Ветерен парк со 55 ветерници кои ќе произведуваат еден терават час електрична енергија ќе се гради меѓу Карбинци, Штип и Радовиш. Изградбата се очекува да започне во втората половина на 2025 година, а со оваа странска инвестиција на „Алказар Енерџи“, вредна над 500 милиони долари, се очекува да се отворат нови 630 работни места.
Ветерниот парк, како што беше посочено на денешната промоција на инвестицијата, ќе произведува електрична енергија со која ќе се задоволат потребите на околу 100 илјади домаќинства.
Според премиерот Христијан Мицкоски, се работи за најголема инвестиција во делот на обновливите извори во регионот.
„Ваквиот почеток на мандатот со ваква инвестиција покажува дека како Влада сме насочени кон проекти што се во интерес на граѓаните. Со завршување на овoј проект дури 100-тина илјади македонски семејства ќе може да се снабдуваат со електрична енергија од овие ветерници. Овој проект е значаен од многу аспекти – со него ќе се зајакне значително енергетката независност, што е наша цел, ќе го зголеми обемот на инвестиции и ќе отвори пат за нови инвестиции. Ваков тип на инвестиции покажуваат дека довербата во оваа Влада уште на самиот почеток е голема и дека како опозиција работевме и сега како Влада само ќе продолжиме да работиме со зајакнато темпо“, рече Мицкоски.
Како што посочи, со реализација на детален план можно е Македонија да стане енергетски независна во делот на елктричната енергија, а Владата има и план и луѓе, само треба да се заврши домашната задача која самите ја поставиле.
„Навистина сум задоволен што „Алказар Енерџи“ пред неколку недели успеа да ја затвори финансиската конструкција за изградба на најголемиот парк на ветерници во регионот. Денеска е тука да ја промовира инвестицијата и ние како Влада ќе бидеме тука да помогнеме во нејзината реализација. Од земја увозник, ќе повторам, наша цел е да станеме и земја извозник на електрична енергија“, потенцира премиерот, дополнувајќи дека Владата има големи планови во делот на енергетиката, а оваа инвестиција е само најава.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска рече дека овој проект покрај другото ќе придонесе за намалување на емисијата на стакленички гасови и за балансирање на струјата од обновливите извори на енергија.
Инаку „Алкараз енерџи“ е водечки независен одржлив фонд со седиште во Луксембург и тим на советници со седиште во Дубаи кои се фокусираат на големи проекти за обновлива енергија на пазарите во развој.