Годишен профит за најпрофитните извршители, од кој може да се купи куќа, или стан, веќе и не е вест. Порталот „Пари“ подолого ги следи нивните приходи и добивки, па заклучокот е дека за умешните во оваа фела, ова е профитна професија од која годишно се ставаат на сметка по дестици, па и и по стотици илјади евра.
Анализата на порталот „Пари“ во соработка со БизнисМрежа.мк (пред неколку месеци побарани се официјални податоци од Комората на извршители, но не ги доставија), покажува дека најголем приход од над 360.000 евра за 2023 година има извршителката Катерина Кокина.
На прво место, пак, по добивка (нето-приход) пред оданочување е извршителката Николина Иванова од Битола, која лани ја збогатила касата со уште 200.000 евра.
ДЕСЕТ ИЗВРШИТЕЛИ ЗАЕДНО НАПРАВИЛЕ ПРИХОД ОД НАД 3 МИЛИОНИ ЕВРА
Извршителите за тоа што го работат наплатуваат врз основа на одобрената Тарифа за награда и надоместок на другите трошоци. Од 2018 година, со законски измени, при извршувањето не им се наплатуваат надоместоци на примателите на социјална парична помош.
Анализата на „Пари“ во однос на најприходните извршители покажува дека првите 10 од вкупно 93 извршители направиле заеднички приход од над три милиони евра. На листата се веќе познати имиња кои ги видовме и според податоците за 2022 година, а со нив се сретнавме и порано.
Како што може да се види од бројките, првите 10 извршители, во просек, наплатиле за своето работење во текот на 2023 година по 300.000 евра. Сите четири први позиции ги држат жени, што значи дека тие добиле повеќе работа за извршување. Првите две, Катерина Кокина и Весна Деловска, која лани беше избрана и за претседателка на Комората на извршители, практично секој ден (бил работен, или неработен) од предметите наплатувале по 1.000 евра.
ЗА 5-6 ГОДИНИ РАБОТА, ЗАРАБОТКА КАКО НОБЕЛОВА НАГРАДА
Од остварените приходи, извршителите треба да ги намират трошоците за работа – својата канцеларија, патни трошоци, материјални расходи, вработени… Но, податоците покажуваат дека и по сето тоа им останува солидна сума пари. Со вакво темпо (а тие веќе го имаат фатено), практично најпрофитните за пет-шест години ќе стигнат до милионче (во евра), колку што е и Нобеловата награда за врвните достигнувања во некое поле.
Но, ако внимателно се гледаат бројките, може да се заблежи дека дел од оние со најголеми приходи не се на списокот со најголеми добивки. Нивните трошоци, изеле поголем дел од реализиранииот приход. Сепак, добивките им се мерат во десетици илјади евра, но се под 100.000 евра.
На прво место е битолчанката Николина Иванова, со добивка пред оданочување од 200.000 евра, реализирани со приход од 337.000 евра. Таа, во извештаите за 2022 година, беше речиси со иста добивка како и Весна Деловска, и се наоѓаа на самиот врв на табелата по профит. Но, годинава Весна Деловска, иако е втора по приход, ја нема во првите 10 по профит. Нејзината ланска нето-заработка пред оданочување беше околу 74.000 евра што, секако, и понатаму е солидна сума.
Како што може да се види од табелата, Катерина Кокина, која остварила најмногу приходи (над 360 илјади евра), е втора по нето-приход пред оданочување со нешто помалку од 200.000 евра.
Извршителката Катерина Кокина во 2021 година беше прва по добивка и по објавувањето на овој податок со задоволство прифати интервју во „Пари“.
„Добивките се огледало за успешноста на реализацијата на извршните исправи, и јавноста не би требало да демонстрира негативен прием на веста дека ефикасно се спроведуваат судски и останати одлуки“, рече Кокина која веќе 13 години е извршител.
Најголем успех, како што изјави тогаш Кокина, ѝ е наплатата на 5,5 милиони евра во едно извршување. Таа објаснува и дека во сите европски земји, освен во една, постои приватно извршување.
На трето место по добивка е Никола Богатинов, кој не е во тие што направиле најголем приход. Неговиот приход бил 177.000 евра, а како добивка му останале дури 145.000 евра.
Целиот текст е достапен на следниот линк: https://pari.com.mk/