Од концесија на рудници државата за 4 години наплатила само 45 милиони евра


Од концесија за доделување на површини за екслоатација на руда, државата во периодот од 2018 до 2022 наплатила само 45 милиони евра. Иако компании прават огромни профити од експлоатација на квалитетен мермер во Македонија, од тоа се наплатени само 1,7 милиони евра за отстапување на националниот ресурс во период од овие четири години.

„За вршење на експлоатација на минерални суровини за периодот 2018 – 2022 година, наплатени се вкупно 2.781.024 илјади денари (околу 45 милиони евра ) концесиски надоместоци од кои: 287.307 илјади денари (околу 4,6 милиони евра ) надоместок за користење на простор, 2.487.581 илјади денари (околу 40,2 милиони) евра надоместок за експлоатирана количина на минерална суровина и 6.136 илјади денари по основ на камата по двата основи. Со извршената ревизија и обезбедените докази стекнавме разумно уверување дека мерките и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции не обезбедуваат целосна подготвеност и сигурност за остварување на оптимална искористеност на минералните суровини, сеопфатна и навремена наплата на концесиските надоместоци и ефикасен систем на надзор над реализацијата на склучените договори“, констатира Државниот завод за ревизија 

Според ДЗР, висината на надоместоците за користење на простор кои се определени во државата е многу мала, а исто така и наплатата на надоместоците за експлоатирани количини е многу ниска во однос на реалните пазарни цени кои потоа ги наметнуваат концесионерите и од кои добиваат огромни добивки.

„Остварените надоместоци во корист на државата од експлоатација на најквалитетниот мермер во износ од 103.248 илјади денари или 1,7 милиони евра за период од 2018 – 2022 година претставуваат 1 отсто од остварените приходи од продажба на концесионерот“, заклучува ревизорот.

Во овој четиригодишен период дури 19 милиони евра од вкупната сума била наплатена со задоцнување во однос на законски утврдениот рок. Според испитувањето што го направил ДЗР, двајца концесионери експлоатирале минерални суровине на 9.989 метри квадратни дива површина која не била регулирана, односно ограничена со договорите.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи