ВИДЕО – Мали буџети, нема пари за основно функционирање, малку проекти, недостиг на стручен кадар – сликата за малите општини


Мали буџети, немање доволно пари за основно функционирање, недостиг на потребниот човечки кадар, немање соодветни одделенија на локалната самоуправа, партиски вработена администрација, која голем дел ниту нешто работи, ниту пак знае точно што треба да работи. За жал ваква е сликата кај најголемиот дел од малите општини во Македонија. Од нив голем дел во моментов се комплетно нефукционални и со блокирани сметки. А можеби најголемиот проблем е недостигот на кадар кој може нешто да направи.

Имаме во поглед на одделенија, локален економски развој, одделение за убранизам, одделение за даноци, одделение за финансии, одделение за правни работи и во сите тие не се доволни, оскудни сме во поглед на персонал, не е пренатрупана администрацијата иако често се зборува дека е натрупана во некои општини. Располагаме со околу 39 вработени, со 11 пожарникари во нив, тоа е многу скромна и мала Општина. Ние немаме се уште градежник, сообраќаец, сообраќаен техничар, немаме комунален редар…“, изјави Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Дел од овие мали општини сметаат дека за да се вработи ваков стручен кадар кај нив прво било потребно зголемување на платите за овие лица во администрацијата, затоа што инжинењрите, архитектектите или програмерите не се сакале да работат за толку мали плати или пак да се создадат јавни претпријатија кои ќе опслужуваат повеќе општни.

Зборувам за стручен профил во делот на ИТ инженери, во делот на архитекти, инспектори за животна средина, стручни лица од областа на градежништвото, затоа што овие профили се дефицитарни на пазарот и нормално дека тие немаат интерес да работат во јавна администрација, туку интересот го наоѓаат во приватен сектор. Така да тука се соочуваме со определен лимит и тоа ни преставува проблем во однос на функционирање на локалните самоуправи, особено помалите локални самоуправи. Класичен пример, нели со процесот на дигитализација општините имаме потреба од ИТ инжинер. Добро би било со еден ИТ инжинер да може да се групираат соседните општини, пример кај нас општина Прилеп, Долнени, Македонски Брод, Пласница, Кичево, да има еден ИТ инжинер кој би давал услуги на сите останати општини во рамки на самиот регион. Во однос на инспекторите, животна средина, архитектите, градежните инжинери исто така потребно е регионално групирање за да може тој еден архитект или градежен инжинер да ги дава своите услуги на самите соседни општини, односно тој да биде вработен и да го финансираат 2 или 3 општини во тој дел и тој да дава еднакво услуги според потребите на тие општини“, истакна Жарко Ристески, градоначалник на Македонски Брод.

 

Исто така имаме големи проблеми особено со стручните кадри, инжинерските кадри, оние кои се најпотребни за да направат импулс и движење на локалната самоуправа, на Општината. Значи проблем е, особено дефицитарни се кадрите од областа на градежништвото, архитектурата, оние кои ни се најпотребни за развој на локалната самоуправа.

Дали тоа би се решило со создавање на некои регионални центри што би работеле за повеќе општини, во недостаток ете на ваков кадар?

Па можеби би било и тоа добро, да државата формира некакви такви регионални центри, бироа кои би работеле на изработка на проектна документација, меѓутоа секако овие кадри да бидат соодветно наградени, односно платени. Имајќи предвид дека овие плати, овие приходи кои ги добиваат во локалната самоуправа се релативно ниски за овие кадри и не се нафаќаат младите, пред се образовани инжинери од областа на архитектурата и градежништвото да се вработат во државната администрација“, додаде Стевче Стеваноски, градоначалник на Општина Новаци.

И поранешниот градоначалник на Прилеп Марјан Ристески и експерт во областа на уредувањето на локалната самоуправа смета дека регионалното менаџирање на општините би придонесло за нивен зголем развој во моменти кога поради иселувањето и други причини бројот на стручен кадар е се помал и помал.

На пример конкретно Општина Прилеп може да им помага на помалите општини како Кривогаштани, Крушево, Долнени, или пак Битола на Општина Новаци, Могила, Демир Хисар итн., и мислам дека одредени служби и одделенија можат да помогнат во подоброто функционирање на самите општини. Меѓутоа тука се формирани тие 8 плански региони на ниво на Република Македонија кои што со зголемувањето на ингеренциите и персоналот во тие плански региони и надлежностите на истите ќе можат да завршат многу поголеми и поркупни работи и услуги за самите општини, со цел поефикасно нивно работење од областа на проектирањето и собирање на финансиски средства во нивните буџети. Во иднина можеби би требало да се размислува и во формирање на некои регионални јавни претпријатија од областа на проектирањето, давање на правни услуги, па и водењето на финансиите на помалите општини, бидејќи навистина сите овие општини на некој начин кубурат со кадар и она што се работи или не се работи доволно квалитетно, или се работи делимично во однос на законските обврски што ги имаат самите општини и градоначалниците кои работат во тие општини“, потенцираше Марјан Ристески, поранешен градоначалник на Прилеп.

Според претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиески потребно е администрацијата да посетува обуки за да знае да ги импелемнтира проектите.

Често пати ние правиме меѓуопштинска соработка со одредени колеги и им помагаат службите, исто важи и за останатите сектори. Значи ние сега ја имаме таа можност, но сметам дека секој градоначалник треба да си екипира тим. Она на кое што работиме ние како ЗЕЛС е постојана обука на администрацијата, се организираат постојано обуки, знаете дека ние го имаме системот за Е-одобренија, за продажба на земјиште е преку ЗЕЛС, значи таа е алатка која ние ја овозможуваме на општините и постојано администрацијата од тој аспект ја обучуваме. Истото треба и за останатите делови, односно останатите области да бидат обучувани луѓето“, истакна Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС.

И невладиниот сектор кој се занимава со оваа проблематика вината за целата оваа состојба ја гледа кај недоволбо обучената и едуцирана адмнинстрација, но и кај министертсвото за локална самоуправа кое треба да ја обучува таа администација и да им помага на општините.

Ја спомнавме и партизацијата, да знаеме дека во Македонија така функционира, да не се лажеме сите се партиски примени, но веќе кога си го примил партиски, зошто не го едуцираш да си ја работи работата која ја има по систематизација. Значи проблемите се многубројни кај малите општини и не е само во парите, пари има, тие треба да направат проекти за да ги земат, зошто не ги земаат? Не ги искористија тие пари, многу малку, треба да има повеќе интерес и капацитет. Локалната самоуправа, колку и нештото да е децентрализирано, сепак постои Министерство кое се грижи локалните самоуправи да имаат свој пат. Малата општина треба да спроведува проекти и да гради сопствен капацитет, малата општина треба да има примери готови од Министерството за локална самоуправа од систематизација на работно место, кој што треба да работи на работното место, на што ги обврзува законот, понатаму треба со блок дотациите да им даваат пари, јакнењето на капацитетот е пари и тоа државата мора да го свати, толку пари запустила оваа држава, толку пари се украле во Македонија, па сега ќе плачеме дали може една мала општина да ги потроши парите на самоедукација на вработените или нема да ги потроши. Ако сака државата, малите општини ќе функционираат, тоа е мојот став“, Александар Цветкоски, НВО „АГТИС“.

Градоначалниците бараат и правичен регионален развој и достапност до грантовите и проектите од државата подеднакво за сите општини без разлика дали тие се мали или големи.

Доколку ние како Општина аплицираме за соодветен проект и секогаш како прв репер се зема бројот на жители, значи дека ние бидејќи имаме мал број на жители во тие населени места автоматски не можеме да го реализираме нашиот проект или да го добиеме соодветниот грант. А да го поставиме обратно прашањето, зошто имаме мал број на жители, затоа што немало водоводен систем, немало пат, значи како репер да не се зема бројот на жители, затоа што ние како локални самоуправи, а се надевам и со новата влада, треба да понудиме еднакви можности за сите граѓани во Македонија, дали биле 10 или 1.000 граѓани треба да имаат еднакви можности сите, водоводен систем и за 10 и за 1.000 треба, пат исто така“, вели Жарко Ристески, градоначалник на Македонски Брод.

Според дел од градоначалниците на овие мали општини потребно е зголемување на степенот на децентрализацијата.

Не може вие да давате обврски на некоја Општина, да речеме комунален ред, кучиња скитници и друго, а да не им давате права, односно средствата со кои располагаме ние како Општина се многу скромни и мали. Ако во 2017 година затекнавме ДДВ кога се делегираше од страна на централната власт кон општините околу 3%, сега во 2024 година дојдовме до 6% и пак не е доволно, затоа што затекнавме повисоки плати, повисоки придонеси, големи трошкови во поглед на материјално техничките средства со кои располагаме, возилата, ТППЕ со која располагаме. Имаме некои институции од централно ниво кои треба да се делегираат, да речиме Музејот на НОБ, Македониумот, Спомен куќата на Тоше Проевски, тие се се уште национални установи кои функционираат под централно ниво. Примарната здравствена заштита на граѓаните да биде под локално ниво, за ТППЕ даваат обврски на Општината, но не даваат доволно финансии за да опстанат“, вели Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

На ист став е и претседателот на ЗЕЛС, кој очекува промена на оваа состојба за брзо време.

Обврските се префрлени, а средствата не се префрлени за тие обрски да се реализираат, така да првиот момент со кој ќе се занимавам со новиот премиер Христијан Мицкоски, за многу скоро деновиве треба да оствариме средба на која би го потпишале меморандумот за соработка, во кој постојат одредени точки кои треба заедно да ги усогласиме и да ги потпишеме како темел, или основа на она на кое ќе се базира нашата постојана комуникација во наредниот период. Главниот фокус секако ќе биде во делот на децентрализацијата во вистинска смисла на зборот и доколку тоа се спроведе онака како што треба сметам дека сите општини ќе можат да функционираат соодветно“, потенцираше Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС.

Како значаен чекор кон подобрување на оваа состојба се гледа и во најавеното префрлување на околу 100 милиони евра од централниот буџет до крајот на годината на 80-те општини. Но исто така треба да се користат повеќе и Европските фондови кои за жал стојат неискористени поради немањето проекти или знаење како да се земат тие пари.

Еве сега се очекува со ребалансот на Буџетот во јули општините во Македонија да имаат на располагање од централниот Буџет 100 милиони евра, што значи треба да бидат спремни и малите и големите општини со проекти за да можат да ги аплицираат на време кога ќе бидат објавени конкурсите и да ги искористат тие средства во реализација на капитални инвестиции. Меѓутоа тие средства од централниот Буџет и не се доволни за реализација и на други проекти, затоа треба помалите општини повеќе да се насочат кон продуцирање на проекти, формирање на банка на проекти каде ќе ги чуваат и со отворањето на поголеми финансиски фондови како фондовите од ЕУ и други странски фондови да бидат спремни и да ги аплицираат. Таков кадар помалите општини немаат и затоа велам дека можеби зголемување на ингеренциите на самите плански региони или формирање на регионални јавни претпријатија кои ќе вршат на некој начин услуги на помалите општини, или помош од поголемите кон помалите општини ќе може на некој начин да се надокнади таа нефункционалност на малите општини во одговарањето на законските обврски кои ги имаат кон граѓаните и реализација на капитални проекти кон граѓаните кои живеат во тие општини“, вели Марјан Ристески, поранешен градоначалник на Прилеп.

 

Ние иако сме мала општина, со гордост можам да кажам дека имаме квалитетен кадар во насока на реализација на европските проекти, веќе аплициравме на повиците со Република Грција на прекуграничните, на 6 повици имаме аплицирано и чекаме повратен одговор да видиме што ќе се случи. Исто така работиме на проект од еден повик со Република Албанија, и таму имавме аплицирано, се надевам дека ќе имаме успешна реализација на дел од овие проекти“, додаде Стевче Стеваноски, градоначалник на Општина Новаци.

Доколку во иднина нема поголема соработка на централната со локалната власт и поголема помош кон помалите општини на финансиски план и во човечки ресурси тие ќе останат да тапкаат во место, а бенефитот за граѓаните од нивното постоење ќе биде безмалку никаков.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи