Се укинува балансерот – постапката ќе се спроведува во фази

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најави дека укинувањето на балансерот ќе се одвива во фази, а со тоа стручноста во одредена област ќе биде пред вработување по етничка припадност.

„Во првата фаза ќе се вратиме на законските основи на Пописот од 2021 година, а потоа со закон и промена на методологијата ќе одиме кон целосно укинување на алатката балансер при што целосно ќе се почитува темелната вредност на Уставот – соодветна и правична застапеност на етничките заедници, порача Андоновски.

Нагласи дека со тоа ќе се стави крај првично да се биде дел од некој етникум, а потоа да се биде професионалец во некоја област и да се има квалитет и образование. Стручноста ќе биде пред изборот на етничка припадност.

„Денеска е првата владина седница на којашто ќе бидат разговарани некои основни прашања за функционирањето на Владата. Знам дека граѓаните имаат големи очекувања сите работи да биде направени брзо, но мислам дека за ова е потребна сеопфатна дискусија во рамки на Владата, да видиме кои се начините да не се повреди темелниот принцип на Уставот – соодветна и правична застапеност на заедниците, но во исто време прво да ја гарантираме мериторноста, ефикасноста, квалитетот, образованието и искуството на вработените, а не да го гледаме нивниот етнички предзнак“, изјави Андоновски по денешната средба со новинарите.

Посочи дека бројките во дигиталната алатката балансер од денеска веќе се променети за да одговараат на резултатите на резидентното население од Пописот во 2021 година.

„Тоа значи дека лицата попишани во држави во странство нема да бидат дел од дигиталната алатка балансер за вработување во Република Македонија. Времето на балансирање по етнички клуч останува во минатото и сето тоа со почитување на темелните вредности на Уставот“, потенцира Андоновски.

Премиерот Христијан Мицкоски минатата недела изјави дека укинувањето на Балансерот е препорака од Европската Унија и смета дека тие препораки мора да се почитуваат.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи