Одбележан Денот на Воздухопловниот ВИНГ

Facebook
Twitter
Email
Print

Со прелет на воздухопловите кои се дел од единицата над аеродромот „Петровец“ и на два авиони Ф16 на грчкото воздухопловство, кои вршат обезбедување на македонското небо, како и со доделување на унапредувања, благодарници, пофалници и наградни отсуства во касарната народен херој „Страшо Пинџур“ во Петровец денеска беше одбележан 10 јуни, денот на Воздухопловниот ВИНГ, односно датумот кога во 1992 година се случил првиот лет на воен екипаж од штотуку формираното македонско воено воздухопловство.

Командантот на Воздухопловниот ВИНГ, полковник Игорчо Стоименовски посочи дека на денешен ден пред 32 години за првпат полета македонски воздухоплов со македонски екипаж.

„Почетоците беа мошно скромни, но во тој период го имавме најважното – искусен, стручен и високо мотивиран персонал кој ги постави темелите на военото воздухопловство и против воздушната одбрана. Опремувањето започна со пристигнување на транспортни хеликоптери, радар за набљудување на воздушниот простор и лесни школски авиони. Со набавката на борбени авиони и хеликоптери, како и ПВО системи се создадоа способности за извршување на мисијата на единицата“, рече Стоименовски.

Потсети на мисиите на Воздухопловниот ВИНГ и на загинатите 11 припадници во хеликоптерската несреќа кај катлановско Блаце.

„Со полноправното членство во НАТО се започнаа процеси на осовременување и модернизација на единицата по теркот на модерните армии“, рече Стоименовски.

За следната година најави опремување на единицата со најмодерни против воздушни системи „мистрал“ од француско производство, а за две години од сега и италијански хеликоптери „августа“ со широк спектар на способности за воздухопловна поддршка на единиците на Армијата и за поддршка на цивилни институции при природни катастрофи и вонредни состојби.

За следната година најави и распишување на конкурси за прием на нов млад кадар за потребите на единицата.

Началникот на командата за операции, бригадниот генерал Мирче Ѓорговски истакна дека на денешен ден во 1992 е извршен првиот лет со македонски воздухопловен екипаж.

Посочи дека одбраната на воздушниот простор претставува врвен приоритет и додаде дека во изминативе 32 години е даден конкретен придонес кон изградбата на капацитетите и способностите на единицата.

„Во овој историски период ВИНГ-от помина низ значајни фази на развој и трансформации. После повеќе од три децении може да истакнеме дека единицата ја дизајниравме и опремувавме согласно нејзината мисија и задачи во рамките на  можностите на Армијата и  на нашата држава. Со напорна работа и посветеност  прерасна во единица која функционира и се развива по НАТО стандарди, рече Ѓорговски.

Нагласи дека новите борбени системи и опрема ќе овозможат поголема оперативна способност и подобро извршување на дел од најважните задачи на единицата, а тоа, како што кажа, се непрекинато набљудување и откривање на закани од воздушниот простор, откривање, рано предупредување и ангажирање на системи на против воздушна одбрана базирани на земја и пресретнување, идентификување и уништување на цели во воздухот, блиска воздушна поддршка, и воздухопловно-техничко одржување на капацитетите со кои располага.

„Припадниците на ВИНГ-от во изминатите години покажаа дека се врвно обучени како при извршување на борбените задачи, така и при давање на помош и асистенција на институциите и граѓаните ширум државата“, рече Ѓорговски.

Единицата, посочи, е препознаена како тим на врвно обучени професионалци за извршување на борбените задачи, но и за гаснење на пожари и други хуманитарни мисии во сложени временски услови.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи