Филип Илиоски, Влатко Крстески и Христијан Мојсоски од Здружението на велосипедисти „МАРКОВИ ТОЧАКЏИИ“ од Прилеп успешно ја завршија првата етапа од „Tour de Suisse“, на која со велосипеди треба да возат од Циришко Езеро до Прилеп. Тројцата велосипедисти за 5 дена извозија 670км и поминаа низ 4 држави, односно од Швајцарија преку Алпите преминаа во Италија, продолжија кон Австрија, за моментално во Словенија да ја прават првата заслужена пауза.
Првиот ден екипата од МАРКОВИ ТОЧАКЏИИ возеше од Циришкото Езеро до Саас, со должина од 115 километри, целосно во Швајцарија.
Вториот ден продолжија на релација од Саас во Швајцарија до Глоренца во Италија. Станува збор за најкратката планирана делница од “само 110км“, но воедно и најтешка со преку 2.500м елевација и искачување и преминување преку 2 планински премини на Алпите, односно Флуела со 2.383мнв и Офен со 2.149мнв.
Третиот ден ја извозија досега најдолгата релација од 170км, од Глоренца до Брунико низ Италија.
Наредните 2 дена, покрај со големиот број километри, екипата од МАРКОВИ се бореа и со временските неприлики. Имено, четвриот ден, на релација од Брунико во Италија до Хермагор во Австрија со должина од 149 километри, за време на целата должина возеа контра ветар, односно со ветар во гради, што секој кој се занимава со велосипедизам знае дека преставува предизвик самото по себе, особено на големи тури.
Петтиот ден, од Хермагор во Австрија до Крањ во Словенија, со искачување на преминот Вурзен со 1073мнв, со стрмнина од 18% и просечни температури од само 8 степени целзиусови, со дожд преку целиот пат, Филип, Влатко и Христијан извозија 110км, со што успешно ја завршија првата етапа од „Tour de Suisse“.
„Ова е доста големо искуство за нас, поминавме до сега 4 од предвидените 7 држави за 5 дена, секој нов ден истражуваме и се запознаваме со нови и различни култури, различни нации и начини на живот.
Голем впечаток ни остави тоа што низ сите 4 држави до сега има одлична мрежа на велосипедски патеки долги буквално стотици километри и тоа што доста многу се користат велосипеди како превозно средство низ градовите, но и за спорт и рекреација.
Екипата се чувствува одлично и до сега сѐ оди според планот“, изјави Филип Илиоски, претседател на МАРКОВИ ТОЧАКЏИИ.
Денес е заслужен ден за пауза и за освежување, а веќе во четврток продолжуваат кон Хрватска. Само напред момци и лесни педали!