Централната власт е најголем подмитувач на бизнисот. Пари, подароци, вработувања, унапредувања, донации за политички партии, проценти од тендери и што уште не се барањата за мито од функционери на централната и локална власт побарани од македонските компании во 2023 година.
„Многумина не разбираат колкава е штетата од корупцијата и дека таа ги погодува сите затоа што парите од поткупот завршуваат во приватни џебови наместо во Буџетот на државата која потоа нема пари да им обезбеди квалитетни услуги на граѓаните. На меѓународното рангирање како единствено релевантно Македонија е на 76 место по пршањето на корупцијата и во вакви околности нужно е дека нешто мора да се прави“, изјави Зоран Јовановски, потпретседател на Стопанската комора, на денешната презентција на резултатите од анкетата во врска со коруптивни барања со кои се соочиле македонските коммпании.
Според податоците, на пет компании им биле побарани преку 100.000 евра, а на другите од кои исто така се барале пари, 1.000 – 10.000 евра. Од некои, пак, што учествувале на тендер, се барале 6 – 10 отсто од износот на тендерот.
Вкупно 61 отсто од фирмите се соочиле со корупција два до пет пати во текот на годината, а повеќе од 20 отсто еднаш. Притоа, ниту едно коруптивно барање не е пријавено во постапка на Јавното обвинителство или кога некој вршел ревизија, во такви случаи немало нудење мито.
Од оние што не прифатиле коруптивно барање, 48 проценти рекле дека имале последици врз бизнисот. Тоа било најзиразено преку пролонгирање на нивните активности.
„Според 78 отсто од компаниите коруптивното барање дошло од централната власт, а според 22 процента, од локалната власт. Најчестиот облик на корупција биле пари, подарок или услуга, а обидот за нудење мито бил во постапка на добивање дозвола или одобрение, при инспекциски надзор, царинска или тендерска постапка, даночна, судска, катастарска,… Две третини од компаниите се соочиле индиркетно со корупција, им било дадено до знаење дека нешто се очекува. Веројатно и јавниот сектор е внимателен. Но, од 51 одговор, 31 компанија рекла дека ништо не презела. Дел велат дури и „нормално е нешто да се даде“, а многу мал дел пријавиле кај претпоставениот во јавниот сектор. Според компаниите, нема пречки за да пријават корупција, меѓутоа некои не веруваат дека ќе има каков било ефект, а некои се плашат дека тоа ќе има последици врз нивното работење. Многу малку од оние што се соочиле со корупција, пријавиле, се бројат на прсти, рече потпретседателот на Комората“, Зоран Јовановски.
Според истражувањето повеќето компании мислат дека судскиот систем е неефикасен, дека во власта има поединци кои сакаат брзо да се збогатат, дека владее морална криза во општеството, како и дека законите не се применуваат. Вкупно 42 одговори од компаниите биле дека нема ефикасна заштита за оние што пријавуваат мито, а 23 одговори рекле дека се ниски платите на службениците во јавниот сектор, што, според приватниот сектор, е една од причините зошто има корупција.
Но и покрај тоа, 96 отсто од испитаните компании веруваат дека борбата против корупцијата е можна. За таа цел Јованоски најави дека Стопанската комора во наредните 12 месеци, во рамки на проектот „Граѓаните против корупцијата“, ќе потпише меморандум за соработка со Антикорупциската комисија, ќе реализира обуки и работилници за компании и ќе изготви кодекс за етичко однесување.