ВИДЕО – Јаковоски: Кај многу држави од ЕУ планинарењето е дел од наставата, нашиот пример за часови во природа да го следат и другите училишта во Македонија


Драги гледачи наши денешни соговорници во ова интервју се наставникот Милан Јаковоски од основното училиште во Прилеп, „Кире Гаврилоски – Јане“, Катерина Јорданоски и Теодор Петкоски од мојата десна страна, а поводот на овој разговор е проектот кој го спроведуваат и реализираат во овој момент, навистина еден уникат и доста интересен проект, а тоа е искачување на неколку планински врвови во Македонија, како дел од предметот географија кој го изучуваат.

Повеќе околу целиот овој проект ќе ни кажат самите негови учесници, а разговорот ќе го започнеме со наставникот по географија, господине Јаковоски како дојдовте до идеја да преку практичен пример, преку практична настава по предметот географија, со цел учениците да се запознаат повеќе и со природата во Македонија, но и со нејзините убавини.

Јаковоски: Пред се добро утро на сите, сакам да ве поздравам за оваа инцијатива која ја препознавте кај нас и вака медиумски нѐ поддржувате. Како што кажавте ова е еден проект од географската секција во ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“ во Прилеп, каде група на млади ентузијасти, мои ученици ја прифатија и заедно ја реализираме од почетокот на школската година и треба да ја реализираме до самиот крај на оваа учебна година. Идејата е можеби мојата професија поврзана со едно од моите хобија кое што го практикувам, а тоа е планинарењето, но и примерот од многу европски земји кои на еден традиционален начин секоја година во нивната програма го воведуваат планинарењето како едно од вештините која го подобрува психофизичкиот развој кај учениците. Такви се на пример Словенија, Австрија, Германија, Швајцарија и уште многу други земји ширум Европа и светот. Оваа географска секција има за цел да преку планинарењето да ги доближи ученциите со природата и убавините на својата држава, нашата Македонија, со цел подобро да ја запознаат околината на родното место, но исто така и пошироките делови на нашата држава, односно планините, затоа што нашата држава располага со доста богат планински релјеф и е една од 10-те држави во светот според површината која ја зафаќа и застапеноста на планините во неа. Имаме преубави планини, имаме преубави врвови за искачување, како што кажавте досега можеби по некои предмети има направено иницијатива да се планинари, но нашата цел во оваа географска секција е да искачуваме врвови. Подготовката за искачувањето на врвовите прво во околината на нашиот град, искачивме неколку дестинација, а крајната цел да биде уште поинтересна и предизвикот да биде поголем кај учениците се одлучив да ги искачиме трите највисоки врвови, како Пелистер, Титов Врв и Кораб, нашиот највисок врв.

Од она што претходно разговаравме мислам дека се 7 локации, кои дел се поминати, а дел треба се уште да искачат.

Јаковоски: Така, тоа се седум локации во околината на Прилеп, почнавме со најмалата рута и место со најмала надморска висина, тоа е Маркови Кули, потоа искачувавме на Селечка планина до домот „Томе Темелкоски“, потоа манастирот „Трескавец“ и тоа беа подготовките. Потоа имавме еден врв кој е доста сериозен и видовме дали понатаму можеме да продолжиме, а тоа е врвот Козјак, исто така успешно го качивме и продолживме до третиот врв по висина во Македонија, тоа е Пелистер, кој беше минатиот викенд, а веќе утре продолжуваме да ја оствариме нашата цел, односно да го искачиме Титов Врв на Шар Планина, кој е втор по висина во во нашата држава.

Колку време течат подготовките за искачувањето на овие врвови и како децата ја прифатија оваа идеја?

Јаковоски: Подговотвките на терен, бидејќи оваа секција се состои од 2 дела, еден теоретски во училница, каде изучувавме за планините, за вештините за искачување, за приликите кои можат да нѐ сретнат на планината. Делот каде подготовките на терен почнавме да ги правиме траеја некаде околу месец дена, секоја недела имавме по 1 дестинација и со тоа ја зајакнувавме нашата психофизичка способност за да бидеме способни секој нареден врв да го искачиме.

Дали овој пример го зедовте од некоја соседна држава, или пак претходно беше имплементиран од некое училиште во Македонија?

Јаковоски: На почетокот спомнав, дел од европските држави тоа го практикуваат, почнав да го планирам уште пред 3 години, но некако се двоумев дали оваа или другата година, лани кога се вратив од Триглав од Словенија видов дека таму деца на помала возраст, уште на 12-13 години ги искачуваат на врвот Триглав, значи се искачуваат заедно со нивните професори и тука почнав да ја реализирам оваа географска секција, која учениците ја прифатија со задоволство. Нормално учениците кои ја прифатија оваа секција се активни спортисти кои спортуваат различни спортови, затоа што секако подвигот е доста голем и мора да бидат физички претходно спремни, а дополнително со нашите подготовки да се доспремиме за да можеме да ги искачиме тие надморски височини.

Учесници се учениците од осмо и деветто одделение?

Јаковоски: Во оваа година учесници се само учениците од деветто одделение, меѓутоа оваа географска секција е планирана за ученици од осмо и деветто, а наредната година најверојатно ќе бидат ученциите од осмо, сега што се седмо и така секоја година да имаме вакви активности. Ме прашавте дали во нашата држава досега имало ваква иницијатива, по одредени предмети во нашето училиште настава во природа се реализирало, но тоа било настава како прошетка во природа, а спомнав дека оваа географска секција има за цел и е ориентирана да искачува врвови и мислам дека во Македонија досега нема ваква иницијатива, ова е за прв пат и мојата цел е токму тоа, во наредните години да поттикнеме што повеќе училишта во Прилеп и во Македонија да ни се приклучат, да си прават теренски настави во околината на нивниот град, како што ние правиме во Прилеп, пример училиштата од Битола околу градот Битола, од Велес околу градот Велес и на крајот сите заедно да направиме една заедничка тура, односно да искачиме еден од нашите врвови во Македонија, како што се овие 3 кои ние сега ги искачуваме, или тоа да биде највисокиот, врвот Кораб.

Како ја прифативте оваа иницијатива на наставникот кога ви посочи дека имате можност за искачување на 7 места, односно врвови во Македонија?

Петкоски: На почетокот кога наставникот Милан ни кажуваше дека искачува некои врвови во Македонија и надвор од држвава, нас тоа ни звучеше интересно. Потоа дојде иницијативата за овој проект за заедно со нас да искачуваме врвови и на почетокот тоа ни звучеше многу интересно, затоа и прифативме и беше како голем предизвик, а јас лично сакам предизвици.

Дали претходно се имаш занимавано со планинарење?

Петкоски: Претходно со планинарење не, само на околните врвови околу Прилеп, на Маркови Кули и до „Трескавец“ најмногу.

Колку е тешко искачувањето и како се подготвувате?

Јорданоски: Искачувањето не е тешко, обично пред да искачуваме некој врв во училница имаме состанок и се договараме што треба да носиме и искачувањето ни поминува многу лесно со песна, со смеа, знае и да биде многу напорно, но заедно го пребродуваме тоа.

Дали вие досега сте се занимавале со планинарење и пешачење?

Јорданоски: Не.

Кое од овие посетени места досега ви беше најинтересно, а кое најтешко за искачување?

Јорданоски: Најтешко мислам дека ни беше домот „Томе Темелкоски“, затоа што ни беше прво поголемо и не бевме толку спремни, а најинтересно лично мене ми беше врвот Козјак.

Пелистер?

Јорданоски: И Пелистер беше интересно, но доста напорно.

Сега дали ќе продолжите и понатаму и по завршувањето на овој проект со запознавање на убавините на Македонија со искачување и истражување на планинските врвови?

Петкоски: Се разбира, да. Интересно е, имаме дружба, многу се дружиме и сакаме предизвици.

Интересно од она што можев да го забележам на социјалните мрежи дека играте и оро на местото кога ќе го искачите врвот?

Јорданоски:  Да, тоа е нашата традиција, прво кога се качуваме наставникот оди прв и ја пушта „Македонија навива за вас“ и со неа се искачуваме, а кога ќе се качиме горе со нашата песна „Бисер балкански“ играме оро.

Колку членови има оваа секција, колку брои моментално.

Петкоски: Со наставникот 9 членови, но тука се и поискусни планинари и доктори кои идат заедно со нас до врвовите и кои ни помагаат.

Доколку некој значи се повреди, имате и медицинско лице со вас на терен?

Петкоски: Да.

За крај, интересна иницијатива која навистина се гледа дека вродува со плод, младите се навистина заинтересирани, каде во иднина ја гледате перспективата во оваа практична настава во природа?

Јаковоски: Како што кажав, тоа се практикува во најразвиените земји каде образованието и сите други дејности од стопанството се развиени на највисоко ниво и докажано е дека еден час во природа заменува можеби 4-5 часа во училница по предметите географија, биологија, физичко, вештини и останатите предмети. Децата стануваат поцврсти, поснаодливи и имаат поголема самодоверба и сметам дека во оваа насока треба да се обрни повеќе внимание во образованието во иднина и да се практикуваат повеќе вакви часови, без разлика дали тоа е планинарење, велосипедизам или друг спорт и вештина, дека даваат голем успех кај учениците и е многу поквалитетно образование, многу поквалитетно здравје и исполнетост кај учениците.

Уште еднаш честитки за реализацијата на овој навистина интересен проект и со успех утре да го искачите вториот највисок врв во Македонија, Титов Врв.

Ви благодарам, сакам да ви се заблагодарам уште еднаш што ја препознавте оваа наша иницијатива и што нѐ поддржавте медиумски и на сите оние пријатели на кои дополнително ќе им се заблагодариме, кои искрено видоа позитива во сето ова и нѐ поддржуваат и помагаат на било каков начин за да го реализираме до крај овој наш проект.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи