Наш соговорник е Горан Василески, магистар фолклорист од Институтот за старословенска култура во Прилеп, а воедно и претседател на Собранието на најголемиот и единствен од ваков карактер фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“.
Оваа година се одржува по 50 јубилеен пат, токму тоа е и поводот за овој наш разговор. Навистина еден значаен и огромен јубилеј, ретко која манифестација може да се пофали со толку години постоење. Дали оваа година ќе има некакви новини во одржувањето на овој фестивал кој треба да започне наредната недела?
Василески: Оваа година, како што напоменавте, по 50 јубилеен пат, јубилеј кој ретко кој фестивал во Македонија го има, официјално ќе започнеме на 3 јули со семинарот за изучување на традиционалните инструменти и песни, кој ќе биде 3 дена во студентскиот дом „Орде Чопела“ во Прилеп и ќе земат учество 15-тина семинаристи, основци, средношколци и студенти од насоките за изучување на традиционални инструменти и песни. Потоа на 5-ти ќе започнеме со едно спектакуларно дефиле од Центарот за култура „Марко Цепенков“ до споменикот на Пеце Атанасовски, потоа до летната сцена на плоштадот Александрија со 50 гајдаџии од цела Македонија. Неслучајно таа бројка од 50 гајдаџии, значи 50 години јубилеј на фестивалот. Со нив ќе биде отворањето, со она познато авизо на фестивалот, потоа следува натпреварувачкиот дел од 19 часот тука на камената бина на плоштадот Александрија, а на крајот првата фестивалска вечер ќе биде затворена со настап на нашите побратими и соработници, Националната установа „Танец“ и нивниот вокално инструментален состав. Следниот ден, на 6 јули од 11 часот ќе имаме едно побратимување, односно потпишување на Декларација за соработка помеѓу двете институции кои се во прилепскиот регион на двајца валикани, односно Пеце Атанасовски и Блаже Конески. Потпишуваме Меморандум за соработка на Спомен домот во Небрегово на Блаже Конески и Манифестацијата Зборот на Конески. Едноставно ќе имаме размена на натпреварувачи, поточно првонаградениот учесник на манифестацијата Зборот на Конески ќе изрецитира творба на нашиот фестивал, додека првонаградениот гајдаџија со наградата Гајдата на Пеце ќе биде учесник на нивната манифестација Зборот на Конески. Вечерта на шести, во Долнени на познатата локација на Рудине ќе биде втората фестивалска вечер, каде ќе настапат голем број на инструменталисти и вокални интерпретатори. При крајот следува доделување на 50 плакети по повод 50 годишниот јубилеј на институции и поединци кои едноставно дале допринос за овој фестивал во текот на овие 50 години. Веднаш потоа е и прогласувањето на победниците на фестивалот и познатите награди, Гајдата на Пеце, статуетка за гран при за најдобар оркестар, како и 10 статуетки за значајни поединци или групи кои што оставиле навистина белег во овие 2 фестивалски вечери.
Колку учесници имаме оваа година, од кои градови и дали ќе имаме гости од странство?
Василески: Оваа година повторно бројот варира од 250 до 300 учесници, имавме неколку контакти со гости од странство, но во последен момент ни откажаа. Планираме оваа година овој јубелеј да биде исклучиво само со гости од нашата држава, да промовираме баш она што 50 години наназад се истакнува, се промовира и сме со цел тоа да биде на едно повисоко ниво.
Дали беше тежок изборот на оние кои ќе бидат дел од овој фестивал и како течеше сета таа селекција?
Василески: Селекционата комисија во состав проф. д-р. Родна Величковска, проф. Стојанче Ангелов, проф. д-р. Горанчо Ангелов имаа навистина тешка задача, почнувајќи од крајот на месец март буквално ги селектираа сите кандидати групи и поединци за да се направи најдоброто кое гледачите ќе имаат можност во петок на 5-ти и во сабота на 6-ти во Долнени да го погледнат она најдоброто.
Целта и мисијата на овој фестивал е за зачувување на македонската народна песна, игра и ора. Дали низ овие 50 години ја исполнува својата мисија и цел која ја има?
Василески: Во секој случај да. Во овие 50 години можам да кажам дека фестивалот Пеце Атанасовски е еден поттикнувач за развој и промоција на традиционалните инструменти и традиционалното пеење. Неслучајно кажав поттиг бидејќи средните музички училишта каде се изучуваат традиционалните инструменти, факултетите за традиционална музика, игра и песна се токму поттикнати од овој фестивал. Меѓутоа не само свирењето и пеењето, туку и пишаниот збор се трудиме да се развива, односно наназад ова е петта година каде се издава Зборникот на трудови насловен „Во минатото и денес“, кој преставува една едиција на трудови кои едни еминентни професори и доктори од Институтот за фолклор, Институтот за старословенска култура, Институтот за македонски јазик даваат свои трудови, кои остануваат како траен белег за понатаму наредни генерации на научници и доктори да можат да ги простудираат, да ги продолжат нивните истражувања. Исто така оваа година по повод овој јубилеј ќе има и промоција на монографија по повод 50 годишнината од фестивалот „Пеце Атанасовски“. Монографијата насловена „Непресушен извор за навек“, заедно со Зборникот на трудови „Во минатото и денес“ во 11 часот ќе бидат промовирани во фоајето на ЦК „Марко Цепенков“.
Колку младите ја чуваат оваа традиција? Во последните години имавме можност да видиме голем број на навистина млади играорци, музичари и вокалисти настапија тука на оваа камена бина позади нас и на месноста Рудина во Долнени.
Василески: Можам да кажам дека последниве 10 години фестивалот е расадник на млади таленти кои музицираат на традиционални инструменти и пејат традиционални песни. За разлика од еден период кога фестивалот беше прикажан како фестивал на постарите, за овставштина на оние кои последни музицираат на гајда и кемане, но има доста млади студенти, ентузијасти кои сакаат да музицираат и едноставно традиционалните инструменти последните години преставуваат како еден хит, каде можат да се слушнат и на фестивали, но и на свадби и секакви веселби.