Во својот прв ден како министер за здравство, Арбен Таравари презеде решителни чекори со разрешување на осум економски директори на клиники во Скопје, кои се сметаат за вршители на должностите.
Во моментот разрешени се директорите на скопската Клиника за неврологија, Ендокринологија, Максилофацијална, потоа економските директори на Дерматологија, Ревматологија. Физикална медицина, како и Токсикологија, Стоматолошката клиника и Психијатриската клиника.
Тие се дел од мерките за итно разрешување на директори без законски пречки за заминување, вклучувајќи и разрешувањето на директорката на Токсикологија, Бесија Иљази, која претходно предизвикала контроверзи поради недостаток на комуникација на македонски јазик.
Министерот за здравство ветува дека ќе продолжи со разрешување и во други клиники за да се намали значителниот финансиски товар и да се зголеми ефикасноста и транспарентноста во управувањето со здравствените установи. За подобра ефикасност на здравствениот систем, Таравари најавува дека намалувањето на директорските позиции ќе важи и за помалите градови, каде што во моментов има и директори на здравствени домови.
За потсетување, скопските клиники имаат по двајца директори од 2006 година. Според системот на врзани потписи, тие требаше да направат ефикасни реформи во здравството, а во исто време да ја зголемат контролата на работењето. Со текот на времето, проектот во јавните здравствени установи пропадна, а економските директори останаа да управуваат само на скопските клиники.