Со Семинарот за изучување на народните инструменти и песни денес почнува фестивалот „Пеце Атанасовски“ во Прилеп

Во рамките на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ кој годинава одбележува јубилеј, 50 години постоење, денеска почнува Семинарот за изучување на народните инструменти и песни.

Годинава учесници се 12 млади вљубеници во изворниот мелос, а предавачи на Семинарот се професор д-р Родна Величковска, која е и уметнички директор на Фестивалот, професор д-р Горанчо Ангелов, доцент д-р Стојанче Костов и м-р Горан Василески. Семинарот се одржува по 13-ти пат и досега учествувале преку 130 млади од земјава и странство кои го изучувале изворниот мелос. Семинарот се одржува во ученичкиот и студентски дом „Орде Чопела“ во Прилеп.

В петок на 5 јули во Прилеп, в сабота на 6 јули на Рудина, Долнени се фестивалските вечери со околу 250 изведувачи од цела Македонија.  По повод големиот јубилеј на Фестивалот, в петок по булеварот во центарот на Прилеп ќе дефилираат 50 гајдаџии од сите краишта на земјава.

В петок е и Симпозиумот „Фолклорот во минатото и денес“ кој издава и зборник со научни трудови од истражувањата на еминентни етномузиколози, етнокореолози за богатото фолклорно наследство. Во чест на јубилејот ќе биде промовирана и монографијата 50 години Фестривал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ – „Непресушен извор, за навек“.

„Фестивалот, од Смотри прерасна во национална манифестација која пет децении успешно го зачувува, го негува и го пренесува на новите генерации богатото фолклорно наследство. Фестивалот го носи името на идејниот творец, големиот гајдаџија и светски промотор на фолклорното богатство, Пеце Атанасовски. Во пет децении на Фестивалот учествувале преку 15 000 изведувачи на народни инструменти и песни од Македонија и од странство“, вели Горан Василески, претседател на Фестивалот.

Во чест на јубилејот, на првата фестивалска вечер, на камената бина на плоштадот „Александрија“ во Прилеп ќе настапи и националната институција „Танец“.

Во рамките на Фестивалот в сабота во Спомен-куќата во Долнени ќе биде потишан меморандум за соработка на Фестивалот со КЕЦ „Небрегово“ и со Манифестацијата „Зборникот на Конески“.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи