Секојдневно некој си ги пакува куферите и заминува од државата, а бројките на последниот извештај на Државниот завод за ревизија, покажуваат алармантен губиток на таленти, што државата ја чини над една милијарда евра годишно. Во странство од 2013 до 2022 година, според ревизијата заминале 7861 лице, од кои 719 биле високообразовани.
Според извештајот на ИОМ за 2020 година Македонија се наоѓа во топ 20 земји во светот со најголема емиграција во странство, додека според проценките на Светската Банка, речиси 40 проценти од високообразовниот кадар ја има напуштено државата. Според Индексот на одлив на мозоци на Global Economy, РСМ е на високото петто место (од 41 европска земја), што јасно покажува дека државата се соочува со голем губиток на таленти.
Како што стои во извештајот, согласно добиените податоци од меѓународните организации и земјите на прием, бројот на македонски граѓани коишто престојуваат во странство се зголемува со забележителна стапка. Оваа тенденција, се подвлекува во соопштението од ДЗР, искажува сериозни предизвици за државата, вклучувајќи го одливот на високообразовни кадри и потенцијалните ефекти врз економијата и друштвото во целост
„Сепак, во контекст на овие предизвици, недостатокот на активна стратегија за управување со високообразовни кадри во државата уште повеќе ја зголемува загриженоста. По истекувањето на периодот на важност на Националната Стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри од 2013 до 2020 година, државата нема стратешки документ за борба против одливот на квалификувани кадри. Од страна на Владата усвоена е Резолуција за миграциона политика, со посебна стратешка цел насочена кон намален интензитет на трајната емиграција во странство на лицата со високо ниво на образование, но за истата не е воспоставен мониторинг на имплементацијата на мерките и активностите, а воедно усвојувањето на нови стратешки документи се врши без претходно оценување и евалуација на резултатите“, стои во извештајот.
Недостатокот на стратегија за управување со високообразовани кадри, доделување на стипендии за студии во странство без анализа кои програми се од јавен интерес се дел од проблемите, при што одливот на мозоци со кој се соочува државата во последните децении има сериозни економски последици.
„Во текот на ревизијата беше ангажиран експерт кој изврши студија/истражување чии проценки покажуваат дека во периодот 2013-2021 година од државата просечно годишно мигрираат по околу 2.500 високообразовани кадри, за кои државата просечно годишно инвестирала по околу 5 милијарди денари или вкупно за анализираниот период потрошила 44,7 милијарди денари, односно околу 725 милиони евра. Тоа што тие луѓе не се тука да трошат, ја намалуваат економија за 0,8 отсто, односно 109 милиони евра годишно. Да останеле да работат во земјава, би создале 5,15 отсто од БДП, односно над 700 милиони евра, а тоа што државата потрошила за нивното образование а тие работат на друго место се проценува на 3,19 отсто од БДП, па вкупната штета се проценува на 8,34 отсто од БДП, односно 1 милијарда и 140 милиони евра годишно“, се додава во извештајот.