„Испразнето гнездо“ е насловот на изложбата инсталација во форма на фотографии на авторката Марија Конеска која е правена врз основа на истражување започнато уште во 2018 година со голем број разговори со семејства кои се иселиле од Македонија. Фотографиите се од куќи на луѓе кои повеќе не се тука и направени врз основа на нивните сведочења. Се иселуваат и млади и стари.
„Градот умира нажалост, бидејќи не станува збор само луѓе кои се иселуваат само поради економски причини, туку поради посериозни причини во кои се вклучени нефункционален медицински систем, образование, партиско уценување. Јас поминав стотици куќи и најшокатно за мене беше тоа што постојат улици кои се комплетно празни и иселени“, истакна Марија Конеска, автор на изложбата.
Оваа тема ги погодуви скоро сите присутни на отворањето на изложбата. Веќе нема фамилија каде некој не се иселил.
„Многу болна тема, јас самото нешто го искусувам, две деца имам иселени се од државата. Едниот е архитект, другиот е невролог и заминуваат постојано луѓе. Зградата каде што седам е полупразна и течи, едноставно течи не се запира и незнам до каде и до кога ќе оди вака. И не е иселувањето искрено само за пари“, изјави Лепа Милошеска, посетител на изложбата.
Секоја година и бројот на првачињата што се запишуваат е се помал.
„Секоја година се помалку и помалку се запишуваат првачиња, а и тие што се запишуваат голем дел од нив после неколку години заминуваат. Јас работам во образование и секоја година има се помалку и помалку деца“, рече Емил Димоски, посетител на изложбата.
„Едноставно од потребите на луѓето се случува ова за да најдат место каде ќе се чувствуваат послободно, поисполнето, финансиски можеби подобро“, кажа Дарко Талески, посетител на изложбата.
Пораката на Конеска беше дека само народот може да го спречи овој егзодус со тоа што Македонија ќе ја направи подобро место за живеење.