Писонеро: Скопје мора да ги направи ветените уставни измени за да продолжи на патот кон ЕУ

Facebook
Twitter
Email
Print

Скопје мора да ги почитува меѓународните договори и да ги направи ветените уставни измени за да продолжи по својот пат на евроинтеграции, изјави денес портпаролката на Европската комисија Ана Писонеро.

„Мислам дека пораката е многу јасна, Македонија мора да го искористи моментумот кој постои за проширувањето за да продолжи решително кон на својот ЕУ пат. Мислам дека сите сте свесни за тоа што ЕУ Советот јасно кажа дека го очекува од Македонија и секако тоа се однесува на уставните амандмани за кои Македонија се обврза да ги направи за да може да продолжи по својот ЕУ пат“, рече Писонеро.

Како што истакна таа, ЕУ изразила жалење и за некористењето на придавката „Северна“ од страна на дел од македонските лидери.

„Веќе кажавме дека жалиме за некористењето на некои од македонските лидери на уставното име на Македонија, тоа е нешто што е договорено во Преспанскиот договор и јасно е дека сите страни треба да ги почитуваат одредбите од договорот и да ги спроведуваат со добра волја. Тоа имаме да го кажеме“, истакна Писонеро.

Во меѓувреме, Украина и Молдавија кои аплицираа за членство во ЕУ пред две години, односно по почетокот на руската инвазија, денеска во Луксембург и официјално ги започнуваат преговорите за членство во Унијата. Ваквиот потег дел од медиумите во ЕУ го оценија како дискриминаторски кон земјите од Западен Балкан. Порака дека земјите од регионот треба да се приклучат на ЕУ пред Украина и Модлавија бидејќи подолго се во чекалната на Унијата, упати и италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи