ги извршуваме нашите експерименти кои ги учиме на теоретска настава. Во 3 и 4 година имаме 2 дена пракса од кои 1 ден во лабораторија и 1 ден во аптека, праксата во аптека се нарекува Учење преку работа кај работодавач и со оваа пракса ние се запознаваме со аптеката како здравствена установа, како функционира, како работи, начинот на кој се издаваат лековите, различните лекови, како треба еден фармацевтски техничар или фармацевт да се однесува со пациентите и друго. По завршувањето на секоја учебна година во текот на летото по 20 дена имаме феријална пракса“, вели Михаела Станческа, ученик во СОУ „Ѓорче Петров“, фармацевтски техничар.
„Струката е физиотерапевтски техничар, станува збор за 4 годишно образование и за упис на учениците потребни им се минимум 70 поени. Праксата се одвива во втора година во опремен физиотерапевтски кабинет во училиштето, додека пак од трета година во одделот за физикална медицина и рехабилитација“, изјави професорот Петар Аризанкоски, физитерапевтски техничар.
„Јас ја одбрав оваа струка затоа што уште како мала сакав да помагам на луѓето и ме привлече некако овој смер и затоа се запишав тука. Можеби ќе продолжат со истиот смер и ќе работам како физиотерапевт понатаму“, рече Христина Беткоска, физиотерапевтски техничар.
„Струката лични услуги подразбира 2 профили, техничар за козметичка нега и убавина и фризер. Техничар за козметичка нега и убавина е 4 годишно образование, со што на учениците им се нуди после завршувањето да се запишат на некој од високите образовни институции, или пак да си отворат свој сопствен бизнис, од кој добро се заработува. Нашето училиште нуди добри услови за работа, односно располагаме со фризерски и козметички салон, каде учениците ги стекнуваат потребните вештини и знаења, кои ќе им бидат потребни ако се одлучат во иднина да отворат свој сопствен бизнис“, кажа Даниела Зојческа, професопр по стручни предмети во струката лични услуги.
„Задоволна сум од тоа што училиштето нуди добри услови за изведување на практична настава, каде стекнуваме знаења за самата струка“, вели Михаела Лашкоска, техничар за козметика, нега и убавина.
„Нашиот профил е фризер и е со 3 годишно образование. Одржуваме практична настава во прва, втора и трета година, ни почнува од прва година и ја одржуваме еднаш неделно. Во втора и трета година одржуваме 2 пати неделно. Исто така сме дел од многу хуманитарни акции за велигденските празници, осмомартовските празници, кога одиме во домот за стари лица и кај децата со посебни потреби. Уживаме во времето поминато со нив, ги разубавуваме и нормално сакаме да ги видиме нивните лица насмеани и задоволни. Исто така сега се ближи и Треш фешн, кој е дел од нашето училиште и сме многу деца во тоа. Ние сме задолжени за изработката на фризурите, козметичарите за шминката, а текстилната струка за изработка на облеката. Многу деца има кои се модели од таа акција. Исто така имаме и многу надворешна клиентела која иди во нашиот фризерски салон кој се најдува во дворот на училиштето и е добро опремен за нашите потреби кои ги изведуваме во него. Соработуваме и со децата од училиштето кои идат да изработуваме фризури на нив со нашите професори“, истакна Елена Велеска, фризер.
„Во оваа струка секој ученик кој ќе се запиши има можност да го надогради својот талент преку цртање, моделирање и дизајнирање на облека, односно имаме дизајн на облека. Оваа струка е дуална паралелка, што значи децата се помогнати со стипендија во текот на нивното 4 годишно образование. Имаме и соработка со компании каде се изведува практична настава, односно покрај помошта со стипендирање на учениците, имаме и практична настава почнувајќи од втора година во компании со кои училиштето има соработка и во училишната работилница. Се цели кон тоа да има повеќе пракса, а помалку теорија. Секој ученик добива во 3.500 денари 9 месеци во текот на учењето и потоа доколку учениците не сакаат да продолжат со образование имаат можност да се вработат во истите тие компании каде ја вршат праксата. Нашата струка е вклучена во многу проекти преку Еразмус програмата, а се организираат конкурси за цртање на цртежи, а имаме и модна ревија на крајот на учебната година, каде учениците сами си го изразуваат својот талент, нормално помогнати од нашите стручни професори“, посочи Наташа Мирческа, професор по стручни предмети во текстилно кожарска струка.
„Во нашата струка има многу модни ревии, имаме многу часови каде ги истражуваме нашите идеи, ги цртаме. На ревиите учествуваме скоро сите ученици, одиме и надвор од држава. Многу е убаво и има многу шетање. Се гледам како иден моден дизајнер, затоа што многу е убаво и облеката зависи од нас, ние ја креираме и му пружаме на луѓето да си ги остварат своите идеи“, додаде Благица Христоска, ученик во текстилно кожарската струка.
„Нашата струка нуди 2 профили, геолошко-рурадски техничар со 4 годишно траење и ракувач со рураски машини со 3 годишно траење. Геолошко-рударски техничар е дуална паралелка, со зголемен број на часови на практична настава, која се одвива дел во кабинетот во училиштето, дел во реномирани компании. Компаниите се доста отворени за соработка со учениците доколку учениците се заинтересирани да продолжат со таа струка. Учениците во дуалните паралелки земаат по 3.500 денари стипендија. Зошто би се запишале во оваа струка, затоа што е дефицитарна, младите по завршувањето на средното образование имаат можност да се вработат веднаш во компаниите, доста се добро платени и тоа е доволен мотив за да се запишат во нашата струка“, изјави Мартин Петрески, професор по геолошко рударска и металуршка струка.
„Самата струка се состои од четиригодишно образование, каде учениците ја извршуваат наставата во современи училници, а практичниот дел во компании со современа технологија, машини и материјали, каде по завршувањето на средното училиште учениците се оспособени самостојно да продолжат, да продолжат во компании, или доколку имаат желба со високо образование. Атрактивна е бидејќи имаат доста можности да бидат креативни во уредувањето на секојдневниот простор, значи дома имаме кујни, плахари, гардеробери, детски соби, спални, сето тоа со малку креација и визија ги претвораме во најубавите катчиња во нашите простори. Исто така има и широк пазар за тие производи“, кажа Пеце Алексоски, професор по шумарско-дрвопреработувачка струка.