Општина Прилеп го објави јавниот повик за субвенционирање при купување на велосипеди за 2024 година

Општина Прилеп го објави јавниот повик за субвенционирање на дел од трошоците при купување на велосипеди на граѓаните од општина Прилеп за 2024 година, кој ќе трае 03.07.2024 до 03.08.2024 година

Опис на јавниот повик

1.1. Општина Прилеп со цел да ги стимулира жителите на општина Прилеп за користење на велосипеди, на жителите кои имаат купено велосипеди во период од денот објавувањето на јавниот повик, а најдоцна до денот на завршување на јавниот повик, односно до искористување на предвидените средства, ќе им надомести дел од трошоците :

– до 50% од вредноста на купениот велосипед, но не повеќе од 5.000 денари во нето износ по лице/домаќинство за купување на велосипед за барателите кои поднесле комплетно барање и  ги исполниле критериумите согласно јавниот повик.

Персоналниот данок на доход паѓа на товар на исплаќачот.

1.2.Јавниот повик трае од денот на објавувањето од 03.07.2024 година заклучно со 03.08.2024 година, односно до искористување на предвидените средства, до кога и ќе можат да се достават барањата.

1.3. Јавниот повик е објавен на ВЕБ страната на Општина Прилеп www.prilep.gov.mk, во два печатени и електронски медиуми и на огласна табла во Општина Прилеп

1.4. Јавниот повик ќе се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“.

1.5 При констатирање на целосна реализација на предвидениот буџет, Општина Прилеп веднаш ќе ја извести јавноста дека согласно принципот „прв дојден, прв услужен“ повеќе нема да прима барања по однос Јавниот повик, и известувањето ќе го објави на својата Веб страна www.prilep.gоv.mk, во електронските медиуми и огласна табла во Општина Прилеп.

Право на учество на јавниот повик

2.1.Право на учество на овој јавниот повик имаат жителите на општина Прилеп кои купиле/ќе купат велосипед во периодот од денот на објавување на јавниот повик од 03.07.2024 година, најдоцна до денот на завршување на јавниот повик 03.08.2024 година, односно до искористување на предвидените средства и кои ќе достават навремено и комплетно барање согласно условите на јавниот повик.

Само едно лице од семејството може да поднесе барање за добивање надоместок исклучиво за купување на еден велосипед.

Услови кои треба да ги исполни барателот за субвенционирање/ надоместување на дел од трошоците за купување на велосипеди:

Да има живеалиште на подрачјето на општина Прилеп

Велосипедот да го купил по објавување на јавниот повик

Да нема искористена субвенција за истата намена од било кој извор во Република Северна Македонија.

За докажување дека условите за учество се исполнети, барателот за надоместување на дел од трошоците до Општина Прилеп ги доставува следните документи:

Барање за надоместок (образецот на барањето може да се подигне во Општина Прилеп или од Веб страната на Општина Прилеп www.prilep.gov.mk

Фотокопија од важечка лична карта на барателот

Фотокопија од трансакциска сметка

Доказ дека е извршено купување на велосипед и тоа фотокопија од фискална сметка заверена на нотар или фактура со извод од деловна банка за извршената уплата со датум во период од денот на објавувањето на јавниот повик до денот на завршување на јавниот повик.

Изјава заверена на нотар со која барателот под полна материјална и кривична одговорност ќе потврди дека :

– друг член од семејството нема поднесено барање за добивање на субвенции

– дека не искористил субвенција/ надомест на дел од трошоци за истата намена од било кој извор во Република Северна Македонија

(образецот на изјавата може да се подигне во Општина Прилеп или од Веб страната на Општина Прилеп www.prilep.gov.mk)

Начин на пријавување на јавниот повик

3.1. Барањето за субвенционирање/ надоместување на дел од трошоците на граѓаните за купување велосипеди, физичките лица го поднесуваат заедно со комплетната документација до Општина Прилеп на адреса преку архивата на Оштина Прилеп до Комисија за спроведување на постапка за субвенционирање/ надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на општина Прилеп за купување велосипеди во затворен плик со намена “Јавен повик за субвенции/ надомест на дел од трошоци за купување на велосипеди“/ со назнака „НЕ ОТВОРАЈ“, име и презиме и адреса на барателот.

Копијата од лична карта и копијата од трансакциона сметка, како и секоја друга документација која содржи лични податоци за подносителот на барањето, задолжително се доставуваат во затворен коверт, со назнака „строго доверливо-лична документација“ како прилог кон барањето.

Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање на надоместок за еден велосипед

Лицата кои веќе добиле субвенција/ надоместок за купување на велосипед како и членовите на нивното потесно семејство кои што живеат во заедница, немаат право да поднесат повторно барање за користење на истиот надоместок.

3.2. Пристигнатите барања во архивата на Општина Прилеп ќе бидат евидентирани и заведени со точен датум и време на поднесување (датум, час и минута), заради воспоставување на редослед по кој ќе се разгледуваат барањата.

Начин на спроведување на јавниот повик

4.1. Градоначалникот на општина Прилеп формира Комисија за спроведување на постапка за субвенционирање/ надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на општина Прилеп за купување велосипеди.

4.2. Комисијата за спроведување на постапката за субвенционирање/ надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на општина Прилеп ќе ги разгледаат пристигнатите барања и документацијата во прилог со цел да утврди дали истите се уредни и комплетни.

4.3. Општина Прилеп односно Комисија го задржува правото да изврши посета во домаќинствата кои ќе поднесат барање по Јавниот повик , а подносителите на барањата имаат обврска да му овозможат пристап до местото/просторијата  каде се наоѓа купениот велосипед, при што ќе изготви и записник.

4.4. Комисијата за спроведување на постапката за субвенционирање/ надоместување на дел од трошоците ќе состават записник од прегледот на сите пристигнати барања и ќе достават предлог за субвенционирање/надомест на дел од трошоците или одбивање на барањето.

4.5. Исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати барања, се до искористување на предвидениот буџет за соодветната намена.

Начин на остварување на правото на надоместок

5.1. Врз основа на предлогот на Комисијата, Градоначалникот на Општина Прилеп ќе донесе Решение за одобрување  и исплата на средствата од Буџетот/одбивање на барањето.

5.2. По завршувањето на постапката ќе се изготви финална листа на баратели кои го остваруваат правото на субвенционирање/ надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на Општина Прилеп за купување на велосипеди за 2024 година  и истата ќе биде објавена во време траење од 15 дена на Веб страната на Општина Прилеп и огласна табла на Општина Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи