Децата што требаше да ја посетуваат новата градинка во населбата Точила во Прилеп веќе пораснаа, дел од нив дури и се запишаа на училиште, а градинката никако да се пушти во употреба. Треви, обраснат двор и ѓубре е жалната слика која ве пречекува во кругот на градинката која требаше да биде ставена во функција уште во 2021-ва и да прими 250 дечиња. На листа на чекање во моментов во Прилеп се над 300 деца кои сакаат да се запишат во градинките. Граѓанската организација СТАНИЦА П.Е.Т. денеска повторно преку „Креативна акција“ со ликови од цртаните филмови потсетија за енормното доцнење со отворањето.
„Имаме веќе генерации кои што ја пропуштиле можноста за ран детски развој, имаме семејства кои со години, особено оние кои немаат можност да ги пратат своите деца во приватни устранови за згрижување, пропуштиле можности за вработување затоа што некој морал да се грижи за децата сите тие години“, вели Весна Шапкоски, извршна директорка на СТАНИЦА П.Е.Т.
Што точно се случува со објектот ниту една институција досега јавно не излегла да ја објасни во детали ситуацијата. Единствено се знае само тоа дека имало одредени недостатоци во проектот, кои еве 3 години никако да се доотстранат.
„Слушаме разни изговори за пропусти во градба, архитектонски неправилности, па недостаток на опрема, па потоа опремата се донесе, па имало некои други проблеми. И сето тоа очигледно никако не може да се реши и објектот од лани па до денес од надворешна страна гледаме дека е дури и во полоша состојба. Затоа што дворот не се одржува, објектот не работи, така што нашата загриженост е дека за скоро време овој објект ќе започне да трпи штета од неговото не пуштање во употреба“, додаде Шапкоски.
Од Општина Прилеп велат дека во моментов се работи на отстранување на недостатоците на објектот утврдени од страна на Комисијата од Министерството за труд и се надеваат дека објектот ќе биде пуштен во употреба оваа година.