Соодветно најавата на синоптичарите дека попладне ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремен пороен дожд и грмежи, а на повеќе места ќе има појава на невреме со обилен пороен дожд за кратко време(над 30 l/m2), грмежи и град, секторот за хидрологија при Управата за хидрометеоролошки работи информира дека доколку процесите бидат интензивни и доколку на одредени места локално за кратко време навранат поголеми количини на дожд можно е да дојде до забрзано зголемување на водостојот на малите реки и суводолиците, каде на одредени локации можно е да се јават локални проблеми.
Доколку се јават овие интензивни врнежи, можни се и локални комунални проблеми во градските урбани средини. Особено треба да се внимава доколку овие интензивни врнежи паднат во предели каде веќе неколку денови има врнежи и каде почвите се влажни и заситени со влага.
Достапните модели најавуваат појава на врнежи на целата територија од државата, со потреба од внимателност кај следниве региони:
– Полошки, Скопски, Кумановски, Осоговски, Кривопаланечки, Штипски, Велешки, Прилепски, Мариовски, но секако можни се и отстапувања од најавените Региони.
Се препорачува внимателно движење покрај помалите реки и суводолиците и места каде има опасност од одрони и свлечишта.