ВИДЕО – Света Гора – незамислив свет за современиот човек


Света Гора е царство без круна, држава без војска, земја без жена, богатство без пари, мудрост без школо, кујна без месо, молитва без престан, врска со Небесата без прекин, славење на Христос без замор, смрт без жалење. Оваа мисла на српскиот владика Свети Николај Велимировиќ, можеби најдобро ја опишува Г„радината на Богородица“ или Света гора Атонска, третиот крак на полуостровот Халкиди во Грција. И оваа година по благословот на Богородица успеавме повторно да го посетиме едно од најсветите места на земјата.

Во оваа втора моја репортажа на порталот Инфо Компас посветена на Света Гора повторно ќе се обидам да ви го пренесам барем за момент тоа чувство како е да се биде чекор поблиску до Бога.

За тие што не се запознати Света Гора иако се наоѓа во Грција е посебна монашка држава. Тука смеат да живеат и да влезат само мажи. Максимум денови кои регуларно може да ги добиете за престој тука се 3 ноќи. За повеќе денови треба да добиете посебен благослов од игуменот на некој манастирите. Но исто така е потребно да добиете и виза која ја дава исто така или некој од манастирите или канцеларијата на Света Гора во Солун каде се аплицира.

Од Прилеп тргнавме околу 22.30 часот и во градот Уранополис или во превод „Небесен град“ стигнавме околу 5 часот утрината. Канцеларијата за издавање на визи отвора во 6.00 часот, па моравме да чекаме да отвори еден час. Автомобилот може да го паркирате на блискиот паркинг каде паркингот за 4 дена чини околу 20 евра. Откако ќе ја земете визата, која се плаќа 25 евра, веднаш се вади карта за бродот „Агиа Ана“ од канцеларијата на бродската компанија која се наоѓа веднаш над канцеларијата за издавање на визи. Картата за бродот чини околу 8 евра. Тој е првиот број кој во 6.30 часот тргнува од Света Гора па затоа мора да побрзате со сите активности за да не го испуштите. Полека тргнавме за Света Гора.

Како што и објаснив во претходната репортажа на Света Гора се стигнува само со брод, нема патишта. Има вкупно 20 манастири и 17 скитови кои се општежителни, односно каде монасите живеат во братства. Но исто така има и самостојни келии каде живее и се подвизува по само еден монах кој од време на време слегува во манастирите за да се причести. Овие келии ќе ги видиме малку подоцна во репортажата.

Секоја манастир си има свое пристаниште. Откако ќе ги поминете пристаништа Јовањица на српскиот манастир Хиландар и арсаната на бугарскиот манастир Зограф пред вас се отвора манастирот Дохијар што во превод значи гостоприемник.

Тоа беше првото место каде оваа година повторно стапнав на ова свето тло. Чувството исто како и претходниот пат. Срцето трепери, а здивот подзастанува со секој изминат метар. Ова место е навистина предворјето на Рајот.

Дохијар е мал но многу убав манастир. Пристигнавме на крајот на Литургијата, но имавме можност да присуствуваме на Похвалната песна која ја монасите започнаа да ја пејат пред чудотворната икона на Богородица „Брзопослушничка’’ која од 1664 година се наоѓа во нишата пред влезот на манастирската трпезарија. 40-тина монаси во еден глас со песни ја славеа Богородица. Чувство и слика која единствено може да се доживее на Света Гора. За жал не е дозволено снимање во црквата и на службите од монасите. По 15-тина минути од молитвите кон Богорица заедно со сите присутни верници се поклонивме на иконата. Копија од оваа икона сега има и во Струмица.

Од Дохијар пешки се упативме кон манастирот Ксенофонт.

Манастирот во кругот има 2 цркви, една помала и втора поголема црква посветена на Свети Ѓорѓи, каде монасите ни дозволија да се поклониме пред кивотот со неговите мошти.

Од Ксенофонт повторно пешки се упативме кон рускиот манастир Свети Пантелејмон.

После неколку километри по лесна планинска патека пред вас ќе се отвори можеби највелелепниот и најграндиозен манастир на Света Гора, рускиот Свети Пантелејмон. Со својата големина и многуте конаци, цркви и параклиси е голем како село. Тука беше и првиот ден каде што имавме благослов да преноќиме.

Штом пристигнавме тука и пред да се сместиме во нашите соби еден од монасите не однесе да се поклониме на моштите од огромен број светители кои ги имаат тука. Практично во цел еден параклис внатре од левата и десната страна на полици се поставени кивотите со мошти на Свети Силуан Атонски, Свети Јован Крстител, дел од моштите на Света Ана – мајката на Богородица, Свети Василиј Велики, Свети Григориј Богослов, Свети Јован Златоуст, Свети Никола, Свети апостол Андреј Првоповикан, Свети архиѓакон Стефан, Свети Ѓорѓи, Свети апостол Лука и многу, многу други светители и маченици.

Според типикот на сите манастири на Света Гора, вечерната служба почнува во 17 часот и трае околу час и половина, по што следува трпеза за сите присутни. На Света Гора во скоро сите манастири има 2 трпези. Едната наутро после Литургијата, а другата навечер после вечерната богослужба.

Интересно е да се каже и тоа дека на Света Гора времето се рачуна според Византиското време, кое е неколку часа понапред од нашето, па така често низ манастирите се поставени по 2 часовници, како овој во рускиот манастир каде се отчитува грчката временска зона и византиското мерење на времето.

Откако другиот ден присуствуваме на Литругијата, која започнува во 4 часот наутро и трае до околу 9.30 часот, се причестивме со светите дарови, телото и крвта на нашиот Господ Исус Христос. После утринската трпеза се упативме со брод кон второто наше преноќиште манастирот Григоријат. Тука се замонашени двајцата наши владици Епископот Климент и Митрополитот Наум, а додека Епископот Партениј тука бил искушеник.

Откако се сместивме во гостинските конаци пешки се упативме кон манастирот Симонопетра. Манастир изграден на околу 380 метри над морското ниво, на една голема карпа, во 1257 година и кој претставува вистинско архитектонско чудо за перидот кога се градел. По околу час и половина пешачење по стрмна патека која најголем дел е изградена од камени потпори и скали стигнавме пред манастирот.

Во подножјето на карпата се наоѓаат градините на манастирот каде монасите си го засадуваат зеленчукот и овошјето за своите поотреби. Од тука дел од производите се качуваат со мала електрична жичница или со мазги. Архитектурата на манастирот навистина е прекрасна. Изграден на повеќе катови, а внатре пак, бидејќи нема голем двор, се поминува како низ тунели за да се дојде од еден до друг дел. И тука во црквата се поклонивме на светите мошти на Света Марија Магдалена, Свети Трифун, честица на Чесниот крст и уште неколку други светители.

Од тука повторно се вративме во манастирот Григоријат каде преноќивме и исто како и претходно во манастирот Свети Пантелејмон присуствувавме утрината на Светата Литургија каде повторно се причестивме, а потоа со брод заминаваме кон скитот Кавсокаливија.

Пред да стигнеме таму има можност од бродот да ги погледнете скитовите Неа Скит и скитот Света Ана, како и областа Каруља, најсуровиот дел на Света Гора или уште како што ја нарекуваат Светогорската пустина. Ова е делот каде животот на монасите аскети се задржал најавтентично како од првите денови на монаштвото. Живеат во мали куќарки изградени од по некој плитар, камен, штици и лимени покриви.

Живот кој за современиот човек денес е незамислив, а голем дел можеби и не веруваат дека постои вакво место каде луѓето постојано се молат, спијат по само некој час, а јадат можеби и еднаш на неколку дена. Тука, постојано, со секое откуцување на срцето на монасите, па дури и кога спијат, одекнува Исусовата молитва – „Господи Исусе Христе сине Божји помилувајме ме грешниот“.

По Каруља следната наша постојка е скитот Кавсокаливија. Тука на пристаништето не пречекаа голем број мазги кои ги носат потребните работи за монасите затоа што искачувањето до горе е навистина стрмно.  Од Кавсокаливија без големи закаснувања и задржувања се упативме кон испосницата на Свети Нил. Ова планинска патека, после искачувањето на врвот Атос, можеби е една најтешките на Света Гора. Се движите по навистина тежок и стрмен терен преполн со камењарници.

Испосницата на Светиот Нил е местото каде се подвизувал овој голем светител. Денес тука во пештерката има мала црквичка. А сретнавме и еден монах кој живееше во блиските келии. Од тука започнавме да слегуваме кон манастирот Велика Лавра, последното место каде требаше да преноќиме.

После навистина тешки и напорни околу 7 часа пешачење од Кавсокаливија стигнавме до Велика Лавра. Местото од каде што во 963 година практично започнало се. Тоа е првиот манастир на Света Гора изграден од страна на Свети Атанасиј Атонски.

Иако тогаш другите монаси кои живееле тука по околните пештери се побуниле на оваа негова идеја, но блискоста со византиските цареви му погнала да го изгради велелепниот и единствен за тоа време општежителен манастир на Света Гора каде монасите започнале да живеат во братство. Потоа се донесол типик како треба да функционира еден манастир, кој типик подоцна го преземаат сите манастири кои се градат.  До Велика Лавра нема брод, тој манастие се наоѓа од источната страна на полуостровот.

Откако се сместивме во собата одредена за нас се поклонивме на гробот и моштите на Свети Атанасиј Атаноски, металниот крст од 4 кг. кој Свети Атанасиј го носел на вратот секогаш кога служел Литургија, моштите на Свети Јован Кукузел, Свети Василиј Велики и многу други.

За жал тука не можевме да останеме на Литургија затоа што единствениот превоз е со автобус кој од тука тргнува во 6.45 минути и води до административниот центар на Света Гора, гратчето Кареја.

По околу 1 час патување пристигнавме во Кареја. За разлика од лани, годинава имавме можност по благословот на Богородица во протатската црква да се поклонивме на една од најголемите светињи на Света Гора, чудотворната икона „Достојно ест“.

Го посетивме и скитот Свети Андреј, велелепен објект кој по стилот се разликува од останатите грчки манастири, кој што го градел Николај Романов, последниот руски цар. До пред изградбата на црквата Свети Сава во Белград тоа било најголема црква на Балканот. Сега скитот на Св. Андреј е грчки и е под владение на манастирот Ватопед затоа што монасите заминале во Русија да се борат против комунистите за време на Октомвриската револуција и не се вратиле тука. А во Света Гора има правило ако еден манастир по бројот на монаси падне под 7 мина, истиот го презема најблискиот друг манастир.

Од тука повторно со автобус се упативме кон главното пристаниште на Света Гора – Дафне.  Тука пристигнуваат бродови кои имаат дозвола за превоз на патници и стока кон и надвор од Света Гора. Стотици верници од целиот свет секој ден слегуваат тука од бродовите и се упатуваат кон манастирите пешки или пак таму каде што има некаков пат со комбиња или мини автобуси.

Тоа беше последното место кое го посетив на ова мое второ патување на Света Гора. Од тука со брод се вративме поовторно во Уранополис, со надеж дека повторно ќе се вратиме тука и другата година.

Со клик ТУКА може да ја погледнете и првата репортажа за Света Гора на порталот Инфо Компас.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи