Здружението за унапредување на здравјето „Филип Лукароски“ од Прилеп синоќа го промовираше раритетниот прирачник „Фокусирај се на себе, за себе“, посветен на грижата за машкото здравје.
Во месецот на машкото здравје, јуни, Здружението со прилози и совети на истакнати стручњаци, го претстави прирачникот пред јавноста за да укаже на потребата од грижата, уште повеќе во превенцијата на машкото здравје.
„Целите ни беа мажите да може да ги препознаат симптомите на оние заболувања кои може да го загрозат нивното здравје, да знаат каде да се обратат, на што да посветат внимание, како да го зачуваат своето здравје. Тоа не е само машки проблем, туку проблем е и на целото семејство. Во прирачникот посветивме внимание не само на битните превентивни прегледи, туку и на високиот крвен притисок, на дијабетесот, карциномот на простата, на тестис, на болестите на зависност, а дадовме и насоки за здрав живот и за физичките активности“, рече Петра Лукароска, претседателка на здружението „Филип Лукароски“.
Потребно е да се симнат табуата и често да се прават прегледи.
„На глобално ниво, а и кај нас, се почесто се истакнува прашањето за машкото здравје. Треба мажите повеќе да ги поттикнеме за почеста посета на лекарите. Секој современ маж мора да прави редовни прегледи“, изјави специјалист уролог доктор Арменд Арслани од болницата од Струга.
Според податоците, жените живеат пет години подолго од мажите и една од причините е што здравјето кај мажите често се смета за табу тема и за слабост.
„Добро е што овој прирачник ја погледна светлината на денот за да ја видиме вистината дека нема машки и женски болести. Да се надминат предрасудите дека мажите не треба да искажуваат и да имаат емоции. Напротив, кога ќе почувствуваат нешто, треба да се грижат за своето здравје. Треба да ја негуваме таа здравствена култура и за физичкото и за менталното здравје“, рече социологот Татијана Стојановска-Иванова, професор од Филозофсакиот факултет од Скопје.
Здружението „Филип Лукароски“ има бројни активности со трибини и дебати за унапредување на здравјето.