ВИДЕО: НОБ – вековен континутет на македонскиот народ за создавање самостојна држава


Прилеп отсекогаш во многу општествени полиња бил авангарда, пионер и предводник на новите текови, трендови и промени. Така бил и во далечната 1941 година кога прилепските партизани, први во Македонија, се кренале на востание против фашистичкиот окупатор на 11 октомври со нападот на Участакот и убиството на стражарот на овој објект, со што е започната револицијата.

„Овој објект е изграден некаде во почетокот на 20 век, во текот на своето постоење бил вински ан, бил интернат меѓу двете светски војни, потоа периодот од 41-ва до 44-та бил бугарска полициска станица, а од 44-та дел од прилепската полиција била сместена во овој објект, за да некаде во 50-тите години и комуналното претпријатие за градска чистота било сместено во овој објект. Конечно, во 1952 година градските власти се ангажираат и се формира првиот Музеј на народноослободителната војна, тоа е една мала поставка која се базира на фотографии и документи, и која во текот на своето постоење до денес таа има свој развој и претрпува измени и дополнувања“, вели Рубин Белчески, историчар и кустос во Меморијалниот музеј 11 Октомври.

Со подигнувањето на ова востание македонскиот народ уште еднаш ја потврдил желбата за создавањето на своја сопствена самостојна држава, и дека ова партизанско движење е само продолжување на многу борбени генерации од минатото.

„Победничкиот истрел не бил во суштина само симболичен чин, напротив прилепските партизани го продолжиле револуционерниот од на многу борбени генерации од минатото, вклучително и Илинденците од 1903, со која се заокружила државноста на некој начин со оваа борба, која довела до државност на Македонија со вториот Илинден во 1944 година, на првото заседание на АСНОМ. Тоа е основа и за референдумот кој ни се случи на 8 септемри 1991 година, со кој Македонија стана самостојна и независна република“, потенцира Белчески.

 

 

Поставката е поставена на површина од 236 м2, распределна во 3 сали. Во првата просторија долу започнува со документи за Прилеп од првата половина на 19 век, периодот на Преродбата, Блаканските војни, Првата светска војна се до Втората светска војна. Има една импровизирана канцеларија на началникот на бугарската полиција, но претставена е и собата каде се измачувале партизаните и нивните соработници. Мемеријалниот музеј е официјално отворен во 1961 година по повод 20 годишнината од подигнувањето на Востаието. Поставлата е менувана во текот на годините, а денешниот облик го добива во 2011 година по повод 70 години од Востанието.

„Во тој поглед на повеќе паноа низ текстови, фотографии, карти, скици е преставена историјата на Прилеп и прилепско од тој период. Во суштина тој период го обработува и периодот кога се појавува Македонската револуционерна организација, Комунистичката партија на Југославија, ВМРО Обедината и сите оние прогресивни сили кои на некој начин го повикуваат македонскиот народ да се дигне на вооружена борба со разни средства во борба против поробувачите.

Тука позади нас исто може да се види една импровизирана канцеларија од тоа време од командирот најверојатно на овој Участак?

Така, како што напоменав од 1941 до 1944 овој објект е бугарска полициска станица и овој импровизиран објект како што го гледате во самава поставка е канцеларијата на бугарскиот началник, кој тука ја обавувал својата функција, а во суштина на оваа столица и ги испитувал напредните дејци, сите оние кои работеле на доброто на својот народ. Нажалост, овде веројатно поминале многу денови и мигови голем број на партизани, дејци, комунисти, патриоти и сите оние кои си ја сакале својата држава и работеле на нејзина слобода и државност, мачени од градските окупаторски сили“, кажа Белчески.

 

 

На вториот спрат се наоѓаат сала број 2 и главната сала на Музејот. Тука посетителите на почетокот може да се запознаат со потпишувањето на Тројниот пакт на Кралството на Југославија со Германија, демонострациите во Белград против тој пакт и нападот на Југославија од страна на Германија, капитулацијата на Југославија и поделбата на државата на различни сфери на влијание. Македонија тогаш е поделена на два дела, од кои едниот дел го контролира Бугарија, а западниот дел Италија.

„Особено треба да потенцираме дека месниот комитет на Комунистичката партија на Југославија во Прилеп, под раководство на Вера Ацева, Кузман Јосифоски Питу, на Мирче Ацев, Борка Талески и редица на борци и активисти кои биле многу добро организирани, не седеле со скрстени раце, тие ја даваат паролата „ни аир од Србите, ни бериќет од Бугарите“. Така да веднаш организираат средби и состаноци за веднаш да се формираат, бидејќи со капитулацијата на Југославија на 22 април бугарските окупаторски сили влегуваат во Македонија и во Прилеп и покрај воен, тие сакаат да воспостават и административен апарат, во суштина сите оние административни активности од општина до други институции сакале да бидат во функција на бугарските окупаторски сили. Тука можеме да го потенцираме фактот што Бугарите сакале да го обноват шеталиштето Надежда, кое е формирано уште во втора половина на 19 век, но прилепските комунисти, меѓу кои и Борка Талески, а тука бил вклучен и Методија Андонов – Ченто, ставаат отпор и наместо Надежда тие даваат предлог тоа шеталиште да се вика Гоце Делчев. Бугарските власти, бугарските сили, бугарските делегати на тоа Собрание не го прифатиле, но бидејќи комунистите биле добро организирани, на гласањето тоа довело да се вика Гоце Делчев. Се разбира набрзо доаѓа и до Прогласот на Централниот комитет на Комунистичката партија со цел да се дигнат на востание и полека една по една република од поранешна Југославија се дигаат на востание, во Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина. Нажалост, поради внатрешните судири и поради ставовите на одредени членови на покраинскиот комитет, востанието во Македонија започнува на 11 октомври, со внатрепартиските судири, поради фактот што македонската партиска организација била припоена кон бугарската комунистичка партија. Но Јосип Броз Тито реагира жестоко за тоа кон Коминтерната, така да доаѓа до преструктуирање во самиот покраински комитет и од септември се работи на вооруженото востание. Овде во оваа сала е прикажано и излегувањето на првите партизани, ноќта меѓу 12-ти и 13-ти септември на Селечка, кога 7 мина излегуваат како партизани, кон нив за неколку дена се приклучуваат уште 4 и е формирана првата партизанска чета, која на некој начин потоа е и основа за формирањето на првиот прилепски партизански одред Гоце Делчев.

Со тоа што еве првиот партизански одред се вика Гоце Делчев, шеталиштето партизаните сакаат да се вика Гоце Делчев, тоа го кажува оној континуитет на борбата на македонскиот народ што го има од илинденскиот период, па се до Втората светска војна?

Јас често знам да кажам, ако оние од 1903 била првите Илинденци, овие од 41-44 биле вторите Илинденци. Тие го продолжиле револуционерниот од на многу борбени генерации и за среќа ова е првото ослободително востание кое е крунисано со државност на Македонија. Самиот факт што прилепскиот партизански одред е Гоце Делчев, Кузман Јосифоски е наречен Питу, Спасе Темелкоски – Карев, Трајко Бошкоски – Тарцан е уште наречен и Илинденски и уште редица на многу други. Вториот битолски партизански одред Даме Груев, првиот крушевски партизански одред Питу Гули, тоа зборува дека партизаните го продолжуваат револуционерниот од на Илинденците“, кажа Белчески.

Главната сала пак на Музејот е посветена на самиот ден на Востанието и што се случивало во периодот после тоа.

„Било одлучено во 3 борбени групи да се нападнат 3 објекти во градот, бугарската полициска станица или овој објект од првата група. Како што гледате во неа се 5 борци, предводнике Аспарух Јосифоски, братот на Кузман Јосифоски – Питу, а борецот кој требало да го испука првиот куршум е Душко Наумоски. Во таа група се уште и браќата Блаже Спиркоски и Драган Спиркоски, како и Милан Димоски. Тоа е таа група која требало да ја започни борбата, а напоредно со тоа останатите 2 групи требало да извршат напад врз затворот со цел да ги ослободат своите соборци, а третата група да ги прекине телефонско-телеграфските врски. Точно во 10 часот вечерта, на 11 октомври Душко Наумоски го убави бугарскиот фашистички стражар тука пред овој објект и со тоа започнува борбата. Во исто време дејствуваат и останатите 2 групи и по една иако краткотрајна борба тие се повлекуваат, сепак тоа е една голема симболика самиот факт што една група на луѓе во Прилеп се кренале против бугарските фашистички сили, против една Бугарија која во тоа време е соработник на нацистичка Германија. Потоа следува повлекување на борците кон Маркови Кули, кон Мажучиште и кон Ропотово, за да потоа со групата која претходно ја напоменав се состанат во близина на степанечкиот манастир „Св. Димитрија“ и официјално на 23 октомври го формираат партизанскиот одред Гоце Делчев“, истакна историчарот Белчески.

После овој настан партизаните се повлекуваат, а бугарските окупациски сили спровеле невиден терор врз населнието. Во оваа станица и во други објекти се приведени околу 900 прилепчани, од кои добар дел се затворени во Битола.

„На овие паноа позади нас можеме да го погледнеме манастирот во Степанци, за кој предмалку зборувавте дека тука е формиран првиот партизански одред Гоце Делчев, но веднаш под него можеме да ги погледнеме стиховите и текстот на добро познатата македонска народна песна, А бре Македонче, која е создадена токму во периодот на НОБ?

 Од моето истражување потенцирав дека во периодот меѓу 11 октомври и 23 октомври е создадена песната А бре Македонче, од страна на тројца борци на партизанскиот одред. Тројцата надарени и по своето пишувачко перо, но и по музичкото творештво, особено на Ордан Михајлоски – Оцка, кој имал музичко образование и свирел на виолина, додека Коле Чашуле и Крсте Црвенкоски се познати по своето пишување, по својата идеологија. Тие добиле задача да создадат песна која ќе поттикнува, која ќе бодри, која ќе повлекува на обединување, на излегување во партизани со цел да се уништи непријателот. Таа има една таква борбена тематика и официјално за прв пат е испеана на 8 ноември, кога за прв пат на територија на Македонија е организиран митинг во село Царевиќ и прв пат партизани влегуваат во едно село кое е под окупација на бугарските полициски сили. Додека во селото имало бугарски сили, партизанскиот одред влегува, организира митинг, ги заробува бугарските војници и полиција кои се таму, но карактеристично е што песната се пее, а во исто време се повикува македонскиот народ да се вклучува во партизанските одреди, а во исто време се демантираат и гласините од Бугарија дека партизаните се уништени, дека се убиени, но ова било знак дека партизаните постојат и се борат против окупаторските сили“, вели Белчески.

 

Прилеп за време на Втората светска војна броел околу 25.000 жители, од кои околу 8.000 граѓани учествувале во НОБ, од нив пак 2.700 директно со оружје во рака, Прилеп дал 650 жртви, а од 66 народни херои во Македонија, 15 се од Прилеп, 10 загинале во војната, а 5 починале потоа. Прилеп има и 154 носители на партизанска споменица. Токму затоа во 1975 година маршалот Јосип Броз Тито на Прилеп му го доделува Орденот за Град народен херој.

„Тоа е огромна заслуга за Прилеп, тоа е секако заслужено признание. Покрај Прилеп, најголемиот дел од главните градови на Југославија, како Белград, Загреб, Љубљана, Приштина и Нови Сад, како главни градови на републиките, односно покраините во поранешна Југославија, и Дрвар и Цетиње како градови од Босна и Црна Гора, Прилеп се вбројува во осумте градови на поранешна Југославија кои го имале епитетот и го добиле високото државно признание, кое секако нас нѐ прави горди, но во исто време и ни дава задача да се грижиме и да ги негуваме традициите од НОБ. Во исто време да ги почитуваме заложбите на сите оние борци кои ги дале своите животи се вградиле во темелите на Македонија, тогаш во рамките на Федеративна Југославија, а денес како самостојна и независна Република Македонија“, истакна Белчески.

Кога се зборува за НОБ и Прилеп неминовно е тука да се спомене и идеологот на Народно ослободителната борба нашиот великан Кузман Јосифоски – Питу. Веднаш до главната зграда на музејот во Прилеп, неговата родна куќа е претворена во уште еден Меморијален музеј кој што го има Прилеп.

Се наоѓаме пред меморијалниот музеј Кузман Јосифоски Питу, ова е неговата родна куќа во Прилеп така?

Да. Се наоѓаме пред објектот на улица Мара Јосифоска бр. 20, значи Мара Јосифоска е сестрата на Кузман Јосифоски Питу и не случајно оваа улица е наречена така бидејќи објектот каде што се наоѓаме е родната куќа на народниот херој, една од најсветлите личности во современата македонска историја, продолжувачот на илинденската традиција, великанот кој што безкомпромисно ги брани националните особености на македонскиот народ, личноста која е водач на македонското народно – ослободително и анти – фашистичко движење и  се разбира човекот кој што ги трасирал македонските државни особености, македонската државност

Овде е задржан автентичниот лик на куќата како што бил за време на неговото детство?

Да. Неговото семејство уште по илинденското востание, бидејќи потекнува од селото Велмевци, Демирхисарско, се преселува во Прилеп, и е повеќечлено. Неговиот татко Цветан и неговата мајка Лефта, имаат 5 деца, настарото е Аспарух, кој што покасно ќе видеме дека е командант на групата која што го напаѓа участакот. Кузман, а потоа се раѓаат 3 сестри на Кузман и на Аспарух, Мара, Стефка и Павлина. Куќата во 1970/71 година, од страна на боречката организација, а прифатена од опшествено – политичките организации во Прилеп, како и од Општината, се разбира исто и од републичките власти, е прогласена за споменик на културата во 1971 година, откупена е од страна на семејството Паноски кое што во тој момент живеело во оваа куќа и пристапено кон темелна реконструкција и адаптација на овој објект во меморијален музеј посветен на ликот и делото на големиот Кузман Јосифоски Питу“, истакна Белчески.

 

 

Овој музеј како што споменавме е пуштен во употреба во 1977 година на 11 октомври. Автор на поставката е Коце Солунски, во консултација со братот на Кузман, Аспарух Јосифоски. Сите предмети во куќата се автентични, односно се отстапени на музејот од страна на семејството Јосифоски.

„Еве, куќава како што гледате е тупична македонска куќа, со чардак на високо приземје со визба, 3 соби, мегутоа овде имаме и неколку помошни простории. Таму е скелето, кое што служело за тутун, како што секое семејство тогаш во Прилеп обработувало тутун. На јужната страна, имаме помошни простории каде што обично го обработувале тутунот, меѓуто во исто време со оглед на фактот што Кузман и неговото семејство е револуцонерно, се одржувале и илегални состаноци во таа просторија таму. Ако погледнето покрај главната порта имаме и 3 помошни вратничиња односно капиџици кои што служат за комуникација со соседите, за можност за избегнување на бугарските полициски сили доколку би осетиле дека има одржување на состанок да можат да избегаат, да можат да се повлечат во други делови надвор од куќата. Тука имаме еден објект кој што обично го користеле како перална, како бања, итн. И како што напоменав, куќата е на високо приземје на визба со 3 простории. Кузман е роден во 1915 година, основно образование завршил тука во Прилеп, меѓутоа со оглед на фактот што во 1929 година, гимназиите во Прилеп се укинати, со исклучок на 2 скопски односно на машката и женската во Скопје, во Битола и во Тетово, останатите гимназии се затворени така да после завршувањето на основното образование Кузман бил приморан да учи во Битолската гимназија. Во учебната 1931 година се запишува во Битолската гимназија и после четиригодишно успешно завршување на гимназијата, тој се запишува на правниот факултет во Белград, каде до 4та година успешно студира, го завршува меѓутоа во исто време е вклучен во разноразните активности на КПЈ, примен е во КПЈ во 1938 година и вклучен е во сите оние активности кои што се извршуваат во Белград и неговата желба за учење, особено ја сакал историјата и неслучајно го зел прекарот „Питу“, со оглед на фактот што уште од мали години била голема неговата желба за слобода и за самостојност на Македонија“ раскажа Белчески.

Има еден интересен податок кој можеби малку мина го знаат а тоа е дека Кузман голем дел од животот знаел дека се вика Борка, а всушност се викал Куман. Имено кога го крштевале свештеникот и кумот не можеле да се согласат околу името, кумот сакал Борка, а свештеникот Кузман. И се до 7 годишна возраст до моментот кога тој требало да се запише на училиште него го викале Борка.

„Таткото кога пошол во Стара Црква да го зема кршталното, тој видел дека неговиот син се вика Кузман, а не Борка. Исто така има и еден познат податок дека Кузман бидејќи пишувал одреден песни тој се потишувал со буквата Б, бидејќи било илегално, тоа алудира на Борка, а исто така на неговите родители во 1939 година, значи на 24 годишна возраст, тој им праќа фотографија од Белград на неговите родители и назад на таа фотографија вели; „На моите родители – потпис Борка“.  До 1939 година на повик на КПЈ, тој ги прекинува студиите во Белград и доаѓа во Прилеп, во Прилеп е член на месниот комитет на  КПЈ, а наредната 1940 година станува секретар на месниот комитет на КПЈ за Прилеп, во исто врме е и член на  покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. Со оглед на неговите квалитети со неговите знења за борбените активности.

Она што е интересно во оваа 3та просторија во меморијалниот музеј на Кузман Јосифоски Питу е тоа што,барем мене во очи ми паѓа е еден фотоапарат тука и една шаховска табла што очогледно зборува дека тој и фотограф , но и љубител кон шаховскиот спорт.

Да. Тоа се оригинални предмети сопственост на Кузман, како што гледате има и фотографии голем дел во оваа просторија, инаку ова е гостинската просторија која што ја користела семејството Јосифоски. Тој бил љубител и на шахот меѓутоа многу е значајно што тој ни оставил огромно богатство од фотоматеријал кој што неговото семејство кога се правела самата поставка, самиот музеј, ги подариле на музејот. Апаратот е Кодак, сопственост на Кузман, љубител на фотографијата, секаде онаму каде што одел, голем дел од фотографиите се фотографирани од него. Нас ни беше лесно со оглед на фактот што тој толку внимателно на секоја фотографија запишувал каде, кога, со кого, се случил настанот на фотографијата. Тука е указот и легитимацијата за Народен херој, да напоменам дека Кузман е Народен херој заедно со уште шестмина други борци од НОБ, прогласен заедно како група  од седум души прогласени се за први народни херои во Македонија, на 29 јули 1945 година. Овде како што гледате има книги во сопственост на Кузман кој што ги читал, но истотака и книги за Кузман кои што се напишани во повоениот период, со неговиот борбен повод, активностите негови во текот на војната и предвоениот период. Куриозитет е тоа што тој пишува и со левата и со десната рака со оглед на фактот што уште како средношколец во битолската гимназија го повредил палецот, па морал присилно за брзо време да научи да пишува со левата рака, за да не добие казна доколку не ја напишел домашната задача од страна на професорите“, додаде Белчески.

 

Кузман го викаат и вториот Гоце Делчев поради сличните ставови, размислувања и постапки кои тие ги имале и правеле за Македонија.

„Доаѓаме до периодот кога е Преспанското советување, еден значаен настан од историјата на македонскиот народ, каде што е случен од 2ри фо 4ти август 1943 година, во исто време по повод 40 годишнината од Илинденското востание. На тоа Преспанско советување одржано во близина на Отешево, Кузман поднесува еден реферат до присутните кој што зборува за Илинден, зборува за борбата, за продолжување на борбата, за вторите илинденци, и она што значи една позната негова мисла дека „Нас, ни е чест што ни се падна да ја водиме борбата…“ и ете иако не доживува да ја види сепак наслутува дека борбата ќе доведе до слобода на Македонија и до формирање на македонска државност“, истакна историчарот Белчески.

За жал Кузман е убиен во 1944 година во Скопје и не ја дочекува слободата на Македонија. Но сите овие настани од нашето минато недвосмилено само ја потврдуваат борбата и континуитетот на македонскиот народ за создавање на своја сопствена самостојна држава, нешто што после допг период се оствари во рамките на поранешната држава Југославија, а кулминираше на 8 септември 1991 година со референдумот за самостојна и независна држава Македонија.

Ова видео е дел од рубриката Збор 2 на порталот Инфо Компас поддржано од Министерството за култура во програмата од Национален интерес во културата од областа на заштита на недвижното културно наследство и заштита на aудиовизуелни добра за 2024 година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи