Мицкоски го доби мандатот за состав на влада од претседателката Сиљановска Давкова

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска го доби мандатот за состав на нова влада. Мандатот му го врачи претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова во вила Водно.

Пред присутните претседателката порача дека доделувањето на мандат за состав на влада на Мицкоски е вистински правен и политички чекор.

„Една од надлежностите на претседателот е доделување мандат за состав на влада. Согласно членот 90, став 1 алинеа прва, мандатот задолжително се доделува во период по истекот на десет дена од конституирањето на Собранието и тоа на лидерот на партијата, односно лидерот на партиите што имаат мнозинство. Сведоци сме дека денеска истекува десетиот ден. Исто така, при конституирањето на Собранието претседателот на Собранието беше избран со 76 гласа ЗА. Овој резултат и преговорите што се во тек ми даваат за право, основано да сметам дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски има сериозна можност да формира влада, односно да освои 61 глас за својата програма и составот на владата. Затоа чест ми е и задоволство со сигурност да верувам дека чекорот што го презема, доверувањето на мандат за состав на влада на Мицкоски е вистински правен и политички чекор“, изјави Сиљановска Давкова.

Мицкоски по доделување на мандатот кажа дека новата влада ќе биде избрана пред крајниот рок и дека го имаат потребното мнозинство, но најпрво чекаат да помине Законот за реорганизација на министерствата, за кој е потребно дво-третинско мнозинство.

„Граѓаните се најзаслужни што Македонија ќе добие нова влада, што нас, кои формиравме мнозинство, ни дадоа легитимитет. Набргу ќе биде создадена реформската влада која ќе работи на развој, а не на политички препирки, ќе градиме држава на еднакви граѓани“, рече Мицкоски.

На крајот од своето обраќање по добивањето на мандатот за состав на владата Мицкоски изрази убедвање деа ќе се смени реалноста и дека Македонија ќе стане успешна европска држава, татковина на сите граѓани, држава во коа ќе посакаат и иселените да се вратат.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи