Последниот дел од кредитот од кинеската банка EXIM за изградба на автопатот Кичево – Охрид е одобрен, и наскоро ќе бидат префрлени парите. Вториот дел од кредитот беше договорен во анексот 2018 година и истиот е во висина од 211 милиони долари.
Кога кредитот ќе биде префрлен, прво што ќе се направи ќе биде исплатата на околу 20 милиони евра заостанати неисплатени рати кон кинеската компанија Синехидро и македонските подизведувачи кои го градат патот.
Делницата од 57 километри се гради веќе 10 години, со две влади. Минатата која имаше два мандати, не успеа да ја изгради, па сега ќе треба да ја довршува новата. Токму новиот министер за транспорт и врски Александар Николоски ја најави како приоритетна.
Крајниот рок на изградба е на 1. јануари 2026 година. За изградба се земени кинески кредити во износ од 772 милиони долари. Поранешната власт се правдаше дека автопатот не е готов поради појава на свлечишта и лошо планирање.