Навистина е големо задоволството да се слушне како звучи музиката исвирена од тројца врвни виолинисти, од фамилијата Тумбевци, едни од најпознатите не само во Прилеп туку и во цела Македонија. Прекрасна атмосфера која не може да се опише со зборови, но ќе се потрудиме максимално оваа уметност на виолината кај семејството Тумбески од Прилеп, преку ова интервју да ви ја пренесеме вас гледачите.
Никола Тумбески е најстариот член во ова семејство на виолинисти, тука е неговиот син Љупчо и внуката Благица. Разговорот ќе го започнеме нормално со најстариот, со Никола, кој има 84 години и е еден од најстарите виолинисти.
Никола: Неполни 84, до септември J.
Вие сте еден од најстарите виолинисти не само во Прилеп, туку и на ниво на држава?
Никола: Па може да се каже.
Инаку ова е четврта генерација, вие сте тука тројца, но сепак виолината во вашето семејство започнува преку вашиот татко?
Никола: Да, од татко ми прво кој беше самоук. Јас сум децата бегалци во 1947 година кога беше граѓанската војна во Грција.
Од каде потекнувате?
Никола: Од воденско, селото Струпино, од таму кога беше граѓанската војна ние моравме да го напуштиме домот и родниот крај, пешки бегавме во 1947, декември некаде зимото, снег имаше многу и тргнавме пешки до Битола каде нѐ прифатија, Крушево, Слепче, Браилово… Во Крушево 3 недели седевме, од тука нѐ транспортираа во Војводина, во Ѓаково, блиску со Сомбор. Татко ми од таму од Сомбро купи виолина, обична, тогаш една плата беше 1.200 динари и толку ја купи тој виолината. Таа виолина јас ја донесов овде, после ја заменив, направив комбинации па купив подобра. Татко ми во Ресен потоа се пресели од Војводина, бидејќи се разболи и ние рекоа дека климата во Ресен поради водата е подобра, има јаболка и дојдовме во 51ба таму. Значи 3 и пол години седевме во Војводина, во Ѓаково и потоа во ресен од 51ва до 56та. Виолината ќе ја оставеше тој, немаше како сега футроли, на полжавот со конче и на една шајка на ѕид, тој на работа, а јас земи ја виолината, кога имаш мерак за нешто, денеска посвири, утре посвири и научив од татко ми што слушав.
Значи и вие сте самоук?
Никола: Почнав самоук, потоа кога дојдовме во Прилеп се запишав кај Фициро, Борис Фицироски ми беше првиот учител. Во една година зедов 2 години, прва и втора ги учев, а уствари втората ми беше трета. Тоа беше 57ма кога дојдовме, 59та појдов во средно музичко со тие 3 години што ми ги признаа, средно завршив во Скопје кај Зоран Димитроски и Стојан Кретески, прилепчанец на Ангелариј брат.
На Архиепископот што беше?
Никола: Да, на Архиепископот брат, тој мене ми предаваше на виолина Стојан, а потоа од кај него кај Зоран Димитроски. Потоа виша вонредно завршив, одев на работа бидејќи татко ми немаше толку услови. За на академија Општината ми даде стипендија под услов да не одам на друго место, бидејќи тогаш секаде се бараа наставници, во Битола, Велес, Охрид, но јас си останав достоен на Прилеп и така почнав од 64та година кога завршив средно и 70та виша завршив, па потоа 40 години во музичко училиште како наставник.
Кои групи сте ги формирале во текот на годините и каде сѐ сте свиреле?
Никола: Тоа сликите кажуваат кај имам свирено, секаде, во Мирче Ацев свирев од 62ра, потоа формирав група за по свадби и нови години, другарски и секакви пригоди, со Мендо саатчијата, Слободан Костоски Пејакот, Славе Мирчески Цмбата и Драган, на Менде саатчијата братучед. Таа ми е првата група, а потоа свирев со Прилепски мерак и разни други групи.
Сега активно свирите?
Никола: До лани, до 83 години активно свирев, сега овие 5-6 месеци не толку…
Сега само за душа?
Никола: Само за душа, сам некогаш ако ми текни кога се осеќам подобро, но еве ме снајдуваат ампи некои, падни – стани, кичма искривена, со притисоци, самите години си го прават своето.
Но сепак како што имавме можност да слушнеме навистина одлично свирите.
Никола: Да, а немам свирено, некни така ми текна, се најдов сам, немаше кој да ми пречи и си зедов си свиркав. Инаку ако има публика се меша програмата J
Која песна ви е најомилена?
Никола: Параходот ми пристигна, Никола Бадев што ја пееше. Таа потекнува од Егејска Македонија. Параходот во морето, Егејско Море, или уште го викаат и Бело Море.
Се уште вашите спомени се врзани за тој крај.
Никола: Да, таму сум роден, неполни 7 години имав кога бегавме како дете. Најголем бев, сестрите мои уште 2 имав по 3 години, а најмалата сестра е 52ра, од мене 12 години помала, се роди во Ресен, таа е ресенчанка, ние другите сме чистокрвни од Егејска Македонија.
Како беше порано забавниот живот во Прилеп, еве нема место каде немате свирено, нема музичар со кого заедно немате настапувано?
Никола: Друго беше тогаш, а друго е сега, тогаш имаше и постара генерација идеа да слушаа како што свиревме ние староградски, романси, евергрини. Шиндејца беше за тоа енциклопедија, знаеше песни од цела Југославија да отпее, а јас имав песнарки, сите песни гиимав и нотите пред мене, ќе ја научам и одма вечерта во кафана ја свириме.
Значи и југословенска и македонска музика?
Никола: Од сите републики бивши во Југославија.
Каков беше духот порано на боемштилукот, на боемите во прилепската чаршија?
Никола: Тогаш идеа на музика и постара генерација, слушаа и уживаа во таа музика. Имаше редовни гости, имавме повеќе посета од сега, сега е млад свет, младите бараат турбо и други работи, но ние свиревме музика за душа.
Освен староградска музика која најмногу ја сакате, дали свирите и нешто забавно?
Никола: Забавно не, но валцери, танга.
Класична музика?
Никола: И класична музика свиревме, со класична завршив средно јас.
Од класичните автори кој ви е најомилен?
Никола: Го симпатизирав Паганини, името му го носам, Никола Паганини, инаку сакам да ги слушам Бетовен, Моцарт, Бах, Менделсон, сите се тие од разни епохи, разни стилови. Еве сега внуката продолжува, ние го завршивме нашето со кирилица, со народното.
Дали освен виолината свирите и на некој друг инструмент?
Никола: Не, предавав и хармоника, бидејќи имам учено клавир во средно и на академија, предавав и хармоника, не свирам, но предавам, познат ми е инструментот. Имав генерации кога немаше доволно виолини.
Колку често вака заедно фамилијарно се собирате да си отсвирите нешто за душата?
Никола: Кога ќе се расположиме, кога ќе се собериме, ќе ги викниме Боби и Здравко и со песна си правиме веселба.
Тука од мојата страна е и синот на Никола, Љупчо. И вие ја наследивте љубовта на вашиот татко, но и на вашиот дедо.
Љупчо: Јас завршив нижо музичко, не појдов кај татко ми, бев кај Борис Матракоски и мислам дека позитивно ми влијаеше, затоа што брат ми заврши кај татко ми, но немаше некој одговорност и озбилност бидејќи ајде, татко ми е, а јас и да врни и да грми, виолинчето со мене и пешки, за да не го срамам него. Таму нормално учев класика, а во последните 5та и 6та година почнав да одам по културно уметнички друштва и него му беше интересно на наставникот, бидејќи народната музика има трилери, јас свирев и на час последните години почнавме да свириме староградски романси, тој ме пратеше на клавир и така дозавршив. Но активно вежбав за да го оправдам лицето на татко ми. По завршувањето одлучив да не одам средно, тоа е моја грешка, тој инсистираше, но со други приватни бизниси… но музиката не ми е оставена воопшто. Имам стартувано со група Македонски вес, со Виолета Томовска настапивме, комплетно нејзиниот реперотар го имавме совладано, со Зоки на хармоника, Боби Лашко, Марјан Лашко, Љупчо Мирчески Цмбата. Со нив неколку години, потоа ме побараа во група Опус како басиста, третот ЦД го снимивме со мене, настапувавме во Германија. 3 – 3 и пол години некаде во група Опус, потоа во група Џумбушлии ме побараа, со нив бев подолг период, 15 години до последното кога сам со Менде Ташкоски и Боби ја оформивме група Балканика и до ден денешен во група Балканика. Паралелно со таа свадбарска група, со Боби и со Здравко имаме група Ќеф, самото име кажува, тоа е староградска музика во кафани, помали веселби во тамбурашки стил и према потребите од типот на музика што се бара настапуваме дали со Балканика, дали со група Ќеф.
Како што спомнавме и претходно, знаете и фамилијарно да се соберете и да си направите еден ќеф, како што се вика групата, за ваша душа.
Љупчо: Да, секоја фамилијарна веселба кај нас е со виолините, не постои некаде веселба каде што има дали свадба, или што и да е ние да одиме без виолина, тоа е незамисливо. Настапуваме и со други групи, често пати внуката баш на 2-3 свадби извежбавме нешто што би можела и таа, со татко ми веќе многу пати имаме настапувано како 2 виолини и големо задоволство е кога се работи фамилијарно и со љубов работата. Често пати се збираме и тука кај нас, бидејќи тој е постар идат другариве, хармониката, гитарата, двете виолини, баш правилен ќеф си правиме на душата.
Како што кажавме тука е четвртата генерација од фамилијата Тумбески. Вие сега во моментов студирате на Академија.
Благица: Да, сега во моментот студирам на Музичка академија во Штип, во класата на професорката Софија Никоска. Јас започнав прво на клавир, но постепено се јави желбата за виолина кога ја слушнав познатата група Бонд и оттогаш па наваму се занимавам со виолината. Чисто класика, но на некои свадби како што кажа вујко ми настапуваме и заедно.
Каде во иднина се гледате себе си?
Благица: Па, можеби професор по виолина, а можеби и како солист со Филахрмонија, тоа ми е желба.
Класичната музика во овој момент во Македонија како би ја оцениле?
Благица: Мислам дека не се цени доволно тука, повеќе во странство се цени класичната музика, но се трудиме ние што сме класичари да има повеќе настапи со класична музика, колку што е можно повеќе.
Драги гледачи тоа беше фамилија на виолинисти Тумбески од Прилеп. Се надевам дека овој разговор ви беше интересен и дека многумина можеби и ги врати во младоста како изгледало времето кога Никола Тумбески свирел со својата виолина, а сега продолжуваат неговиот син Љупчо и неговата внука Благица.